Патријархот Кирил ја изразил надежта за добар исход од дејствијата во Сирија

"Патријархот Кирил ја изразил надежта за добар исход од дејствијата во Сирија"

Неговата Светост, Патријархот московски и на цела Русија Кирил ја изразил надежта дека учеството на Русија во решавањето на сирискиот конфликт ќе го донесе долгоочекуваниот мир во блискосточниот регион. „Руската православна црква повеќепати го повикуваше раководството на Русија, но и на другите земји и меѓународни заедници да не бидат рамнодушни пред страдањето на цивилното население во Сирија и другите земји од регионот.“

– Не од гласини, туку преку лични контакти со лидерите од Блискиот Исток сме запознаени со катастрофалната ситуација во која се наоѓаат тие луѓе – изјавил Патријархот, напомнувајќи дека православните народи низ светот со болно срце слушаат за бројните случаи на насилство врз христијаните, но и муслиманите.

– За жал, сите политички процеси досега не доведоа до значително подобрување на положбата на овие невини луѓе и ним и е потребна воена заштита. Руската Федерација донесе одговорна одлука за употреба на нејзините вооружени сили за одбрана на сирискиот народ од злото на терористите. Веруваме дека оваа одлука ќе ги доближи мирот и правдата во оваа древна земја – истакнал тој.

Претстојателот на Руската Црква укажал на тоа дека неговите молитви се насочени кон тоа овој локален конфликт да не прерасне во голема војна, но и руските воени трупи безбедно да се вратат во нивните домови: „Понекогаш, најопасните и најстрашните крвопролевања започнуваат далеку од нашата татковина, за подоцна токму ние да ги претрпиме најтешките последици од нив. Доволно е да се потсетиме што се случуваше во 20-от век.“

Истовремено, Патријархот упатил апел и кон присутните да се молат за рускиот народ, особено на св. Сергиј Радоњешки: „Да се помолиме на Бога за Неговата милост да биде со сите нас, и нашата татковина да биде заштитена од непријателски напади, штетни ветришта, смртоносни рани и секое зло“.

Извор: Московска Патријаршија, Интерфакс