Ова чудо ја подели историјата на два дела

"Ова чудо ја подели историјата на два дела"

Драги верници,
Денес Христос се роди!

И чудото на Неговото воплотување што ги надмина законите на природата ја восхити сета земја, го обнови сиот свет, ја подели историјата на два дела; и минувајќи цели дваесет века, ни е познато и нам, денес. Денес Спасителот е роден! И оваа вест донесена од ангелите на небесата, најпрво примена од пастирите, блесна како молња до сите краеви на земјата.

Оваа вест, која Ирод го исплаши и целиот Ерусалим со него (Мт. 2,3), како духовна труба одѕвонува од век во век, од место до место, од брег до брег; и денес таа доспеа до нашите срца. Слушајќи ја веста, бедните се радуваат, грешните се веселат, слепите прогледуваат, болните се утешуваат, фатените се креваат. Узнавајќи ја веста, говорниците се стаписаа, зашто учените замолчија, девиците запеаја, а младенчињата заиграа.

Денес Христос се роди! И заповедта одозгора што ангелите радосно ја пееја, пастирите ја објавија, Дева и Јосиф ја слушнаа, а народите ја повторуваа, се пренесе низ времето како песна на примирјето склопено меѓу човекот и Бога; и ние, исто така, денес ја пееме.

Денес Господ дојде во светот! И ѕвездата што од исток засвети и за чудото проговори и мудреците ги повика на пат, се пренесе по поколенија, градови и кралства чиј број не се знае, по безбројни народи; и денес ја гледаме како свети под куполите на Црквата Христова. И така, чудото на Христовото Рождество, добрата вест, ангелската песна и светлината на ѕвездата нè собраа заедно во црква денес, браќа, за да се радуваме во Господа и духовно да празнуваме.

Денес Ирод се избезумува, но народите се радуваат. Ерусалим се мачи, а краевите на вселената од радост потскокнуваат. Израелските книжници се сомневаат, а земните племиња веруваат. Синовите од Христа се откажуваат, а робовите Го примаат. Хулителите Го проколнуваат, а верните Го обожуваат.

Попусто Ирод се избезумува, и цел Ерусалим со него – зашто денес Спасителот се роди. Попусто избраните Го презираат – зашто незнабожците Го примаат. Попусто мечот крвав се труди да Го убие – зашто туѓинци Го засолнуваат. Евреите Му дадоа бедна пештера како на туѓинец, а незнабожците Му посветија безброј цркви, богато украсени, како [што доликува] за Господарот на сè.

Евреите Го положија во јасли со сено, а незнабожците Го примија во срцата нивни. Евреите крајно Го презреа, а незнабожците Му донесоа злато како на Цар, темјан и смирна како на Бог и Човек.

Попусто Ирод се избезумува, и синовите Израилеви умот го губат, и децата на Рахил невино со меч ги колат – зашто денес Христос се роди, и сите народи Го слават. Христос се симнува од небесата, и народите Го поздравуваат; Христос се појавува на земјата, и сè што дише Него Го фали.

Денес се исполни времето.

Рождество Христово

Денес радоста ангелска и човечка се обединува, небесата и земјата се помирија, Бог се снижи и просто им се појави на луѓето. Денес Стариот и Новиот Завет во Витлеем се сретнаа. Денес пророците ликуваат гледајќи го исполнувањето на нивните пророштва. Денес Адам и Ева со радост Му се поклонуваат на Новиот Адам.

Да појдеме, браќа и сестри, до витлеемската пештера, водени од ѕвездата на верата, за да го видиме чудото што се случува таму. Ќе најдеме една мала пештера, и во неа ќе видиме една нетлена Дева, а крај неа, стариот и побожен лик на праведниот Јосиф; ќе видиме и јасли со сено, а во нив – гледај, чудо! – Божествен Младенец, завиткан во повои. Ќе ги чуеме ангелите како пеат, ќе ги видиме пастирите како слават, и мудреците како се поклонуваат додека ги отвараат нивните подароци… Дојдете сите народи од земјата, да Го сретнеме црковниот Младоженец како во наша облека се облекува за да нè обожи.

Дојдете денес; да Го сретнеме долгоочекуваниот Месија. Дојдете, девици, да видите како Дева раѓа нетлено. Дојдете, мајки, да видите како Дева в раце Го држи Оној Кој земјата на води ја основа. Дојдете и видете како рацете мајчински Го лулаат Оној Кој се допре ли до горие, тие димат (Пс. 103,32). Дојдете и видете: повиен во повој, Оној Кој небесата во облаци, а земјата во трева ја облекува. Дојдете и видете како млеко пие Оној, Кој на луѓето леб им дава, а земјата со ран и доцен дожд ја наводнува.

Да славиме денес со радост крај јаслите Исусови. И нема само да минеме оттука, нема да бидеме само поклоници, ниту само благовесници на чудото. Околу престолот ќе ги видиме светите апостоли Христови, чесните маченици, великите монаси – светители, и соборот на светите отци. Ќе видиме мајките кои утеха чекаат од Мајката, девиците кои помош просат од Дева, младенците кои примаат благослов од Младенецот, војниците кои бараат заштита од Оној Кого луѓето Го гонеа, онеправданите кои за правда Го молат Судијата. Ќе ги видиме и грешниците како примаат простување, слепите како светлина просат, болните како очекуваат исцеление, гладните кои леб просат, жедните кои жеднуваат за чиста вода.

Возљубени верни чеда,

Денешното слово ќе го завршиме со две прашања. Првото: како ќе Го примиме Христа? Со сомнеж, како древните јудејци, или со вера, како незнабожечките мудреци? Ќе Му дадеме ли покој во тајните јасли на нашите срца, или ќе Го избркаме од градот на нашите души, како Ирода? Ќе ги жртвуваме ли своите животи, души, сили, умови, и сè што цениме, за Спасителот? Ќе Го сретнеме ли денес Христа, откако претходно сме се помириле еден со друг, сме се исповедале и соединиле преку Тајните? Или ќе Му пристапиме исполнети со омраза, поделби, неисповедани, помрачени од страстите? Секој нека даде одговор пред совеста на ова прашање; а ние, раскрилени во радоста на празникот, ќе продолжиме со следното прашање: Ја носиме ли благата вест за Рождеството Христово во нашите домови, на нашите деца, роднини, браќа и сестри? Или, од мрзеливост ја одрекуваме Тајната на Воплотувањето? Го правиме ли она што мудреците и пастирите го правеле, или остануваме незаинтересирани како порано? Ако сме се скамениле, или сме заборавиле на своето христијанско достоинство во минатото, нема веќе да бидеме мрзеливи.

Секој од нас нека стане гласник на чудото во Витлеем. Вратете се дома. Понесете ја радоста на спасението онаму каде што сè уште не влегла. Поведете ја до домовите на сиромашните. Толкувајте ја среде трпезите на оние во потреба. Повторувајте ја крај болничките кревети на болните. Влезете онаму каде ние не можеме да влеземе. Тропајте на срцата на оние што се раскарани. Помирете ги искараните, утешете ги оние што страдаат, потсилете ги оние што се сомневаат, затоплете ги незаинтересираните; разгорете ги млаките, доведете ги изгубените до Христа. Отворете ги денес вратите болнички, стапнете преку портите на ослабените, чујте ја песната на сираците, и на сите објавете им ја благата вест со помош на изобилството љубов во вас, и на сите кажете им дека денес Господ се роди во светот. Амин.

Архимандрит Јакинт Унчулеак