Поука на Благовештение

"Поука на Благовештение"

од Свети Теодор Студит

Благовештение, икона

Браќа и отци! Ни пристигна Благовештението. Со благоговение ние го почитуваме првиот Господов празник. А во што се состои Таинството на Благовештението? Во тоа дека Синот Божји стана син Човечки, избирајќи го посредништвото на Света Дева, вселувајќи се во Неа, создавајќи од Неа храм за Себе и станувајќи совршен човек, заради искупувањето на човекот од проклетството на законот (Гал. 3,13). Затоа, да станеме синови Божји и да не бидеме веќе слуги на ѓаволот – да станеме слободни; не страстни, туку бестрасни; не телољубиви, туку Богољубиви; не телесни, туку духовни. Зашто, оние што се телесни, по тело и мудруваат, а оние што се духовни – по Дух. Оти телесното мудрување е смрт, а духовното мудрување е живот и мир. Телесното мудрување е непријателство за Бога, зашто не се покорува на Божјиот закон, ниту пак, може (Рим. 8, 5-7).

Ете во што е смислата на Таинството. Оттука следи дека ние мораме духовно да празнуваме и духовно да живееме во преподобност и вистина, во љубов и кротост, во мир и долготрпение, во благост, во Светиот Дух, за онолку колку што од нас зависи, воплотувањето на Господ Исус Христос да не биде залудно и јалово за нас.

Ние мораме да се молиме и да тагуваме за светот, зашто Синот Божји дојде светот да го спаси, а светот Го отфрла. Не Го примаат племињата и народите: го отфрлаат варварските народи, Го издаваат и оние што Го исповедаат Неговото свето име. Едните со искривена вера, а другите со порочен живот.

Што требаше да се стори, што Господ не стори? Бивајќи Бог, Тој стана човек, се смири Себеси и беше послушен до смрт, и тоа смрт на крстот (Фил. 2, 8); ни го дари за јадење Телото Свое, и за пиење Крвта Своја; нè удостои да Го нарекуваме Отец и брат наш, глава, учител, младоженец и сонаследник – не може ниту да се наброи сè. И покрај тоа, Тој е отфрлен, и трпи: „не дојдов да го судам светот, туку светот да го спасам“ (Јн. 12, 47).

А што да речеме ние на тоа, браќа? Дека вистинските ученици, гледајќи го непослушанието и бунтот на своите другари, тагуваат и жалат поради нив, на тој начин покажувајќи ја љубовта што ја имаат кон својот учител и другари.

И великиот Апостол им заповеда на христијаните да произнесуваат молитви, прозби, молење и благодарење за сите луѓе (1Тим. 2, 1-2). Тој вели и друго, повозвишено: „Ви зборувам вистина во името на Христа, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христа за браќата свои, моите сродници, по плот“ (Рим. 9, 1-3). Ја гледаш ли силата на љубовта? Ја гледаш ли височината на човекољубието? Истово го покажа и Мојсеј, кој на Бога Му велеше: „И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.“ (2Мојс. 32,32).

Така и ние, како искрени Христови ученици, а не незаконити деца, мораме да тагуваме не само за себе, туку и за браќата во целиот свет, и да патиме, и да се молиме. На тој начин, правејќи угодно дело пред Господа, ќе го наследиме вечниот живот, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му приличи слава и власт со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.