КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

Јаков ридаше заради лишувањето од Јосиф, и добриот седеше на кола, како цар почитуван: затоа што пред сластите на египќанката тогаш не се пороби...

продолжи

Синаксар на светиот
и Велик Понеделник



Стихови за Јосиф прекрасниот:
Целомудрениот Јосиф, се покажа држител на правдата, Давател на пченица и ризничар на добра.

Стихови за исушената смоква:
Еврејското собрание, без духовни плодови, Христос го споредува со бесплодната смоква; Затоа да бегаме од страстите, зашто и ние еден ден би можеле да бидеме проколнати и исушени.

Во овој свет и Велик понеделник правиме спомен на блажениот и прекрасен Јосиф и на исушената смоква. Бидејќи одовде добиваат почеток светите страдања на нашиот Господ Исус Христос, за прв Негов образ (слика) се зема Јосиф. Тој беше последниот син на патријархот Јаков, роден од Рахила, кому браќата му позавидеа поради некое негово видение на сон. Најнапред тој бил скриен во една јама, а неговиот татко е измамен од неговите браќа со неговата искрвавена облека, велејќи дека е изеден од некој ѕвер. Потоа за триесет сребреника бил продаден на Исмаилќани кои, исто така, го продале на Пентефрија - началникот на евнусите на египетскиот фараон.

Бидејќи неговата жена се разгневи против младиот, поради неговата невиност и чистота, затоа што не сакаше да направи беззаконие со неа, тој побегнал оставајќи ја својата облека. Таа го наклеветала на својот господар, и затоа добил затвор и окови. Оттаму е ослободен поради неговиот дар да толкува сонови и одведен пред фараонот, а потоа поставен за господар на сета земја египетска. Подоцна станал и снабдувач со жито на своите браќа и, откако во сè добро го поминал својот живот, умрел во Египет, со голем углед поради неговата чистота, покрај другите добродетели. Може да се рече дека тој е праобраз (икона) Христова, бидејќи и на Христа Му позавидеа неговите едноплеменици Јудеи, и од ученик е продаден за триесет сребреника, и затворен во еден мрачен и темен ров - гроб, и оттаму излезе со своја власт, за да владее со Египет, односно над секој грев што го победува до крај. Он владее со целиот свет и човекољубиво нè искупува нас преку таинствено давање на пченица, бидејќи Самиот се дава за нас и нè храни со небескиот леб - со Своето живоносно тело. Ете, од овие причини, прекрасниот (убавиот) Јосиф е поместен овде.

Овде правиме спомен и на исушената смоква, бидејќи божествените евангелисти, односно Матеј и Марко, за неа зборуваат по расказот за Цеветници: „Утрото, кога Он излезе од Витанија, огладне"; а другиот вели: „Кога утрото се врати во градот, огладне и, кога виде една смоква која имаше само лисја но без смокви (бидејќи не беше времето за смокви), се доближи до неа и рече: „Никогаш повеќе да не раѓаш плод!" И веднаш се исуши смоквата. Смоквата ја симболизира еврејската синагога во која Спасителот не го најде плодот што го очекуваше, туку само лиснатата сенка на Законот, и тоа Создателот го одзеде од неа, бидејќи беше неплодна.

Но некој ќе рече: Зошто бездушното дрво стана суво, откако прими клетва без да згреши? - За да се знае дека Евреите, гледајќи Го Христа како на сите им прави добро и никому не први зло, мислеа дека Он има сила да прави само добро, а не да прави зло. Но човекољубивиот Господ не сакаше тоа да им го покаже на луѓето. Он сакаше да ги увери неблагодарните луѓе дека има власт и да ги казни, иако оној којшто е добар не сака да казнува една бездушна и нечувствена природа.

Исто така, до нас дошле и некои неискажливи поуки од премудри старци духовници. Како што вели Исидор Пелусиот: „Дрвото на престапот беше она од кое престапниците ќе ги употребат лисјата за да се покријат. Поради ова тоа е проколнато од Христа човекољубиво, бидејќи тоа немаше да пострада, ако смоквата не беше дала плод одговорен за престапот." А тоа дека престапот може да се спореди со ова дрво, тоа е очигледно, бидејќи во него ја наоѓаме сладоста на задоволството, која го привлекува гревот, а потоа горчината и грижата на совеста. Впрочем, историјата за смоквата Отците ја поместиле овде за да поттикне на покајание, како и онаа за Јосифа поради сличноста со Христа. Смоквата е секоја душа која е туѓа за секој духовен плод: кога наутро, односно по сегашниов живот, Господ не наоѓа кај неа покој, Он ја исушува со клетва и ја испраќа во вечниот оган, и таа стои како некој исушен столб, плашејќи ги оние што не дале достоен плод на добродетели.

По молитвите на прекрасниот Јосиф, Христе Боже, помилуј нѐ. Амин.

Икони



Богослужбени обележја


Свет и Велик Понеделник


Првите три дена од Страсната седмица се посветени на спомените на настани од животот на Спасителот пред Неговото чекорење по крсниот пат, додека последните три дена се посветени на следните настани: Јудиното предавство (четврток); судот, распетието и смртта на Крстот (петок) и погребот и Христовото слегување во адот за да ги ослободи душите на порано упокоените праведници, и за првата вест за воскресението (сабота).

Понеделникот, вторникот и средата од Страсната седмица ги обележуваат следните важни особености во богослужението:

  1. Служење на Литургија на претходноосветени дарови
  2. Читање на Евангелието на часовите пред Литургија (поставено е читањето на четирите Евангелија: според Матеј, Марко, Лука и Јован, до 14-та глава, т.е. до зборовите „Сега се прославува…“ на 3, 6 и 9 час во понеделник, вторник и среда). Во парохиските храмови вообичаено е читањето на Матеевото, Марковото и Лукиното Евангелие да се врши во седмицата која ѝ претходи на Страсната седмица.
  3. На Утрената, наместо обичниот канон кој се состои од девет песни, се пее таканаречениот Тропеснец (Трипеснец), канон од три песни, по кој називот го добила и самата богослужбена книга во која се изложени службите што се служат во овие денови, т.е. Посниот триод.
  4. Големото повечерие кое се служи во ноќта меѓу вторникот и средата се служи според чинот на Мало повечерие. На Утрената, после големата ектенија и непосредно по великопосната Алилуја (наместо вообичаеното: „Бог е Господ…“) се пее тропарот: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ…“.
  5. На отпустот се вели: „Господ, Кој оди на доброволно страдање заради нашето спасение, Христос вистинскиот Бог наш…“.

Покрај овие, постои уште една цела низа на детали кои се специфични за овие богослужби. Наведените особености не ја нарушуваат вообичаената богослужбена шема како што се Повечерието, Часовите, Вечерната и Литургијата (Преждеосвештената). Планот на богослуженијата е вообичаениот, така што лесно се препознава шемата на служби која е карактеристична за ткн. обични денови. Разликата е во текстовите кои се восредоточени на опишување на настаните што се случиле во определениот ден од оваа седмица.

Великиот (страсен, страдален) понеделник е посветен на прославувањето на страданието Господово преку понижувањето и возвеличувањето на Јосиф, синот Јаковов. Покрај тоа, службата на овој ден е посветена и на познатиот евангелски настан: проколнувањето и сушењето на бесплодната смоква. Спомнувањето на овие настани произлегува од длабоката внатрешна поврзаност на секој од нив со суштината на сето она што се спомнува и прославува во низата настани на Страсната седмица.

На Утрената во понеделникот, по Шестопсалмието, Големата ектенија и великопосната Алилуја се среќаваме со тропарот кој гласи:

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нè.

Господ на повеќе места во Светото Писмо се нарекува Жених (директно: Мт. 11, 15; Јн. 3, 29 итн, а индиректно на пр. Мт. 25, 1, 5, 6), како што и Царството Божјо се нарекува Брак (в. Мт. 25, 11; Лк. 12, 36; Откр. 19, 7).

Мистична Невеста, сопруга Христова, е Неговата света Црква со нејзиното сеединство, за што Христос и е Жених на секоја човекова душа. Дека тоа навистина е така се воочува од зборовите на апостолот Павле кој Христовата љубов кон Црквата ја наведува како идеал на брачната љубов (в. Ефес. 5, 25), а св. Григориј Нисски потенцира, толкувајќи ја Песната над песните, дека таинствените символи на љубовта на женихоѕ кон невестата се насочени кон изобразувањето на љубовта меѓу Христос и Црквата. Веридбата се случила на Голгота, каде жртвената љубов била запечатена со смртта на крст. По веридбата следи брак, т.е. вечниот и блажен живот на идниот век.

На Судот Господов, во тоа предворје на иднината ќе се разоткрие тајната на секоја христијанска душа, т.е. тајната на нејзината љубов и верност кон својот Жених. Тоа е љубов која може да е пројави само на активен начин, со исполнување на Неговиот закон, она што на нераскинлив начин е поврзано со верата и побожноста. Доаѓањето Господово, Неговата смрт на крстот, сето тоа е нераскинливо поврзано со Судот. А судот е овој, затоа што Светлината дојде на светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината; оти делата нивни беа зли (Јн. 3, 19). Да се сака темнината повеќе од светлината, тоа всушност и е промена во однос на душата кон Женихот, т.е. Христа. Тоа е промена која покажува подготвеност за лишување и отфрлање на вечниот живот. Тоа е прифаќање на светот наместо Христос, Изворот на животот.

На патот кон Голгота, на Христовата глава ставаат венец од трње, т.е. венец на страданија, а секоја човечка душа која е верена со Него, е исто така должна да истрае во носењето на својот трнлив венец и носењето на крстот пред лицето на Бога, за да оствари вистинска заедница со Агнецот; оти, страдањето Христово и на Неговата Невеста ја пројавуваат славата Нивна, а сето тоа се потврдува со зборовите на тропарот: „Ете, Младоженецот доаѓа…“.

Никој од нас не може себеси да се смета за достоен за вечното блаженство во брачната вечера на Агнецот, оти брачната одежда им ја дава Самиот Христос на оние кои Го љубат. Токму оваа мисла се проткајува во текстот на егзапостиларот:

Твојот дворец го гледам, Спасу мој,
украсна облека немам, за да влезам внатре.
Осветли ја облеката на мојата душа,
Светлодавче, и спаси ме.

Во понеделник, вторник и среда во Страсната седмица, пред Литургијата на претходноосветени дарови се читаат паримии од Книгата на пророк Езекиил. Во тоа пророштво се говори за видението на славата Господова и за четирите суштества (орел, лав, теле и човек), и за херувимите што го придржуваат блескавиот престол Господов.

Ова читање ги символизира четворицата евангелисти, чии Евангелија ќе се прочитаат во текот на првите три дена од оваа седмица; ова е и сведоштво на старозаветниот пророк за нив, како за сведоци на Воплотениот Логос. Видението со кое бил удостоен пророкот Езекиил имал силно влијание и на развојот на христијанската иконографија, зашто на многу икони, фрески или минијатури кои ги красат древните ракописи на Новиот Завет или Четвороевангелието, покрај ликот на евангелистот Матеј е изобразен и лик на уште еден човек, покрај евангелистот Марко е изобразен лав, покрај евангелистот Лука е изобразено теле, а покрај евангелистот Јован изобразен е орел.

Преподобниот Ероним за тоа го вели следново: „Учителите на Црквата, кои во нашето учење и ние ги следиме, сметале и светаат дека преку тие символи на таинствен начин се претставени четирите канонски Евангелија признати од страна на светата Црква“.

Чтенија од Светото Писмо

Кликнете на одделот што сакате да го прочитате

Информативна служба на Кумановско-осоговска епархија