Драги браќа и сестри!
Срдечно Ве поздравувам сите вас со големиот празник Сретение Господово, а исто така со одбележувањето на Денот на православната младина.
Според создадената традиција, ние денес особено се молевме за младото поколение, за Господ во младите срца да ја зајакне верата и љубовта кон Бога, да им даде на младите луѓе сила да го следат патот на Евангелието и способност во овој лукав свет „да ги разликуваат духовите“ (1 Кор. 12. 10), разликувајќи го доброто од злото, вистината од лагата, она што навистина е вредно од минливото и пропадливото.
Ние живееме во ера која со право се нарекува информатичка. Распространетите севозможни електронски средства за комуникација и виртуелни односи, за жал, сè почесто на луѓето им го заменуваат живото меѓуличносно општење. Но, покрај новите технолошки можности, многу е важно да не се затворате во нереален свет, да не ги губите живите човечки односи, зашто позади екраните на мониторите, ај-падите и смартфоните не можеш да ја видиш човечката душа, нема да го почувствуваш соговорникот како што треба, а токму тоа е вредното во било кое општење. Убеден сум дека значајно место на средба и личен духовен развој за младите луѓе може да биде токму парохиската општина.
Ме радува тоа што во нашата Црква се појави прекрасна традиција на доброволно служење на младите, при што момчињата и девојките, обединувајќи се во верата и љубовта кон Бога и ближните, се стремат да ја споделат својата срдечна топлина и внимание со оние кои ги опкружуваат, помагајќи им на оние кои имаат особена потреба за тоа: децата сираци, старите и тешко болните луѓе. Давајќи честичка од самиот себе, ние добиваме нешто многу повеќе: среќа да се биде потребен на друг, радост од свесноста за тоа дека овој свет го правиме малку подобар.
Поздравувајќи Ве сите со празникот на Сретението Господово, ви посакувам, драги мои, сила, духовна бодрост, душевен мир и Божја помош во сите добри дела и почетоци.