КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

Оној Кој некогаш ја затвори бездната, сега мртов се гледа и, завиткан во смирна и плаштаница, Бесмртниот како смртен во гроб се полага...

продолжи

Синаксар на светата
и Велика сабота



Стихови:
Попусто го чуваш гробот, стражо, Зашто тој не може да го задржи самиот Живот.

Во светата и Велика Сабота го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кој нашиот род од распадливост го повика кон вечен живот. Светата Четириесетница е поголема од сите други денови, а од неа, пак, е поголема оваа света и Велика седмица; а од Великата седмица повторно најголема е оваа света и Велика сабота.

А Велика седмица се именува не затоа што има повеќе денови или часови, туку затоа што во неа се случија големи и натприродни чудеса и извонредни дела на нашиот Спасител, особено денес. Како што при првото создавање на светот, откако го заврши сето Свое дело, особено откако го создаде човекот во шестиот ден, во седмиот ден Бог отпочина од сите Свои дела, го освети и го нарече сабота, што значи одмор, така и во создавањето на духовниот свет, откако на извонреден начин создаде сè, откако во шестиот ден го пресоздаде распадливиот човек и го обнови со живоносниот Крст и со смртта, во овој седми ден повторно се одмори и, по завршените дела, заспа со животворен и спасителен сон.

Впрочем, Словото Божјо со телото слезе во гробот, а во адот се спушти со Својата нераспадлива и божествена душа која во смртта се раздели од телото и ја предаде во рацете на Отецот, Кому ја принесе и Својата крв, а која е нашето спасение, иако Он немаше потреба да го бара тоа. Поради тоа душата на Господа не беше задржана во адот, како душите на другите светии. Па како би била и задржана, кога таа воопшто и не потпаѓаше под прародителската клетва, како другите. Нашиот непријател ѓаволот, иако нè задржуваше, не можеше да ја земе крвта по цената на која ние бевме искупени. Та, како ѓаволот, тој разбојник, би можел да Го задржи, бидејќи Христос не беше само од Бога, туку беше Самиот Бог? Меѓутоа, Господ наш Исус Христос се всели во гробот со Своето тело и со Своето божество кое беше тесно соединето со телото. Беше во рајот со разбојникот и, во исто време, беше во адот, како што се вели, со Својата обожена душа. Со Својата, пак, божествена природа Он седеше заедно со Отецот и со Светиот Дух, а како Бог неопислив беше насекаде, зашто божеството беше нестрадално ни во гробот ниту на крстот. Секако, телото Господово требаше да претрпи и смрт, односно разделување на душата од телото, но не и распаѓање, односно целосно разурнување на телото и на неговите членови.

Но Јосиф, откако го симна светото тело на Господа, Го погреба во нов гроб, близу во градината, и на влезот од гробот стави огромен камен, бидејќи Јудеите, по петокот, отидоа кај Пилат и му рекоа: „Господару, се сетивме дека оној измамник, додека беше жив, рече: По три дена ќе воскреснам. Мислиме дека е добро твојата власт да и нареди на војската да го чува гробот". Пилат одговори: „Ако е измамник, тогаш зошто се грижите за неговите зборови додека бил жив, бидејќи тој, ете, несомнено е мртов?" А, кога Тој рекол дека ќе воскресне? Се чини дека тие дошле до тој заклучок од поуката за Јона. Но, секако, ако гробот биде чуван, нема да го украдат. Безумници!!! Тие не беа сфатиле дека тоа што го правеа наскоро ќе се сврти против нив! Кога Пилат наредил, тие самите поставиле војничка стража и грижливо со печат го утврдиле гробот, за да не можат да речат, со клевети, дека воскресението на Господа се случило без стража и без печати, со измама.

Но отсега адот отстапува и се избезумува чувствувајќи поголема сила; и наскоро ќе Го исфрли Оној што неправедно беше Го проголтал - Христа, најтврдиот аголен камен, како и сето она што од памтивек го проголтал и ставил во својата утроба.

Со Твоето неизкаживо снисходење, Христе Боже наш, помилувај нè. Амин.

Икони



Богослужбени обележја


Света и Велика сабота


Во основата на богослужбените химни од Велика сабота се наоѓа таинствениот, страшен и радосен настан на слегувањето на Спасителот во адот, а самата богослужба претставува побожно бдение над гробот Господов. Во седмиот час од ноќта, односно во еден часот наутро се служи Утрената на Велика Сабота. На оваа Утрена, по Шестопсалмието, „Бог Господ“ и тропарите, се пее 17 катизма („Блажени се непорочните“), при што по секој стих се читаат статиите од оплакувањето, односно надгробни похвали во кои се прославува умрениот и погребен Господ.

По завршувањето на секоја од статиите следи мала ектенија и кадење. После третата статија се пејат воскресните тропари, по што следува седалниот, 50-от псалм и Канонот на Велика сабота („Волноју морскоју“), кој ја опишува збунетоста на небото и земјата пред реалноста на Господовото положување и пребивање во гроб. По канонот, претстојателот возгласува „Слава Ти на Тебе, Кој ни ја покажа светлината“, по што народот го стихослови Големото славословие, при што гробот со плаштеницата се кади трикратно. При последното „Свјатиј Боже“ свештенослужителите ја земаат плаштаницата и ја носат три пати околу црквата, при што претстојателот оди под Плаштеницата, носејќи го Евангелието во раце. За време на ова кружење камбаните бијат постојано, по што плаштаницата повторно се враќа во гробот. Црковните песни и читања на паримиите, Апостолот и Евангелието кои следуваат влеваат надеж во воскресението.

Василиевата Литургија на Велика Сабота се служи „во десеттиот час од денот“ според Типикот, т.е. по 3 часот попладне, а започнува со Вечерната која веќе се однесува на следниот ден, односно на Светлото Воскресение. После „Светлино Тивка“ не се кажува прокимен, туку се возгласува „Премудрост“ и се читаат 15 старозаветни паримии. Во древната Црква токму во овој момент се покрстувале огласените. Наместо трисветата песна, се пее„Вие кои во Христа се крстивте“, а и Апостолот е посветен на објаснување на Светата Тајна на просветление, преку која се сопогребуваме со Христа, за заедно со Него и да воскреснеме. Наместо алилуларијот, пред Евангелието се пее припевот „Воскресени Боже, суди ѝ на земјата“, заедно со стихови од 81-от псалм. На овој момент се менуваат покривалата на Престолот и Жртвеникот, за ништо црно да не остане во Храмот. После читањето на Евангелието, Литургијата продолжува вообичаено, со тоа што наместо херувимската песна, се псалмопеат следните стихови: „Да молчи секоја плот човечка, и со страв и трепет да стои...“. И Малиот и Големиот Вход се вршат околу плаштеницата, а наместо „Достојно“, односно наместо „О тебје радујетсја“ се пее ирмосот од деветтата песна на канонот.

Според древната пракса, верните остануваат во храмот и по Литургијата, и го слушаат читањето на книгата Дела апостолски на св. апостол Лука, кое би требало да заврши некаде до четвртиот час од ноќта (околу десет часот навечер), кога би требало да започне „Пасхалната полуноќница“, односно служба која се состои од читање на воведни молитви, канонот на Велика сабота, трисвето, „Оче наш“, тропарот „Јегдна снишел јеси к смрти“, кратка сугуба ектенија и воскресен отпуст. За време на деветтата песна од канонот, свештенослужителите ја кадат плаштеницата и ја внесуваат во олтарот, положувајќи ја на Престолот, кадешто останува до Вознесението Христово.

Чтенија од Светото Писмо

Кликнете на одделот што сакате да го прочитате

Информативна служба на Кумановско-осоговска епархија