Се упокои во Господа игуменот на рускиот светогорски манастир „Св. Пантелејмон“

"Се упокои во Господа игуменот на рускиот светогорски манастир „Св. Пантелејмон“"

Схиархимандрит ЈеремијаНа 4 август (22 јули ст.ст.) 2016 г., на денот на споменот на Почаевската Богородична икона, во Господа се упокои Високопреподобниот игумен на рускиот светогорски манастир „Св. Пантелејмон“, схиархимандритот Јеремија, јавуваат руските црковни медиуми.

Старецот се упокоил во 14 часот според атинско време, мирно, тивко и безболно. Веднаш по неговото претставување била отслужена панихида во присуство на целата обител, и започнало непрекинатото читање на Евангелието, кое ќе продолжи до самото погребение. Погребението ќе се одржи задутре, на 5 август, наутро, по отслужувањето на заупокоена Божествена литургија.

Братството на руската светогорска обител ги замолува сите православни христијани срдечно да се вклучат во молитвите за старецот, спомнувајќи го во молитвите кон Господа починатиот раб Божји, новопретставениот схиархимандрит Јеремија.

Нека му е вечен и светол поменот на блаженоупокоениот старец!

Извор: Православие.ру