Молитва прва
Владико, Господи Исусе Христе, Боже наш, Извору на живот и бесмртност, Создателу на сета видлива и невидлива твар, совечен и собеспочетен Сине на беспочетниот Отец; Ти, Кој заради безмерната добрина, во последните денови во плот се облече, се распна и беше погребен заради нас, неблагодарните и неразумните, и со крвта Своја ја обнови нашата природа, во грев пропадната; Сам Ти, бесмртен Цару, прими го покајанието од мене грешниот, приклони го увото Твое кон мене и слушни ги зборовите мои: „Согрешив Господи, му згрешив на небото и пред Тебе и не сум достоен да погледнам во висините на славата Твоја, отстапувајќи од заповедите Твои и не слушајќи ги заповедите Твои!“ Но Ти си, Господи, незлоблив, долготрпелив имногумилостив, и не си ме предал да загинам во беззаконијата мои, секогаш очекувајќи го моето обраќање; зашто си рекол Човекољупче преку Твојот пророк: „Не ја сакам смртта на грешникот, туку да се обрати и жив да биде“. Не сакаш, Владико, делото на рацете Твои да го погубиш, ниту ја благоволиш човечката пропаст, туку сакаш сите да се спасат, и да дојдат во познание на Вистината. Затоа и јас, иако сум недостоен за небото и за земјата, па и за овој привремен живот, самиот себеси потчинувајќи му се на гревот и на сластите робувајќи им, и Твојот образ сквернавејќи го, сепак, Твое творение и создание сум, и не очајувам за своето спасение, јас бедниот, и дрзнувајќи се на Твоето безмерно милосрдие, приоѓам. Прими ме затоа и мене, човекољубив Господи, како блудницата, како разбојникот, како митарот и како заблудениот син, и земи го моето тешко бреме гревовно – Ти, Кој ги земаш гревовите на светот и немоќните човечки ги исцелуваш; Ти, Кој ги повикуваш измачените и обременетите при Себе и покој им даваш и Кој не си дошол да ги повикаш праведните, туку грешните на покајание. Очисти ме од секоја скверност на плотта и духот и научи ме да ја извршувам Светињата во страв Твој, та со чисто сведоштво на совеста моја да примам дел од Светињите Твои. Да се соединам со светото тело и крв Твоја и да Те имам Тебе жив, и во мене да престојуваш со Отецот и Светиот Твој Дух. Да, Господи Исусе Христе, Боже мој, нека не ми биде за осуда причествувањето со пречистите и живототворни Твои Тајни, ниту да изнемоштам со душа и тело, зашто недостојно се причестувам со нив, туку дај ми сè до конечното издихание мое, неосудено да примам дел од Светињите Твои, за заедницата со Светот Дух, на страшниот Твој суд. Та и јас со сите избрани Твои да бидам заедничар на Твоите неминливи блага, што си ги приготвил за оние кои Те љубат, Господи, во кои си препрославен вечно. Амин.
Молитва втора
Знам, Господи, дека недостоен се причестувам со пречистото Твое тело, и чесната крв Твоја; и виновен сум и судот свој го јадам и пијам, не разликувајќи го телото и крвта, на Тебе, мојот Христос и Бог. Но се осмелувам заради штедроста Твоја и пристапувам при Тебе, Кој си рекол: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, во Мене живее и Јас во него.“ Затоа, смилувај се Господи, и не отфрлај ме мене грешниот, туку стори со мене по милоста Своја. За да ми бидат овие Светињи за исцеление, за очистување, за просветлување, за запазување, за спасение и за осветување на душата и телото мое, за изгонување на секакво мечтаење, и лукаво делање и дејство ѓаволско, кое со помисли делува во моето тело; за смелост и за љубов кон Тебе, за исправање и утврдување на мојот живот, за пораст на секоја добродетел и совршенство, за исполнување на заповедите, за заедница со Светиот Дух, за попатнина кон вечниот живот и за благопријатен одговор на Твојот страшен суд; а не за суд или осуда.
Молитва трета
Боже, отпушти ги, остави ги и прости ми ги согрешенијата мои, со кои Ти згрешив, со збор, дело, или помисла, волно или неволно, разумно или неразумно, сè прости ми како Благ и Човекољубец. И по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, бесплотните Твои служители, светите сили, и сите светии, кои отсекогаш Ти благоугодуваат, благоволи неосудено да го примам Твоето свето и пречисто тело, и чесната Твоја крв, за исцеление на душата и телото, и за очистување на моите лукави помисли. Зашто Твое е царството, и силата и славата; со Отецот и Светиот Дух; сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Молитва четврта
Не сум достоен, Владико Господи, да влезеш под покривот на душата моја. Но бидејќи, како Човекољубец, Ти сакаш да живееш во мене, дрзнувајќи се пристапувам; повелаш, и ги отворам дверите кои Ти единствен ги создаде, за да влезеш со човекољубието Каков што си; да влезеш и да го просветиш помрачениот мој разум. Верувам дека ќе го сториш тоа, зашто не ја одби блудницата која со солзи Ти пристапи, ниту го отфрли митарот кој се покаја, ни разбојникот кој го позна Царството Твое, ни покајаниот гонител не го остави каков што беше, туку сите кои со покајание Ти пристапија ги вброи во редот на пријателите Твои; Ти, Кој си единствен благословен секогаш, сега и во бесконечни векови. Амин.
Молитва петта
Господи Исусе Христе, Боже мој, отпушти ги, остави ги, очисти ги и прости ми ги, мене грешниот, и непотребниот и недостојниот слуга Твој, прегрешенијата, беззаконијата и гревовните падови мои, кои од младоста, па сè до денешниов ден и час Ти ги согрешив, разумно или неразумно, со зборови или со дела, со помисли, со мисли или со настојанија и со сите мои чувства. По молитвите на Онаа, Која бессемено Те роди, Пречистата и Приснодева Марија – Твојата Мајка, единствената непостидна надеж и застапништво и спасение мое, удостој ме неосудено да се причестам со Твоите пречисти, бесмртни, живототворни и страшни Тајни, за прошка на гревовите и за живот вечен; за осветување и просветување, за крепост и исцелие и за здравје на душата и телото, за истребување и потполно погубување на моите лукави мисли и помисли, и потфати и ноќни мечтаења, од мрачните и лукави бесови; зашто Твое е царството, и силата и славата; и честа и поклонувањето; со Отецот и Светиот Твој Дух, и сега и секогаш и во бесконечните векови. Амин.
Молитва шеста
Верувам, Господи, и исповедам дека Ти си навистина Христос, Син на живиот Бог, Кој дојде во светот за да ги спасиш грешните, од кои прв сум јас. Уште верувам дека ова е самото Твое пречисто тело и ова е самата Твоја чесна крв. Затоа Ти се молам, смилувај се на мене и прости ми ги прегрешенијата мои, волни и неволни, направени со збор и со дело, со знаење и незнаење; удостој ме неосудено да се причестам со пречистите Твои Тајни, за прошка на гревовите и за живот вечен. Амин.