Профилот на Патријархот Кирил на мрежата „ВКонтакте“ посетен над милион пати

"Профилот на Патријархот Кирил на мрежата „ВКонтакте“ посетен над милион пати"

Профилот на Свјатејшиот Патријарх Кирил на мрежата „ВКонтакте“ (мак. Во контакт) за само три дена од неговото објавување бил посетен над милион пати, и веќе има над 82 000 контакти, што според генералниот директор на мрежата, г. Борис Добродејев, е еден од највисоките резултати во историјата на оваа социјална мрежа.

Профилот на Патријархот на мрежата се појави на Денот на словенските просветители, свв. Кирил и Методиј (24 мај).

Претседателот на Синодалниот Информативен Оддел (СИНФО), г. Владимир Легоида, за Интерфакс изјавил дека на првиот ден од објавувањето, илјадници луѓе испратиле пораки на благодарност до Патријархот, а биле започнати интересни и конструктивни онлајн дискусии на сериозни теми.

Во врска со негативните коментари, г. Легоида изјавил: „Црквата отсекогаш била отворена за дијалог, и не планираме на луѓето да им ја ускратиме можноста да му се обратат на Патријархот пред можната закана на неколку спамери и тролови“.

СИНФО е одговорен за одржувањето на профилот на Патријархот, и вработените ќе му ги пренесуваат пораките и позначајните коментари на Свјатејшиот.

– Иако не е планирано Патријархот да одговара на сите прашања на страницата, сепак тој ќе биде запознаен со прашањата на луѓето, и соодветно, ќе најде начин да одговори. Во спротивно, нема смисла да креираме профил на социјална мрежа, а да ја избегнеме виталната врска со пошироката публика – објасниле од СИНФО.

Пред неколку седмици, Патријархот Кирил упати апел до клириците активно да проповедаат преку социјалните мрежи.

Извор: Интерфакс