Беседа на празникот на св. великомаченик Георгиј Победоносец

"Беседа на празникот на св. великомаченик Георгиј Победоносец"

Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето;
но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.
Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар.
Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.
Јн. 15,19-20

Овие зборови на Господ Исус Христос им биле упатени не само на Неговите апостоли, туку и на сите оние кои Тој честопати ги нарекувал Свое мало стадо. А тоа мало стадо го сочинуваат сите оние што веруваат во Господа Исуса Христа и Неговиот закон го имаат впишано во своите срца – законот на љубовта и блаженствата, кои пак се исполнување на Неговите заповеди.

Во ова Господово мало стадо, мачениците светат како најсјајни ѕвезди, и ни служат како пример на најдлабока вера, безгранична љубов и себеодрекнување преку страданија, непоимливи маки и измачувања.

Во бројното множество на свети маченици, чиј број надминува десетици илјади, се истакнуваат великомачениците, односно оние што претрпеле исклучително ужасни мачења за Христа, и чии маки имаат најголемо значење за целиот христијански свет. А меѓу овие великомаченици, светиот Георгиј Победоносец, кого денес го празнуваме, се истакнува како еден од највеликите.

+++

Мачениците не се плашеле од никого и од ништо; мачениците не биле заведени од никого и од ништо.

Царот Диоклецијан, мачителот на св. Георгиј, многу го сакал овој свој војник, кого го сметал за еден од своите најхрабри и најважни воини. Кога видел дека ни со најостри маки нема да може да ја скрши неговата вера во Христа, тој дури и му го понудил на Георгиј второто место во великото Римско Царство. Потребно било само Георгиј да им принесе жртва на римските идоли.

Но, св. Георгиј ја презрел оваа негова понуда; секако, тој ја отфрлил понудата да биде најславен и најпочитуван веднаш после римскиот император, затоа што неговата верност кон Христа била поцврста од дијамант, а љубовта кон Него – безгранична.

+++

Св. Георгиј Победоносец, фреска од црквата „Св. вмч. Георгиј“ во Старо Нагоричане
Св. Георгиј Победоносец, фреска од црквата „Св. вмч. Георгиј“ во Старо Нагоричане

Св. Георгиј Победоносец не се плашел од ништо. Но дали ние, слабите и безвредни христијани, на ист начин се справуваме доколку сме соочени со било каков предизвик, макар бил и стопати помал од неговите?

Зарем не сме склони да им се поклонуваме на безвредните и минливи бокчиња од овој свет, наместо на Вечниот Бог? Дали навистина патот што Христос ни го покажа ни е единствена цел во животот? Дали вистински и секогаш се сеќаваме на Христовите зборови: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“?

За светиот маченик и победоносец Георгиј, Христос навистина бил Патот и Животот. Тој не следел ниту еден друг пат, ниту сакал да знае за некаков друг пат. Не се плашел ниту од закани, ниту од заплашувања, и храбро го следел Христовиот пат.

Затоа, ги почитуваме сите маченици, и особено великомаченикот Георгиј победоносец, фалејќи ја неговата верна љубов кон Бога. Да Го возљубиме Господа Исуса Христа и Неговите маченици со сето свое срце, и особено св. Георгиј Победоносец, чијшто спомен денес му го празнуваме. Амин.

извадоци од беседата изговорена
на 23 април / 6 мај 1954 година
од Архиепископот симфериополски, св. Лука