Средба на претставници од неколку христијански цркви и заедници во Либан

"Средба на претставници од неколку христијански цркви и заедници во Либан"

Во Либан, на крајот од јануари годинава, се одржала средба меѓу Антиохискиот Патријарх Јован, Мелкитско-католичкиот Патријарх Григориј III Лахам, Либанскиот Кардинал Бехара, Сирио-јаковитскиот Патријарх Ефрем и Сирио-католичкиот Патријарх Игнатиј Јосиф, на која била разгледана кризата на Блискиот Исток. Средбата се одржала како резултат на кулминацијата на воените судири меѓу либанската армија и милитантите од Рас Баалбек, близу сириската граница, кога 8 војници биле убиени, а повеќе од 20 ранети.

Целта на оваа работна средба била „обединување на повиците“ на христијаните кон арапскиот свет, но и меѓународната заедница.

Верските лидери, меѓу другото, ја повикале меѓународната заедница да биде создадена Палестинска држава чие седиште би било сместено во Источен Ерусалим, за да може расселените палестински бегалци да се вратат во нивната земја. Покрај тоа, тие ја изразиле нивната крајна загриженост за иднината на христијанската младина во регионот, поради фактот што, како што стои во соопштението, „младите луѓе немаат друг избор, освен да емигрираат“. По кој знае кој пат било апелирано за ослободување на двајцата киднапирани христијански архиереи, за кои нема никаква потврдена информација уште од април 2013 година.

– Војната, уништувањето и убивањето, расселувањето и истребувањето, брановите насилство и ескалацијата на терористички организации ја уништуваат културата на умереност и отвореност, како и христијанско-муслиманската цивилизација која на разни начини ја градевме цели 1400 години, на основите на христијанството – се вели во соопштението. – Познато е дека Израелско-Палестинскиот конфликт, како и Израелско-Арапскиот се основа на трагедиите што го зафатија Блискиот Исток.

Извор: Правмир