Сѐ ново

"Сѐ ново"

Имам предлог: кон Велигден да се однесуваме како кон Новата година. Има многу Нови години, и сите тие се релативни. Први септември (ст.ст.) е начало на индиктот, ден на историско сеќавање и врска со римските закони. Први јануари е плод на волунтаризмот на Петар Први, кој има две варијанти – јулијанска (св. Василиј Велики) и григоријанска. Дополнително, секој од нас има и роденден, што е – несомнено – лична нова година, со што на збирот на проживеани години се додава уште една. Оваа низа може да продолжи со еврејската, кинеската и останатите нови години, кои дезориентираното човештво денес, бидејќи нема друга, попаметна работа, ги слави. За секој случај. За да се пополни внатрешната празнина, или како еден вид на културолошки експеримент. Но, тоа не се никакви „нови години“, зашто животните старудии само се префрлаат отаде границата на календарскиот датум, и ништо суштински не се менува.

Велигден, пак, е нешто сосема друго! Постот нѐ испразнува, ни ја пере внатрешноста, и со личната аскеза и мака ја чисти шталата на нашето срце. Потоа, на Велика сабота и во Пасхалната ноќ во новите мевови лие ново вино. И човекот се менува. Човекот игра и пее, како „богоотецот Давид, пред ковчегот на Заветот“. И постои реална шанса животот одново да почне. Сѐ друго се фалсификати и имитации. Жални фалсификати и немоќни имитации. Змијата редовно ја преслекува својата кожа. Се лупи од острите камења или се провлекува низ трње, за старата кожа да ја слече како чорапа, и да се појави нова. „Бидете мудри како змии“. Во зраците на Воскресението преслечете ја старата кожа. Збогувајте се од гревовите, обновете ја верата, одново склучете Нова Завет со Бога во крвта на Неговиот Син, пролеана на Крстот, принесена во Евхаристијата. Нова година на благоста. Нов циклус на литургиски читања. Нов молитвен порив низ седмицата, за петокот да не се оскверни од заборавот на Голготата.

Велигден

Во Пасхалното слово, Златоустиот вели: не срами се од бедата своја; никој гревовите да не си го оплакува, ни од смртта да се бои. Зашто ни се јави општото Царство и простување од гробот ни изгреа, и смртта на Спасителот нѐ ослободи од стравот од смртта. Ете ова е нешто ново! Ако ова не е, тогаш што е ново? Зарем нов е новиот модел на iPhone или некаков автомобил? Не ме засмевајте, ни мене, ни ангелите Божји. Она што ние го нарекуваме „ново“ воопшто не е ново, а Велигден е нов. Нов ден, нова година, нов живот, едноставно подарени, заради милоста Христова. Но, извади ги слушалките од уши, и почуј: „Влези во радоста на твојот Господар!“

Благодарение на Велигден, ние знаеме што претставува олтарот во храмот. Тоа е благоуханиот празен гроб во кого било положено Телото Исусово. А самиот храм, што е? Тоа е предворје на ангелот, каде што бестелесниот им вели на жените: „Зошто го барате Живиот меѓу мртвите? Воскресна!“ Јасно е и кои се мачениците. Тоа се луѓе кои, соочени со мачење, не можеле да се одречат од тоа дека спознале дка Христос е жив Цар. Благодарение на Велигден јасно ни е и зошто преподобните живееле толку строго. Тие во себе ја имале велигденската радост. Се боеле своето богатство да го загубат за ситни пари, или – полнотата на радоста во едното потребно, за еден грст наслади што го убиваат чувствоот за вечност. Целата Црква може да се разбере преку Велигден, а без Велигден ништо не може да биде сфатен. А многу луѓе не го знаат ова, иако уште во детството биле крстени.

Во густата темнина смело е врежан зракот од другиот свет. Тоа е Христовата Пасха. Небесниот оган се спушти на жртвеникот. Наше е, сега, овој оган да го одржуваме преку целата година. Поради тоа секоја седмица, во неделите, го празнуваме Воскресението. Неделата е мал Велигден, што нѐ потсетува на Големиот Велигден, на тоа дека треба да го запазиме неговиот оган. Предлагам одново да го започнеме животот. Да ја слечеме испотената и нечиста облека, да го измиеме телото со вода и да облечеме нова, светла облека. Да го кренеме лицето кон Небото каде Христос се вознесе, и од каде повторно ќе ни дојде. Сето ова единствено во случај да нѐ интересира тоа што е вистински ново, а не некакви фалсификати.

Христос воскресе!

Протопрезвитер Андреј Ткачев
Извор: „Тавор“ бр. 12