Новинари од поголемите турски весници (Хуријет, Сабах, Заман, Тараф, Доан Абер Ајанс итн.) ја посетија богословијата во Халки (остров во Мраморното Море) како дел од активностите на европската програма „Малцински граѓани – Еднакви граѓани“. Во моментов богословијата работи на менување на нејзиниот статус за да може повторно да биде отворена.
Деканот на богословијата, Митрополитот Бурсаски г. Елпидофор ги прими новинарите и им ги прикажа преземените потфати пред отворањето на богословијата, како реконструкцијата на фасадите, реновацијата на интернатот и училниците, и ревизијата на училишната програма. Тој исто така им говореше за планираната дигитализација на непроценливата богословска бибилиотека. Одговарајќи на новинарско прашање, г. Елпидофор објасни дека не постои правна причина што го спречува повторното отворање на богословијата, и дека попрво се работи за прашање на политичка волја. Претставникот на грчкото малцинство во Турција, г. Лаки Вингас посочи дека богословијата во Халки е клучно прашање поврзано со Вселенската Патријаршија. Гласноговорникот на Патријаршијата, пак, о. Доситеј, нагласи дека дипломираните богослови од таа богословија ѝ служеле на Црквата низ целиот свет, и дека самиот Патријарх Вартоломеј е нејзин дипломец.
Богословијата е основана во 1844 г. Била активен образовен центар до нејзиното затворање од страна на турските власти во 1971 г.
Извор: The Greek Reporter