Обраќање на Патријархот Кирил по повод Меѓународниот ден на заштита на децата

"Обраќање на Патријархот Кирил по повод Меѓународниот ден на заштита на децата"

Преосвештени архипастири, сечесни презвитери и ѓакони, драги браќа и сестри во Христа!

На 1 jуни ќе се одбележи Меѓународниот ден на заштита на децата, кој се одбележува секоја година по иницијатива на Организацијата на Обединетите Нации. Овој ден треба да ни напомне за огромната одговорност која е положена врз нас од страна на Создателот за поколенијата што се во раст.

Светото Писмо не случајно децата ги нарекува наследство од Господа и награда од Него (Пс. 126, 3), укажувајќи на тоа дека благодарение на овој најголем Божји дар човекот добива уникатна можност да ја почувствува својата причасност (удел) во раѓањето на нов живот. Притоа, зборувајќи за заштитата на децата, луѓето често забораваат на тоа дека грижата за благосостојбата на детето не е тема за некакви возвишени философски беседи и размислувања, туку едно од најактуелните прашања на современоста. И прво во врска со тоа што мене особено ме загрижува како Патријарх, како Претстојател на Црквата – тоа е проблемот со абортусот.

Дури и сувопарните бројки од официјалната статистика го тераат човека внатрешно да се потресе од ужас: само во 2015 година, во нашата држава биле извршени 746 илјади медицински прекинувања на бременоста. Тешко е дури да си претставиме какви се реалните размери на оваа трагедија. Абортусите навистина станаа национална трагедија која секоја година одзема повеќе од милион наши сонародници.

Убеден сум дека еден од најважните чекори за преодолевање на овој проблем е правовремената и сложена помош за жените кои се нашле во кризна животна ситуација. За решавање на ова прашање, Црквата зема активно и дејствително учество, градејќи специјални домови и хуманитарни центри каде што бремените жени, со децата, можат да се обратат за материјална поддршка. Дури и малата помош е способна да ја убеди жената да се откаже од извршување на абортус или да се реши да го остави своето дете во родителски дом.

За да им се помогне на жените кои што се наоѓаат во тешки ситуации и да се отворат нови социјални центри, овој неделен ден ве повикувам да одговорите на мојата молба и да ја оставите Вашата лепта за едно добро општоцрковно дело. Собраните средства ќе бидат префрлени на сметката на Синодалниот оддел за црковно милосрдие и социјално служење кој врз себе ќе ја земе одговорноста за распределување на овие средства и организација на центрите за хуманитарна помош.

Патријарх Московски и на цела Русија,
КИРИЛ