Уредникот на рускиот магазин „ТОМА: Православен магазин за оние кои се сомневаат“ нуди православен поглед на научните „докази“ за религијата и духовноста кои ги преплавија печатените и интернет медиуми во текот на измината деценија.
—
Не многу одамна се вклучив во една дискусија околу светената вода. Сè започна од една статија објавена на една православна интернет страница околу истражувањата за физичките и хемиските својства на светената вода. Публикацијата не помина незабележано меѓу светските научни кругови, кои го исмеаја она што според нив беше „спремност на Црквата да прифати лажни научни докази што сведочат во прилог на Православието“.
Долго бев заинтересиран за темата на лажна наука, и не можев а да не искоментирам на страницата. Ваквите истражувања не само што се екстремно сомнителни од гледна точна на науката, туку и ние, Христијаните, би требало да сме уште позагрижени околу мотивите на ваквите истражувања. Зошто луѓето прават вакви експерименти? И зошто вакви нешта се објавуваат на православните форуми?
Уредникот на страницата ми одговори велејќи дека иако фактите опишани во наведените статии можеби се лажни, на ваквите експерименти се гледа благонаклоно од страна на добро образовани членови од високиот клир (спомна две такви имиња). Ваквите истражувања, продолжи, „може да бидат едно ново сведоштво за вистината на Евангелието и Православието во ова наше време на сомнеж и безверие“.
Тука јас, лаик кој требаше да премолчи, му одговорив со нов коментар, и дали поради ова, или поради некоја друга околност, статијата беше отстранета од страницата истиот ден. Не би сакал да го посочам сајтот, зашто не би сакал да компромитирам еден така добар православен ресурс, но проблемот ми изгледа доволно важен за да се поведе една дискусија за него.
Значи прашањето е: дали е прифатливо да се истражуваат, преку средствата на традиционалната наука, нештата што се свети за христијаните? Може ли светената вода да биде предмет на физички и хемиски експерименти со цел да се открие нејзината разлика од обичната вода? Доколку ова може да се прави со водата, тогаш зошто луѓето да не експериментираат и со мирото кое се точи од чудотворните икони, или со нераспадливите мошти од светителите? И конечно, со Светата Причест?
Според моето мислење, ваквите експерименти претставуваат или свесно хулење, длабоко маскирано безверие, или многу почесто, едно сериозно неразбирање на самите основи на нашата вера.
Црквата има Свети Тајни и обреди. Преку нив, Го молиме Бога да ни ја испрати благодатта, и оваа благодат на таинствен начин влијае врз човекот преку физичките материи врз кои овие Свети Тајни биле извршени. Дали ова значи дека благословената материја мора да има различни хемиски и физички својства? Кога говориме за физичките и хемиските својства на оваа или онаа супстанца или предмет, предвид ги имаме оние својства кои можат директно или индиректно да бидат студирани преку научни методи. Својствата треба да може да бидат репродуцирани и не смеат да бидат зависни од личноста на истражувачот, или од нечија волја. Со други зборови, својствата се објективни.
Но, кога зборуваме за Божјата благодат, тука нема место за објективност. Ние веруваме дека благодатта, односно, Божјата Енергија, постои во благословената материја. Но, ние не можеме да одлучиме наместо Бога, на каков начин ќе се пројави, доколку воопшто се пројави, оваа благодат. Тука не постои нужност, туку само Божја слобода. Тој може да го исцели оној што со вера и молитва пие од осветената вода, може да испрати мир на неговиот ум и душа. Или, Тој може да избере да се пројави на било кој начин надворешно затоа што, зависно од околностите, ова може да не е добро за самата личност.
Доколку пак, мислиме дека благословот ги менува својствата на водата и овој благослов незапирливо, како машина, ќе го предизвика посакуваниот ефект, тогаш ние сме пагани. Ова е разликата меѓу магијата и христијанската свест: магијата не остава простор за слобода. Таа произлегува од претпоставката дека може да се манипулира со материјата и духот со цел да се постигне посакуваниот ефект. Притисни на едно копче – и светлото ќе се вклучи. Заврти го левиот вентил, тече ладна вода; заврти го десниот вентил, и ете ти топла вода. Или, опционално, протриј ја ламбата и еден послушен дух ќе ти изгради палата.
Христијанството е целосно различно. Божјата благодат не е електрична струја. Никој никогаш не може да биде сигурен дека Бог ќе го стори ова или она. Може да се надева на тоа, и да се моли за нештото, но Бог е слободен. И оваа слобода се пројавува во сите Негови дела.
Да се вратиме на прашањето: дали својствата на водата се менуваат по нејзиното благословување? Или, од претходно изложеното за слободата треба да заклучиме дека од гледна точка на природните науки осветената вода не се разликува од онаа, обичната? Дека нејзината оптичка густина е секогаш иста, дека секогаш замрзнува на иста температура, дека времето за кое таа останува свежа е секогаш исто како и за обичната вода?
„Секогаш“ е клучниот збор тука; доколку го отстраниме, тогаш имаме место за слобода. Иако не знаеме како дејствува Божјата благодат во осветената вода, имаме право да претпоставиме дека во некои случај благодатта може да се манифестира како промени во физичките и хемиските својства, но да предвидиме кога и за кого – е тоа не можеме да го знаеме.
Така, кога еден научник зема епрувета со осветена вода и ја анализира во својата лабораторија, што ќе покаже овој експеримент? Дали ќе открие некакви вонредни својства? Одговорот е очигледен: да, ќе биде така, доколку Бог го дозволи тоа. Можеби научникот има потреба за мало поткрепување кон верата, а ние не го знаеме тоа, па Бог ќе увиди дека една разлика во оптичната густина може целосно да ја измени неговата душа. Но, доколку ова се случи, ќе биде само една епизода под тие единствени околности. Никако не можеме да зборуваме за овој настан како за настан што може да се репродуцира, што пак е критериум за научна валидност. Бог не е обврзан да ја смени оптичката густина во секој посебен сад со осветена вода.
Ваквите истражувања се богословски неоправдани, и оние коишто експериментираат со светињата промовираат еден магиски, пагански светоглед, без оглед дали е тоа намерно или ненамерно.
Од каде доаѓа мислењето дека ваквите експерименти „може да бидат едно ново сведоштво за вистината на Евангелието и Православието во ова наше време на сомнеж и безверие?“ Ќе ризикувам да одговорам – од материјализмот и обоготворувањето на науката, кои се длабоко посеани во нашите души. Ова е резултат на децении на културна стагнација, на едно верување дека доколку науката потврди нешто, ова „нешто“ е добро и вистинито. Во умовите на многумина, научното одобрение сè уште автоматски би го кренало статусот на религијата, и токму поради тоа и најмалата потврда за најмалото нешто се прифаќа од верниците. Луѓето честопати сакаат да се потпрат на науката, и за некои Христијани воопшто не е важно дали науката е вистинита или лажна, објективна или евтина, сè додека некого приведува кон верата.
Ова е мошне тажно и наивно затоа што, како прво, на Христијанството не му е потребна никаква научна, уметничка или политичка поткрепа. Црквата не ги негира овие елементи, но лесно може да живее и без нив. Како второ, вистината на верата не може да се сведочи со помош на лага, или како и да ги наречеме овие псевдонаучни експерименти со псевдонаучни толкувања. Вистинското сведоштво на верата лежи во вистинскиот христијански живот на луѓето. И конечно, нашата ера одамна престана да биде ера на безбожност и неверие. Нашата ера стана ера на псевдорелигии и ненаситна спиритуалност.
Владимир Гурболиков
Извор: Тавор бр. 1