Оваа недела (25.07.2021 год.) во Валаамскиот манастир беше опелото и погребот на нашиот сакан архимандрит Методиј, најблискиот соратник на игуменот на северната обител во Русија, епископот Панкратиј. Архимандритот Методиј го возглавуваше Православниот Културно-Просветителски Центар „Светлината на Валаам“ и пречекуваше многубројни гости и пријатели на манастирот, вклучувајќи го и Претседателот на Русија Владимир Путин. Кон о. Методиј сите се однесуваа многу топло: според зборовите на Неговата Светост Патријархот Кирил, неговиот живот беше воплотување на Христовата заповед: „Како Јас што ве возљубив вас, така и вие да се љубите еден со друг“. Неодамна пред да почине, архимандритот Методиј успеа да даде интервју за РИА Новости – за љубовта кон луѓето, улогата на Русија во светот и за животот во манастирот, а исто така и за тоа, како да се биде среќен.
-О. Методиј, Вие скоро 30 години среќавате гости на Валаам кој од познатите луѓе го посетувал островот?
Доаѓаат адмирали, генерали, архиереи, претседатели…
-Веројатно големите луѓе не доаѓаат со празни раце? Треба ли да се примаат подароци, притоа и скапи?
Во православието подароците не се забранети. Светите отци не ни забрануваат да примаме подароци, затоа што во тоа има признак на гордост. Ако подарокот не ти е потребен, треба да го дадеш на оној кој има потреба од него. Во тоа нема лицемерност и лукавство, тоа е заповедано од Бога.
Тоа исто така е длабока традиција во руската државност – да се даваат подароци. Императорите доаѓале во манастирите со подароци. Знаете зошто? Премудриот Соломон пишува: кога добиваш подарок од човек, тој ја наклонува твојата душа кон него. Јас исто така сакам подароци, но највеќе сакам да подарувам. Блажен е оној кој дава, и помалку блажен е оној кој прима.
-Во едно интервју вие споделивте дека ви даваат фотографии. Вие ги колекционирате?
Не, не сакам никого да навредам. Фотографијата е мал знак на внимание – дел од добродетелниот живот на другиот човек. Не треба во човекот да се отсекува стремењето кон доброто битисување.
-Кој подарок е најдраг за Вас?
Јас се родив далеку од пределите на Русија, во Македонија, и за голем подарок од Господ го сметам тоа што живеам во Русија и го сретнувам познатите луѓе. Ми се чини дека длабоко во срцето на рускиот човек е заложена љубовта кон Бога. На рускиот човек му е до Бога – да подаде рака затоа што рускиот народ е богоносен. Тој претрпел страшни гонења, искушенија. Господ преку оганот на искушенијата го приведува рускиот човек кон себе. А високопоставените државни луѓе од Русија, како умни, мудри луѓе ја бараат духовноста во својот народ. Оној кој ја бара таа духовност, ја добива од прва рака.
-Странските гости во манастирот исто не се редкост: како пандемијата го измени односот меѓу народите, се појавија ли повеќе противречности?
За време на пандемијата кај луѓето има тревога, страв. Ние со такви искушенија не се среќаваме прв пат. Но особени противречности помеѓу луѓето нема.
-Во последните години против Русија регуларно се воведуваат санкции: што мислите, со што е поврзано тоа?
Зошто таква омраза кон Русија, зошто западните земји не гледаат во нас пријател? Одговорот е само еден, како што рекол Господ: „Не се плаши мало стадо, како мене што ме гонеа, и вас ќе ве гонат. Како мене што ме мразеа, и вас ќе ве мразат“. Русија е земја сакана од Господ, Русија денес е извор на вистинското православие, исповедништвото, верата која му е неопходна за човекот. Затоа сите сили на адот (не само на Западот) стануваат против вистината која ја проповеда Русија. Таа омраза не е кон Русија, а кон Господ. Мислам дека Господ има големи планови за Русија.
Напишано е дека во последните времиња многумина ќе станат против вистината. Денес, да се чува вистината, вистинското учење, е многу тешко. Денес постојат многу секти. На човекот му е тешко да се снајде како да пријде кон Бога. Но Русија е земја која високо го држи знамето на православието, затоа против неа се извршуваат многу напади.
-Како да се одговори на тие напади?
Преподобниот Серафим Саровски рекол река Русија секогаш ќе биде силна и страшна за непријателите. Знаете ли зошто? Има два фактори кои ја прават непобедлива: духовниот и атомскиот штит. Се разбира, по христијански ние сите ги љубиме, за сите се молиме, се грижиме. Ако некој во семејството боледува, никој од семејството не се весели. Ние исто така се грижиме за целиот свет и се молиме да замине злобата од Божјите народи. Воопшто сега има огромен дефицит на љубов – во општеството, во семејствата и дури во манастирите.
Погледнете на Африка, на другите континенти – колку таму луѓето се далеку од вистинкото православие или воопшто живеат без исповедањето на Бога. Ние не можеме да се радуваме на тоа. Господ дојде да го спаси целиот човечки род. А ние се наоѓаме во центарот на таа вистина – во православието, ние се грижиме и длабоко страдаме за оние кои се далеку од неа.
-Како се пројавува тој дефицит на љубов?
Ние сме далеку од идеалите кои ни ги дале светите отци. Современиот човек е ранливо, нежно суштество. Тој има потреба од снисходителност. Кога човек доаѓа, на пример, во манастир, тој во себе носи гревовен товар. Се разбира, гревот го оптоварува, конечно, целото човештво.
-Велат дека Валаам е многу силно духовно место. Се случува ли луѓето да се чувствуваат тука некомфортно?
Многумина мислат дека животот во манастирот е лесен, дека монасите само се молат и ништо друго не прават. Манастирот – тоа е специјална сила. Само духовно силните луѓе можат овде да преживеат. Ова е место на многу голем аскетски подвиг. Од светска гледна точка тоа е ненормално: како човекот може да ја победи природата ако е врзан од природата? Но, „каде што Бог сака, таму се победуваат законите на природата“ (од канонот на преп. Андреј Критски – ред.). Ако човекот бара од Бога таков дар, тој може да ја победи и природата. Човекот и во светот може да живее ангелоподобно, но само во Божествената благодат. Но ако човекот мисли дека со своите сили може да ја победи природата, тој е веќе поразен.
-Може ли монахот да го напушти манастирот и во кој случај?
Има неколку причини по кои монахот може да го напушти манастирот, дури и никого да не праша: ако во манастирот игуменот исповеда еретичко учење или распространува страшни гревови кои влијаат на тебе и ти штетат на душата.
-Животот во манастирот, во борбата со гревот е тешка и облачна?
Многумина велат дека животот во манастирот е тежок, сив, досаден. А светите отци велат дека тој е многу лесен, пријатен, радосен. За тоа се потребни две добродетели: љубов и смирение. Ако човекот преуспева во тоа, нему му е лесно да ги љуби ближните, да ги пројави скриените својства на својата прекрасна божествена душа, кои му се дадени од Бога. Целата смисла на монашкиот живот се состои во тоа човекот да ја пронајде внатрешната светлина која несомнено постои во нашата душа. Господ рекол: „Царството Божјо е во вас внатре“, само ние треба да го најдеме и потоа да го оддадеме на Бога и на луѓето.
-Кога ги среќавате луѓето, како ги привлекувате кон себе, во што е тајната?
Тоа не е сложно. Целото Евангелието за тоа и зборува – како да се љуби Господ и својот ближен. Да се љубат ближните, дури и непријателите е лесно. Кога човекот ги сака непријателите, тој, како прво ја исполнува Божјата заповед. Како второ, Го подражава Создателот, Кој е најголема љубов. Како трето, прави добро дело на милосрдност кон човекот кој има потреба. Како четврто, во себе изградува каракрет полн со љубов. Таквиот карактер му е потребен на човекот затоа што човекот кој не љуби, тој е странец во пустиња, кој е жеден, кој сака да се напие вода, а неа ја нема. Ние така сме создадени од Творецот, да Го љубиме Бога и ближниот е смислата на нашето постоење.
Јас мислам дека ако човекот кон тоа пристапува со молитва, искрено, Господ обавезно ќе го утеши, ќе му помогне. Нашите души се многу меки, нежни, нив лесно е да ги покориш. Но има души жестоки како челик, таквите имаат потреба не само од зборови, но и од пример, имаат потреба од надворешни чуда за да има некаков знак од самиот Создател.
Има случај кај светите отци. Преподобниот Антониј Велики имал два келејника: светите Макариј Велики и Макариј Египетски. Антониј им рекол: „кога ќе дојде кај вас недуховен прост човек речете: „авва, дојде египќанец“, нахранете го и отпуштете го со мир. А ако дојде човек со љубопитен, философски строј, кажете дека дојде израилец. Доведете го кај мене, јас ќе позборувам со него.
Ние немаме време на сите да им дадеме еднаква количина на внимание, но има души кои имаат потреба од тоа, а има и такви кои уште не се разбудиле за духовниот живот.
-Од познатите луѓе – кон кои ви било најсложно да се доближите?
Јас не би ги делел, пред Господ сите се еднакви. Господ така го создал човекот, во неговото срце ја вложил љубовта кон Бога и кон ближниот. Како монасите се настројуваат за да не го осудат својот ближен? Кога монах влегува во келија на еден брат, гледа дека кај него е како во аптека – сé е наредено внимателно, чисто. Не треба да се осудува за тоа што тој одделил толку време на надворешните детали. Монахот си вели: „Колку прекрасна душа има братот: кај него сé е хармонично, целосен поредот“. Одејќи кај друг брат гледа дека кај него под светиот агол калчуни, чорапи, валкано. За да не го осуди дека е мрзелив треба да си рече: „Колку богољубива душа има братот, нема време да ја среди келијата – цело време се моли“. Секогаш треба да се најде начин за во човекот да се видат само добрите црти.
-Ако човекот во себе чувствува недостаток на љубов, како може да ја дополни, да ја воспита?
Дефицитот на љубов може да се дополни само од Господа. Господ е извор на љубов, од него црпеме, нашите сили се ограничени. Човекот поради немоќ предава, се оддалечува од Бога. а Господ е верен и близок. Он на сите е спремен да ги даде своите добра, но човекот треба искрено да Му се обрати. Ако на човекот му недостасува љубов, нека проси и сештедриот Бог Кој на сите им дава изобилно.
Како што е напишано кај премудриот Соломон, ако човекот ја бара Божјата премудрост, не треба далеку да оди по неа, таа го чека пред прагот на домот. Господ е блиску, тој е до нас. Најголем дар од Бога е што можеме да Му се молиме, и Он нé слуша. Он е секогаш блиску, ако човекот искрено Му се моли.
Превод: свештеник Филип Станковски