За Светото Предание

"За Светото Предание"

16. Како се распространува и чува Божјото откровение?

Божјото откровение се распростира помеѓу луѓето и се сочувува во вистинската Црква на два начина: со посредство на Светото предание и на Светото писмо.

17. Што е тоа што го нарекуваме Свето предание?

Под поимот „Свето предание“ се подазбира она што луѓето кои искрено веруваат и Го почитуваат Бога преку слово и пример си го предаваат едни на други и тоа што претците им го предаваат на потомците: учењето на верата, Божјиот закон, Светите тајни и свештените обреди.

18. Каде се чува Светото предание?

Сите што вистински веруваат, соединети во Светото предание на верата, во целост и преку преемство, според Божјото устројство ја сочинуваат Црквата, која е верно хранилиште на Светото предание, или, според зборовите на светиот апостол Павле; Црква на живиот Бог, столбот и тврдината на вистината (1 Тим. 3, 15). Свети Иринеј пишува: „Не треба вистината која е лесно да се земе од Црквата, да ја бараме во други. Затоа што во неа, како во богата сокровишница, апостолите во полнота положиле сѐ што ѝ припаѓа на вистината, така што секој што сака може од неа да ја прими храната на животот. Таа е порта на животот“ (Против ересите, кн. 3, глава 4).

19. Што е Свето писмо?

Свето писмо се нарекуваат книгите, кои се напишани под раководство на Божјиот Дух преку осветени од Бога луѓе, наречени пророци и апостоли. Обично тие книги се нарекуваат со името Библија.

20. Што значи зборот Библија?

Зборот библија е грчки збор. Во превод значи книги. Со тој назив се истакнува дека светите книги се подостојни за внимание од сите останати книги.

21. Што е подревно: Светото предание или Светото писмо?

Најдревен и првоначален начин за распространување на Божјото откровение е Светото писмо. Од Адам до Мојсеј не постоеле свети книги. Самиот наш Господ Исус Христос Своето Божествено учење го востановил и им го предал на учениците со Своето слово и пример, а не преку книга. На тој начин, од почетокот, и апостолите ја распростанувале верата и ја утврдувале Христовата Црква. Неопходноста од Преданието е видлива и од тоа што со книгите не можат да се ползуваат сите, а со Преданието можат сите.

22. Зошто, за која цел ни е дадено Светото писмо?

Светото писмо ни е дадено за поточно и иеизменливо да се сочува Божјото откровение. Во Светото писмо ги читаме зборовите на пророците и апостолите точно така како што би ги слушале кога со нив би живееле, без оглед на тоа што светите книги коишто ја сочинуваат Библијата се напишани неколку векови, или илјадалетија пред нашето време.

23. Треба ли да го запазуваме Светото предание кога веќе ни е дадено Светото писмо?

Да. Светото предание треба да го чуваме заедно со Божјото откровение и Светото писмо согласно на тоа како нѐ учи самото Свето писмо. Имено, апостолот Павле пишува: И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте, било преку нашето слово, било преку вашето послание (2 Сол. 2, 15).

24. Како да се ползуваме со Светото предание во наше време?

Преданието е неопходно и сега за раководство кон правилно разбирање на Светото писмо, за правилно извршување на Светите тајни и за сочувување на свештените обреди во чистотата на нивното првоначално воспоставување. Свети Василиј Велики за тоа го вели следново: „Од догмите и учењата коишто ни се сочувани во Црквата некои ги имаме од писменото поучување, а некои сме ги примиле од апостолското предание, преку црковното преемство. И едните и другите имаат една и иста сила за благочестие, и на тоа нема да му противречи никој кој е макар и малку опитен во црковните основи. Бидејќи, доколку се одважиме да ги порекнуваме напишаните обичаи како нешто што нема голема важност, тогаш незабележливо ќе го повредиме Евангелието во најглавното или, уште повеќе од тоа, од проповедта на апостолите ќе оставиме само празно име. На пример, најнапред да си спомнеме за првото и најопшто: кој преку писание ги учел верните кои се надеваат во името на нашиот Господ Исус Христос да се осенуваат со образот на крстот? Кој од светиите оставил пишани слова за призивот за принесување на Евхаристискиот Леб и Чашата на Благословението? Бидејќи не се задоволуваме со тие слова кои ги напомнуваат апостолите или Евангелијата, туку и пред нив, и после нив произнесуваме и други, како слова кои имаат голема сила за Тајните кои ги примаме од непишаното учење. Исто така, според какво писмо ја благословуваме и водата на Крштението и елејот на Помазанието, па и самиот оној кој се крштева? Зарем не според премолченото и тајно Предание? И што уште? Со какво слово нѐ научиле за помазувањето со елеј? Од каде е и трикратното потопување на човекот, и сѐ останато што се однесува на Крштението; одрекувањето од сатаната и неговите паднати ангели, од какво писание е преземено? Зарем не од необнародливото и неизречиво учење, коешто отците го сочувале во недостапно љубопитство и преку испитуваното молчание биле научени да ја сочуваат светињата на Тајните? Оти каква пристојност би можела преку писание да огласува за тоа што на некрстените не им е дозволено ниту да го погледнат?“ (Правило 97, За Светиот Дух, Гл. 27).