Празникот на Рождеството по плот на нашиот Господ Исус Христос, или Божик, е еден од најголемите христијански денови. Спаѓа во Господовите празници, кои се поврзани со настани од животот на Христос Господ. Заедно со Пасха, Рождеството е најславениот празник на Православната Црква.
На овој ден го славиме Воплотувањето на Бога Словото, кога Втората Ипостас на Светата Троица се симнала во светот. Бог стана човек, за човекот да може да стане бог, по благодат. Христос се симна од небесата на земјата, за човекот да го вознесе од земјата кон небесата. Христос дојде меѓу нас за да го спаси родот човечки, одново да го изгради разурнатиот мост на нашето заедничарење со Бога, да му ја врати на човекот првобитната и вистинска слава, да ни ја открие Божјата волја. Христос длабоко се смири Себеси за да нè воздигне нас, се роди во времето, за ние да го надминеме времето, и ја зеде нашата човечка природа, за да ја обожи. Поради сето ова ние славиме, се радуваме и празнуваме.
Дванаесет свети денови
Во раните векови на Црквата, Рождеството и Крштението Христово се славеле заедно, на ист ден (6/19 јануари), под заедничкото име Богојавление. Кон средината на 4. век, празнувањето на Божик било префрлено на 25 декември / 7 јануари, додека на 6/19 јануари продолжило да се слави Крштението Господово. На овој начин биле воспоставени дванаесетте свети денови, односно периодот од 12 денови меѓу Божик и Богојавление, во кои се вклучени и празниците на Обрезание Господово и св. Василиј Велики на 1/14 јануари.
Подготовка
Големото значење на божикниот празник, и почитувањето што христијаните му го оддавале, а под влијание на деновите на Великиот пост, довело до воспоставување на подготвителен период, за време на кој верните духовно би се подготвиле за „пат“ кон Витлеемската пештера. Овој четириесетдневен период е наречен Рождественски, или Божикен пост, и започнува секоја година на 15/28 ноември. Тропарите на нашите богослуженија нè потсетуваат дека сме навлегле во овој свештен период, дека духовно сме зачекориле на патот кој води кон умниот Витлеем, односно Црквата, во која Христос се раѓа за да го обнови секој оној којшто искрено верува во Него. На празникот Воведение на Пресвета Богородица во Храмот (21 ноември / 4 декември), ја пееме Божикната катавасија, во која на почетокот се вели:
„Христос се раѓа, славете Го;
Христос (доаѓа) од небесата, пресретнете Го!
Христос (е) на земјата, вознесете се;
пеј Му на Господа цела земјо,
и со веселие воспејте Го, луѓе,
зашто се прослави“.
А од денот на Одданието на Воведението на Пресвета Богородица (26 ноември / 9 декември), започнуваме со пеење на кондакот на Претпразненство:
Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш
и земјата на Недостапниот пештера Му принесува.
Ангелите со пастирите Го прославуваат,
а мудреците со ѕвездата патуваат;
зашто заради нас се роди Дете младо,
Превечниот Бог.
Пост
Христијаните постат четириесет дена, од 15/28 ноември до Бадник, односно 24 декември / 6 јануари. Во овој период ние не јадеме месо, млеко и јајца. Може да јадеме риба, освен, се разбира, во средите и петоците (исклучок е Воведението на Пресвета Богородица; на овој празник, ако се падне во среда и петок, повторно се благословува јадење на риба). Но, риба е дозволено да се јаде до 17/30 декември.
Внимавај: Бадник е, исто така, ден за пост, затоа што христијаните се подготвуваат за денот на Рождеството Господово, за учество во празничната Божествена Литургија. Оттука, ноќта во очи на Божик е особено важен период за вдахновеност и духовна припрема за утрешниот голем настан).
Пост од храна и страсти
Секогаш треба да имаме на ум дека вистинскиот пост, во нашата Црква, не се состои единствено во воздржување од одреден тип храна, туку и воздржување од страсти и гревови. Св. Фотиј Велики вели: „Богоугоден е оној пост сочинет од воздржување од храна и одвраќање од многусловие, завист, омраза и други гревови. Оној што пости телесно, а не ги смирува страстите, личи на човек кој поставил величествени темели на куќата што ја изградил, но дозволил во неа да живеат змии, скорпии и секакви отровни влекачи“. Оттука, нашата цел е еден духовен пост, избегнување на гревот и пазење на Божјата волја, за на тој начин да бидеме вотелотворување на љубов, проштевање и милост, но и да ревнуваме за здобивање на уште поголеми добродетели. На овој начин подобро ќе ги разбереме и сфатиме зборовите на св. Василиј Велики: „Вистинскиот пост е оддалечување од секое зло, од секаков грев, од секакви страсни помисли, од секакви нечисти желби.“
Покајание
Заедно со постот, во нашата подготовка за Божик го вклучуваме и покајанието. Искрено себеиспитување, признавање за своите прегрешенија, учество во Светата тајна Исповед – сето ова е потребно за достојно учество во Божикната Божествена Литургија. Навистина, добро е да се погрижиме и кон Светата Причест да пристапиме благовремено, а не во последен момент.
Подготвителниот предбожикен период ни нуди една прекрасна можност за добро да ја разбереме мизеријата што ја криеме длабоко во нашите битија, со цел да здобиеме смирен дух и самоконтрола, за умно да бидеме преобразени, искрено да се покаеме, и да се осмелиме да Го пресретнеме Господарот роден во Витлеем.
Богослужби
За време на четириесетте дена на духовна подготовка и исчекување на Божик, молитвите на верните и нашето учество во црковните богослужби имаат суштинска улога. За време на овие денови се слават многу празници, слави и светители, за на тој начин, преку вечерните и утрените богослужби, преку Литургиите, да се приближиме повеќе кон благодатта Божја. Истовремено, постои предание според кое во овие денови секојдневно се богослужи Божествена Литургија, со што ни се дава можност да бидеме будни, за постојано да сме во заедница и единство со Бога. Се богослужат т.н. „Четириесет Литургии“, една навистина единствена можност во годината за верниот народ да може да доживее духовна обнова, будност и светост.
Значи еве го, пред нас е патот кон Витлеем. „Дојдете, верни, да видиме каде Христос се раѓа“, пееме в црква. Да го следиме советот на нашата Мајка Црква, и соодветно да се подготвиме во деновите што ни служат, за достојно да Го славиме „Постариот од деновите, Кој Младенец станува поради нас, зашто Оној Кој на Престол Небесен на висините седи, во јасли се положува, Оној Кој ги раскина оковите на гревот во повој сега се повива, оти таква е волјата Негова.“ (Св. Јован Златоуст)