Преполовение

"Преполовение"

Повеќето од верните не знаат за овој празник. Освен свештенството и по некои христијани кои се потесно поврзани со нашата Црква, повеќето не ни знаат дека овој празник постои. Ретки се тие што на овој ден одат в црква, а повеќето од нив не ни претпоставуваат дека средата по Неделата на фатениот Црквата празнува голем Господов празник, празникот Преполовение. А сепак, овој празник во минатото бил еден од централните празници на Великата Црква на Константинопол, и толпи народ учествувале во празнувањето.

Човек треба само да ја отвори книгата За уредувањето на царството од царот Константин Порфирогенит, за да го види официјалниот поредот на празнување на празникот, онака како што се празнувал до Преполовение во 903 г. по Хр. во црквата на светиот Мокиј, во Константинопол, односно до обидот за убиство на царот Лав Мудриот (11 мај 903 г. по Хр.). Да се прочитаат само неколку страни и да се увиди дека е објаснето, преку познатата чудна византиска терминологија, дека утрото на празникот, царот, облечен во свечено царско руво, со неговата придружба ја напуштал својата палата и се упатувал кон црквата на св. Мокиј, каде требало да се богослужи Божествена Литургија.

Наскоро пристигала и литијата, предводена од Патријархот, и така, царот и Патријархот заедно влегувале в црквата. Се служела Литургија со вообичаениот византиски сјај. Потоа, царот приредувал трпеза, на која присуствувал и Патријархот. А потоа царот, придружен со извици од толпата „Во многаја и благаја лета Бог да го води царството Ваше“, се враќал назад во свештената палата, со бројни попатни застанувања.

И во денешните литургиски книги, во Цветниот Триод, може да се видат остатоци од овој древен сјај. Празникот е обележан како голем Господов празник, со засебни тропари и два канона, дела на великите химнографи Теофан и Андреј Критски, и влијание врз претходната и следната недела, и осумдневен период на празнување, како што е вообичаено за сите големи празници во црковната година.

Преполовение на Педесетница

Но, што е мотивот на овој празник? Секако, тоа не е некој евангелски настан. Мотивот е чисто празничен и созерцателен. Средата на Преполовението е 25-от ден после Пасха и 25-от ден пред Педесетница. Го означува преполовението, средишната точка на педесетте празнични денови после Пасха. Со други зборови, празникот е една станица, еден пресек.

Односно, без да има своја конкретен мотив, ги поврзува мотивите на Пасха, од една, и Слегувањето на Светиот Дух, од друга страна, наговестувајќи ја славата на Господовото Вознесение што следува за петнаесет дена.

Евангелското четиво што е избрано за овој ден е исто така значајно. На преполовението на празникот на јудејската Пасха, Исус пошол во храмот да поучува. Неговото учење ги зачудило сите, но привлекло и раздор меѓу Него и народот и учителите. Тие си мислеле: „Дали е Исус Месијата или не? Дали Неговото учење е од Бога или не?“ А сега имаме и нов момент: Исус поучува. Исус е учител. Иако никогаш не бил поучуван, Тој владеел со полнотата на мудроста, зашто Он е Премудроста Божја што го создала светот. Токму овој дијалог е основа за поголемиот дел од празничната химнографија на Преполовението. Оној Кој поучува во храмот, среде учителите на јудејскиот народ, среде празникот, е Христос Месијата, Словото Божјо. Оној Којшто е осуден од т.н. народни мудреци е Премудроста Божја.

Неколку стиха подолу во Евангелието според Јована, веднаш после делот каде што е пренесен дијалогот меѓу Христа и Јудејците, „кога се преполови празникот“, следи еден друг, сличен дијалог, „во последниот голем ден од празникот“, односно на Педесетница. Тој започнува со Господовите зборови: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.“ И евангелистот дополнува: „А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него“.

Не е важно тоа што овие Господови зборови не биле изречени на Преполовение, туку неколку дена подоцна. На поетичен начин тие излегуваат од устата Господова во Неговата беседа на Преполовение. Во секој случај, тие се согласни со мотивот на празникот. Не би можело да се најде посликовит приказ на Христовото учителско дело. Учењата на Господа дојдоа до жедниот човечки род како жива вода, како благодатна река што го разладува ликот на земјата. Христос е извор на благодат, „на водата што се влева во животот вечен“, што ги напојува и им ја гаси жедта на човечките души што се сушат од бесна жед. Извор кој во извори ги преобразува оние што пијат од неа: „Реки жива вода ќе течат од нивните утроби“. И на Самарјанката ѝ рече: „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен“. Со што пустината на овој свет се преобрази во рај насаден со зимзелени дрвца засадени од Бога, засадени крај водите на Светиот Дух. Оваа плодоносна тема ја изроди црковната химнографија и го украси празникот на Преполовението со извонредни химни.

Ова е накратко празникот на Преполовението. Недостигот на историска основа го лиши овој празник од народни обележја што би го направиле попримамлив за мнозина. И целосно созерцателниот мотив што е проткаен во него не помогна христијаните кои немаат доволно богословско образование да го надминат очигледното, и да влезат во празничната слава на Христа Учителот, Премудроста и Словото Божјо, Изворот на непресушна вода. Она што се случува со овој празник наликува на тоа што им се случува на црквите што се посветени токму на Премудроста Божја (Аја Софија, Света Софија), кои наместо да Го празнуваат Христа како Премудрост Божја, во Чија чест се и изградени, како престолен празник ја слават Педесетницата, Светиот Дух, Светата Троица, Воведението на Пресвета Богородица па дури и св. маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија.

Проф. Јован Фундулис

Извор: „Тавор“ бр. 9