Свети Григориј Богослов: Слово на Богојавлението, односно на Рождеството Христово

"Свети Григориј Богослов: Слово на Богојавлението, односно на Рождеството Христово"

1. Христос се раѓа, славете! Христос од небесата, пречекајте Го! Христос на земјата, воспејте Го! Пеј Му на Господа, земјо цела!И кон небото и земјата ќе речам: нека се весели небото и нека се радува земјата! – поради небесното, а потоа и земното. Христос е во тело, со трепет и радост веселете се: со трепет, поради гревовите, а со радост, поради надежта. Христос е од Дева: жени, чувајте ја вашата девственост, за да станете мајки Христови! Кој да не Му се поклонува на секогаш Суштиот? Кој да не Го прослави Последниот?

2. Се растера темнината и одново светлоста блеска; повторно Египет е казнет со темнина и повторно Израил со столб е осветлен. Луѓето што во темнината на незнаењето стојат нека ја согледаат великата светлина на знаењето. Помина старото, сè ново стана. Зборот избледува, духот го победува, сенките поминаа, а нивното место вистината го зазема. Доаѓа Мелхиседек; без мајка роден, се раѓа без татко: првиот пат без мајка, вториот пат без татко. Се нарушуваат законите на природата: вишниот свет треба да се наполни. Христос заповеда, ние нема да се противиме. Ракоплескајте сите народи, оти дете ни се роди, Син, и нам ни се даде, [Оној] Кому власта Му е на рамото негово, зашто се вознесува со Крстот, и името ќе му биде: на великиот совет– советот на Отецот – Ангел. Нека загрми Јован: подгответе Го патот Господов! И јас ја благовестам силата на денот. Бестелесниот се вотелотворува, Невидливиот станува видлив, Недопирливиот ни е достапен, Безвремениот прима почеток, Синот Божји станува син човечки; Исус Христос, и вчера и денес, Тој и во вековите. Јудејците нека се соблазнуваат од ова, Елините нека се потсмеваат, а еретиците залудно нека си го трошат јазиот свој! Сите тие ќе поверуваат во Господа кога ќе Го видат како се вознесува на небото; ако и тогаш не поверуваат, тогаш секако кога ќе Го видат како доаѓа од небесата и седи за да суди.

3. Сето тоа ќе дојде потоа, а сега е празникот на Богојавлението или Рождеството; инаку, вака се нарекува овој ден и на едното празнување му се даваат две имиња – Бог им се јави на луѓето преку раѓањето. Тој е Бог, како Вечен и Секогашвечен од Секогашвечниот, над гревот и осудата на словата (не постои слово кое би било над Словото Божјо), Тој се јавува поради нас, раѓајќи се во последните времиња, за Оној, Кој ни дарувал битие, сега да ни дарува и благобитие, односно за ние, кои преку гревот го изгубивме благобитието, повторно да бидеме вратени во него преку воплотувањето. Од јавувањето Божјо го имаме името Богојавление, а од раѓањето – Рождество.

4. Такво ни е празнувањето; ова го славиме сега – Божјото доаѓање кај луѓето, за и ние да се преселиме или (подобро кажано) повторно да се вратиме кон Бога, за отфрлувајќи го стариот човек, да се облечеме во новиот, и како што во Адам умревме, така во Христа да живееме – со Христа родени, распнати, погребени и воскреснати. И јас исто така треба да ја истрпам таа спасоносна измена за, како што од пријатното произлегло жалното, [така и] од жалното одново да изникне пријатното. Каде е умножен гревот, таму се умножува и благодатта. Ако јадењето било причина за осуда, зарем Христовото страдање не нè оправда уште поспасоносно? Значи, да празнуваме не со прејадување, туку божествено, не светски, туку натсветски, не нашиот, туку празникот на Оној Кој стана наш или подобро кажано, празникот на нашиот Господ, не празник на слабоста, туку празник на исцелението, не празник на создавањето, туку празник на новото создавање.

5. Како да го исполниме ова? Нема да ги украсуваме дворовите на нашите куќи, ниту ќе ги дотеруваме улиците; нема да се собираме и да се замајуваме со празното гледање, ниту ќе го слушаме звукот на инструментите или ќе го насладуваме мирисното сетило, или ќе го сквернавиме сетилото за вкус – тоа сè се кратки патишта кои водат кон пороци, сè се тоа врати на гревот. Да не се однесуваме како жени, ниту да се воодушевуваме од меката и накитена облека чија елеганција е бесмислена, ниту да се играме со скапоцените камења, ни со блесокот на златниците или шминкањето на своите лица што фрла сомнеж на нашата природна убавина, зашто со шминката, всушност, ликот Божји во нас го исмеваме. Да не се оддаваме на прејадување и пијанствосо кои, колку што знам јас, е соединета прељубата и нечистотата; од лошите учители лоша поука доаѓа односно, од лошото семе и нивата е бескорисна. Да не ги прекриваме со дрвени гранчиња високите ложи, ниту да поставиме раскошна трпеза со која стомакоугодуваме; да не ги преценуваме вкусните вина, куварските специјалитети и гурманства. Ни земјата, ниту морето не ни даваат скапоцено богатство – а така се научив да ги величам скапоцените предмети! Да не тежнееме да се натпреваруваме во ненаситноста (јас сметам дека сето она што е излишно или непотребно – е невоздржание), особено кога другите, од истиот прав и состав како и нас создадени, гладуваат и се во неволја.

6. Сето ова и понатаму да им го препуштиме на безбожниците, на нивната распуштеност и забави. Тие ги слават своите богови насладувајќи се со мрсна храна, така што и на божеството му служат угодувајќи му на своето тело како лукави измислувачи, жреци и поклоници на лукави демони. А ние да Му се поклонуваме на Словото Божјо, и ако веќе треба од нешто да се насладуваме, да се насладуваме со словата и законот Божји, и различните кажувања за причините поради кои славиме, за нашето насладување да биде лично и пријатно на Оној Кој нè собра, а не Нему туѓо. Или пак, ако повеќе ви одговара, ви го предлагам јас, кој и сега на некој начин началствувам со овој пир, вам – добрите соучесници во радоста, ова слово онолку колку што дозволуваат моите сили, да научите како дојденецот може да ги угости домашните и природни жители, а селанецот – градските жители, неупатениот во раскош – раскошните, бедниот и бездомен пак – познатите богати. Ќе започнам вака: секој кој сака да се насладува со ова што следи нека го очисти својот ум, и слух, и срце, зашто словот за Бога во мене воедно и Божјо Слово е; очистете се за оттука да заминете навистина сити, и со ништо невкусно нахранети. Мојата беседа истовремено ќе биде содржајна и кратка, но ниту некого ќе го обеспокои со својата краткост, ниту пак, со својата опширност ќе го измори.

7. Бог секогаш бил, секогаш е и секогаш ќе биде. Или попрво, секогаш постои; зборовите „бил“ и „ќе биде“ припаѓаат на категориите на нашето време и својствени се за минливите битија, а Вечен, тоа значи секогаш. Со ова име Тој се нарекува Себеси во разговорот со Мојсеј на гората; причината за тоа е што Бог во Себе има сецело битие кое не почнало да постои, а со самото тоа, нема ниту да престане. Како едно море од суштина, неограничено и неизмерливо и безгранично, зашто ги надминува границите на сите поими за времето и природата, само оцртан во умот (и тоа доста нејасно и недоволно, не само во расудувањето и познанието на она што е во Него Самиот, туку ви расудувањето за она што е околу Него) во некој облик на стварноста, што бега од нашето познание пред да го уловиме и, лизгајќи се од нас пред и да сфатиме, осветлувајќи го во нас она што е владичествено и доколку, секако, е чисто, само онолку колку што сјајот на молњата го осветлува небото. Ми се чини дека ова е [така], за преку она што е возможно да нè привлече кон Себе (зашто, совршеното е недостижно и недофатно), а преку она што е невозможно да го предизвика нашето воодушевување, та преку воодушевувањето да ја разбуди нашата желба, а преку желбата да нè очисти и преку очистувањето да нè направи боголики; и тоа остварувајќи и постигнувајќи го, да беседиме како со ближен (се осмели словото смело да проговори) – ќе беседиме со Бога Кој стапува во единство со боговите кои Го познаваат во мерата во која Он ги познал Нему познатите.

12. Овој човек [Адам], украсувајќи го и дарувајќи го со слобода која ја сведочи добрината на Дародарителот, Бог го поставил во рајот (што и да означува овој рај), да биде делател на бесмртните плодови, – можеби на божествените мисли, попростите и посовршените; го поставил гол во неговата простота и неопитност, без никакво покривало и ограда; таков прилегало да биде првосоздадениот. И Закон му бил даруван, за да може да ја користи слободата. Законот се содржел во онаа заповед за тоа од кои плодови можел да јаде, а до кои не смеел да се докосне. Ова второво било Дрвото на познанието, но не затоа што било злонамерно засадено, ниту пак, дека Бог нè намразил (нека замолчат богоборците и нека не ја подржаваат лукавата змија); напротив, тоа би било добро за благовремена и добра употреба (затоа што, според мене, тоа дрво било познанието кон кое безопасно би можеле да пристапуваат само оние што имале восовршен опит), но лошо за сите што биле на некој начин прости и неумерени; исто онака како што тврдата храна не им одговара, ниту им користи на слабите и на оние кои им е потребно млеко (Евр 5, 12). Но, кога преку зависта на ѓаволот, а после грешката на жената која му се потчинила на искушението поради нејзината слабост и неопитност (О, слабост моја! Слабоста на моите прародители е и моја слабост), човекот заборавил на добиената заповед и бил совладан од горкото искушување: тогаш, преку гревот тој бил прогонет, и едно време бил оддалечен и од дрвото на животот, и од рајот, и од Бога; тогаш тој се облекол во кожна облека (веројатно во грубото, смртно и непријателски настроено тело), и за прв пат го познал сопствениот срам, па се скрил од Бога. Токму тогаш тој добива нешто ново, односно смрт – како препрека на гревот, за злото да не стане бесмртно. На тој начин, во тоа сум убеден, Бог нанесува казна.

13. И, за да биде очистен на многу начини (оти, многу биле и неговите гревови, чии зли причини биле разновидни), преку збор, преку Закон, преку пророци, преку снисходење, преку закани, преку чуми, преку води, преку пожари, преку војни, преку победи, преку порази, преку знаци на небесата и земјата и морињата, преку необични преврати во судбината на луѓето, градовите и народите (а сето ова се случувало за да се исправат согрешенијата), на крај, му било потребно едно посилно лекарство, зашто гревот станал многу голем: човекоубиства, прељубодејствија, кривоверства, противприродни прегрешенија, и последно, а сепак меѓу сите зла прво и наголемо зло – идолопоклонство и поклонување на создаденото наместо на Создателот. Поради сето ова била потребна поголема помош, та Бог им го дал најцелисходниот начин. Односно, Лично Словото Божјо, Оној Кој е пред сите светови, Невидливиот, Недостижниот, Бестелесниот, Почетокот од Почетокот, Светлината од Светлината, Изворот на живот и бесмртност, Иконата на првообразната Убавина, непоместивиот Печат, неизмерното обличие, одредението и Словото на Отецот добило Свое обличие, носи тело поради нашето тело, се соединува со разумна душа поради мојата душа, подобното со подобно го очистува, станува човек во сè, освен во гревот. Се зачнува во утробата на Дева (Лк. 1,35), чија душа и тело се предочистени од Духот (требало, значи, и раѓањето да се почитува, а уште повеќе девството да се сочува), Тој, Кој од неа призлегол со од Него прифатената – Бог е, Една Личност од две природи, од тело и Дух, од кои првата е обожена од втората. О, нова мешавино!? О, чуден составу!? Оној Кој вечно Е, започнува да постои; Нестворениот се создава; Несместливиот станува сместлив низ разумна душа која посредува меѓу бoжествената природа и грубата телесност; Богатиот осиромашува – до мојата телесност, како јас би се збогатил со Неговото божество; Полнотата се излева, но не на долго, во славата Своја, за јас да станам соучесник и причесник на Неговата полнота. Какво е само ова изобилство на милосрдие! Каква ли е оваа тајна за мене! Добив удел во обличјето Божјо; не го сочував; Тој прима од моето тело за и обличјето да го спаси, и телото да го обесмрти! Со нас стапува во второ заедничарење кое е многу повозвишено од првото, оти тогаш ни го дарува подоброто, а сега Самиот прима од полошото. Ова е многу побогоподобно од претходното, ова е многу подуховно во очите на разумните луѓе.

14. Што имаат да кажат за ова клеветниците, оние што зломудруваат за Бога, одрекувачите на она што е достојно за пофалба, оние кои при светлина од темнина се обземени, при Мудрост се непознавачи, оние – поради кои Христос попусто умре, оние неблагодарни суштества, пород на лукавиот? Зарем поради Неговите добродејанија ќе Го обвиниш Бога? Поради нив ли е мал, што поради Тебе се смирил и понизил? Поради тоа што Добриот Пастир кој душата своја ја полага за овците негови ѝ пришол на заблудената овца; затоа што дошол на планините и горите на кои ти си ги принесувал своите жртви и зашто го пронашол заблудениот, а наоѓајќи го, го поносел на грбот Свој и на рамењата на кои и крсното дрво го зел, и така пронајдениот повторно го вовел во животот небесен, вбројувајќи го во оние кои не застраниле!? Зар е ништожен и поради тоа што Тој запалил свеќа – Своето тело и го очистил Храмот– ослободувајќи го светот од грев, и што ја нашол изгубената драхма– Царското обличие од страсти извалкано; и што, наоѓајќи ја драхмата, со Својата Сила ги собира сите оние кои во љубов пребиваат, и од нив прави соучесници во радоста, како такви кои ја сведочат тајната на Воплотувањето? Затоа што светлозарната Светлина ѝ следи на свеќата на Претечата, на гласот, пак – Словото, на деверот – Женихот, после оној кој за Бога подготвува избран народ и кој со вода го очистува она што е за Духот? Зарем за сето ова е виновен Бог? Поради ова ли Го сметаш за низок, затоа што со убрус 15 се опашал и што им ги измил нозете на Неговите ученици, покажувајќи ни и нам совршен пат кон небесата – смирението? Затоа што се смирил заради нашите души и до земја се преклонил за со Себе да го возвиши она што тежеста на го фрлило долу? Тогаш, зошто не Го обвинуваш и поради тоа што јадел со митари на нивните трпези (Лк. 5,29) и дека митари Му стануваат ученици, за на тој начин и Тој да добие нешто? Што добил и остварил? Спасение на грешниците! Зарем некој ќе го обвини лекарот поради усрдноста во лечењето на раните на другите, трпејќи ја гнојната смрдеа, а сето тоа со цел на болниот да му дарува оздравување? Зарем ќе Го обвиниш Оној Кој, за да помогне во неволја, се спушта во бунарот за, според Законот, да го спаси животното што паднало во него?

15. Навистина, Тој бил испратен, но како човек со две природи; затоа Тој чувствувал и замор, и глад, и жед, и бил искушуван, и плачел – по законот на телесната природа; а, штом бил испратен и како Бог, што ни кажува тоа? Под испраќањето разбери ја волјата на Отецот Кому Тој Му ги принесува сите Свои дела, за да го потврди почитувањето на вонвременското начело и да не би се покажал како противник Божји. За Него се вели дека бил предаден, но исто така е напишано дека Сам Себе се предал. Се вели дека Отецот Го воскреснал и вознесол, но исто така пишува и дека Тој Сам Себе се воскреснал и повторно се вознел на небесата; првото е со благоволение, а второто е со власт. Но, ти постојано ја нагласуваш Неговата понизност, а ја премолчуваш возвишеноста. Велиш дека Тој страдал, а не спомнуваш дека тие страдања биле доброволни. Колку ли и денес уште страда Словото Божјо? Едни Го почитуваат како Бог и прават слевање, додека други Го сведуваат само на тело и прават делење. На кои од овие повеќе ќе се гневи, односно, на кои попрво ќе им го прости гревот? На оние кои учат слевање или пак на оние кои злобно разделуваат? Оти, и првите биле должни да разделат, но и другите биле должни да соединат – првите во однос на бројот, другите во однос на божествената природа. Телото Негово ли те соблазнува? Јудејците исто се соблазнија. Зарем нема да Го наречеш Самарјанин? За она што следи понатаму ќе замолчам. Ти не веруваш во Неговата божествена природа? Меѓутоа, и бесовите верувале во неа; о ти, кој полош и поневерен си од бесовите, и понеразумен од Јудејците! Едните Неговото синовство го сфаќале како еднаквославност; другите во својот изгонител Го познале Бога, оти во тоа ги убедило Неговото трпение. А ти не ја прифаќаш ниту еднаквоста, ниту ја исповедаш Неговата Божественост. Подобро би ти било да се обрезеш и да станеш плен бесовски (да кажам нешто неразумно), отколку во необрезаност и при здрав ум да имаш злобни и безбожни мисли.

16. Набрзо потоа во Јордан ќе го видиш оној кој Го очистил Исус заради моето очистување или, подобро да речам, преку тоа очистување ќе Го видиш Оној Кој водата ја осветил зашто Он, Кој ги зема гревовите на светот немал потреба од очистување; ќе Го видиш Оној Кој небесата ги отворил; ќе видиш и како за Исус сведочи со Него едносуштниот Дух Свет, и како е искушуван, и како победува, и како потоа Го окружуваат ангелите небесни, и како ја исцелува секоја болест и секоја мака во народот, и како мртви воскреснува (о, кога и тебе би те оживотворил, тебе – умрениот во зловерие) и бесови изгонува, без разлика дали тоа го прави Сам или преку Своите ученици, и како со малубројни лебови илјадници наситува, и како по море оди, и како се предава, и како Го распнуваат, и како Тој со Себе го распнува мојот грев! Како јагне Го водат и Тој Себеси се принесува како Јереј; како човек се погребува, а како Бог воскреснува и, малку потоа, се вознесува на небесата и повторно ќе дојде во Својата Слава. Колку ме восхитува секоја Христова тајна, и секоја од нив се исполнува во моето создавање, пресоздавање и враќање кон првиот Адам!

17. А сега те молам, прифати го зачнувањето и потскокни, ако не како Јован во утробата на својата мајка, тогаш како Давид при носењето на Кивотот; почитувај го она поради кое и ти си запишан на небесата; поклони се на Рождеството Христово преку кои си се ослободил од оковите на твоето раѓање; воздај му чест на малиот Витлеем кој во рајот те вратил; клекни пред јаслите низ кои и тебе, безимениот, Словото Божјо те превоспита. Познај Го (ти заповеда Исаија) како што волот го знае својот господар, и како што магарето ги знае јаслите на својот господар. Му припаѓаш ли на соборот на чистите и по Законот одредени за угодна жртва, или пак на збирот нечисти кои не се јадат, ниту се принесуваат како жртва, станувајќи така наследство за безбожниците? Оди по ѕвездата, принеси дарови со мудреците – злато, ливан и смирна – како на Цар и како на Бог, и како на за тебе умрен; прославувај заедно со пастирите, ликувај со ангелите, запеј со архангелите; заедно нека слават небесните и земните сили. Убеден сум дека сите небесни сили заедно со нас сега се радуваат и слават; тие се многу почовекољубиви и побогољубиви, ако што и Давид ни сведочи, и се вознесуваат со Христа по скалилата на Неговото страдание и пресретнувајќи Го додека едни на други повикуваат „отворете ги, порти!“

18. Единствено ова треба да го замразиш од времето на Христовото Рождество – иродовото убивање на децата (Мт 2,16); подобро вака да речам: во тој настан почитувај ја жртвата на Христовите врсници по раѓање, оти таа ги наговестила убиствата што следеле. Ако Христос бега во Египет, и ти брзај натаму, по Него. Добро и велико нешто е да се бега со прогонетиот Христос. Ако се задржи во Египет, повикај Го оттаму и укажи Му го должното поклонение. Слободно упати се низ сите години Христови. Како Христов ученик очисти се, обрези се, тргни го од себе убрусот со кој од раѓање си покриен; поучи се од примерот во храмот и растерај ги трговците со светињата. Ако треба, истрпи ги и каменувањата, оти знам дека ќе бидеш недостапен за нив и слободно ќе се протнеш меѓу нив, како Бога; камен не го убива словото. Ако пред Ирод те доведат, ништо не му одговарај (Лк. 23,9). Твојот молк ќе го почитува повеќе од долгите објасненија на другите. Ако те бичуваат, не го отфрлај ниту другото: помини низ вжештеното железо, напиј се од оцетот, не бој се од плукањето, прими шамари и биење. Овенчај се со трње – суровоста на богоугодниот живот; облечи се во пурпурна облека, прифати го стапот од трска, дозволи пред тебе да се клањаат, исмевајќи ја вистината. На крајот, распни се, умри и биди погребен со Христа за со Него заедни и да восреснеш, и прославен да бидеш, и да се зацариш гледајќи во Бога и во сето Негово величие, и преку Него да Го видиш и познаеш Бога во Троица, Кому се поклонуваме и Кого Го славиме, на Кого Му се молиме и сега да ни покаже колку што е можно за нас, во тело поробените, да Го познаеме во Исуса Христа, нашиот Господ. Нему слава во веки. Амин.