КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКА ЕПАРХИЈА

На последниот час, душo, откако се сети и од посекувањето на смоквата се уплаши, со талантот што ти е даден трудољубиво работи...

продолжи

Синаксар на светиот
и Велик Вторник



Стихови:
Десет девојки го придружуваат највеликиот вторник, Кои носат победа на неподмитливиот Господар.

Во светиот и Велики вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки. Зошто Господ, искачувајќи се во Ерусалим за да пострада во него, им кажува на своите ученици вакви параболи? Затоа што овие параболи, вели Он, се однесуваат и на Евреите. Всушност, Он ја раскажува параболата за десетте девојки за да обрне внимание на милосрдието, а истовремено ги поучува сите да бидат подготвени пред крајот, бидејќи за девството Он им зборувал повеќепати, како и за евнусите.

Светото Евангелие ја предлага оваа парабола со цел некој, практикувајќи ја оваа добродетел, да не ги занемари другите, а особено милосрдието, со која се просветлува свеќата на девството. Пет од нив ги именува мудри, затоа што на девството тие му го придодале и изобилното масло на милосрдието, а пет - луди, кои исто така го имаат девството, но го немаат милосрдието - елејот. Затоа лудите (неразумни) девојки, иако го имаа поголемиот дел, го занемарија она помалото, па поради тоа во ништо не се разликуваа од блудниците. Ако овие последниве (блудниците) грешеа со телото, оние таму грешеа со нивното богатство. Бидејќи ноќта на овој живот изминува, сите девојки заспале, односно умреле, бидејќи овде сонот ја означува смртта. Додека тие спиеја, среде ноќта се слушна повик и, оние што имаа доволно масло, кога се отворија вратите, влегоа со Младоженецот, додека лудите (неразумните), кои немаа доволно масло, Го бараа во мракот. Мудрите, иако сакаа да им дадат од своето, не можеа и, пред влегувањето на Младоженецот, им рекоа: „Ова нема да биде доволна за вас и за нас; затоа одете кај продавачите, односно кај бедните, за да си купите". Но, по смртта, тоа не е можно.

Тоа го покажува и расказот за Лазара и за богаташот, кога Авраам вели дека не е можно да се мине од едната страна на другата. Но лудите (девојки), кога дојдоа непросветлени (без запалени свеќи), тропајќи на вратата, викаа вака: „Господару, Господару, отвори ни". А самиот Господ им го дава овој страшен одговор: „Одете си, не ве познавам!" Како можете да го пресретнете Младоженецот без дарот, односно без милосрдието?"

Ете зошто оваа парабола за десетте девојки е поместена овде од страна на нашите богоносни отци: за да нè поучат секогаш да бидеме будни, подготвени да Го пресретнеме вистинскиот Младоженец, со добри дела, а најмногу со милостината, бидејќи не го знаеме ни денот ни часот на крајот. Треба да го зачуваме целомудрието (чистотата) како Јосиф, но треба и нашата смоква секоја година да раѓа духовни плодови. Оној што ја практикува оваа единствена и голема добродетел, а ги занемарува другите, особено милосрдието, не влегува со Христа во вечниот покој, туку се враќа назад посрамен. Ништо не е потажно и посрамно од девство лишено од овие добра (Во грчкиот јазик зборовите масло и милостина се хомоними (елеос-елеон) - заб.на прев.).

О Христе, Младоженецу (на нашите души), вброј нè меѓу мудрите девојки и придружи нè кон Твоето избрано стадо, и помилуј нè. Амин.

Икони



Богослужбени обележја


Свет и Велик Вторник


Овој ден е посветен на споменот на евангелското кажување за десетте девојки (в. Мт. 25, 1-13), кажување кое на некој начин влегло во основата на тропарот „Ете, Младоженецот доаѓа...“.

На Утрената, по читањето на Евангелието и малата ектенија, следи кондакот кој уште повеќе го нагласува судот над бесплодната смоква, т.е. символичното изобразување на оние луѓе кои не носат (даваат) плод на верата.

На последниот час, душo,
откако се сети и од посекувањето на смоквата се уплаши,
со талантот што ти е даден трудољубиво работи, бедна,
бдеејќи и велејќи: да не останеме надвор од Христовиот дворец.

Овде, заради изобразување на судбината на непокајаните грешници, е земен примерот кој се наоѓа во Евангелието по Лука: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде. Тогаш му рече лозарот: »Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?« А тој му одговори и рече: »Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре; па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш«.”

Образот на дворецот Христов и приказната за талантите кои се наоѓаат во Евангелието (Мт. 25, 1-46; 21, 1) кое овој ден се чита на Литургија, на верниците им нуди три многу силни и впечатливи приказни: онаа за десетте девојки, онаа за талантите и пророштвото за Судот, додека завршните зборови од Евангелието, т.е. зборовите на самиот Господ ни говорат за страданието: „Знаете дека за два дена ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден за да биде распнат“.

Трите спомнати символи кои ни се дадени преку Евангелието се однесуваат на Судот што ги очекува душите на луѓето, но истовремено тие ги наговестуваат и сите оние понижувања низ кои Господ ќе помине пред распетието, како и самата смрт на крстот. Основата на Христовото учење е љубовта, милосрдието и сето она што се нарекува христијански добродетели. Талантите се токму тие можности што ни се подарени и со чие умножување одиме по патот на заповедите Господови. Апостол Јаков за тоа го вели следново: „Оти судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост; милоста во судот се пофалува“ (Јк. 2, 13). Овие зборови секој од нас треба постојано да ги има на ум, како што е напишано во Синаксарот на Неделата на Судот: „На сите треба да им е познато дека Христос од нас не бара само пост и сиромаштија; тоа е добро и корисно, но Тој од нас тражи уште нешто, а тоа е милосрдие и сочувство со оние кои страдаат“.

Токму врз оваа основа авторот на наведените зборови, а преку неговата уста и самата Света Црква, толкувајќи ја приказната за десетте девојки и користејќи се со речиси истиот изговор на двете грчки зборови: елеј (масло) и елеос (милост) потврдува дека маслото земено од мудрите девојки, се всушност христијанските добродетели, т.е. она на што заборавиле немудрите деви.

Светата Црква, толкувајќи ја приказната за десетте девојки, ни ја потврдува исклучително важната вистина за тоа дека отсуството на милосрдие (т.е. добросрдечност) го доведува човека во состојба во него да се гасат и да исчезнуваат и другите добродетели, така што „оние кои го немаат милосрдието пред лицето на Небесниот Жених, во ништо не се инакви од блудниците“.

Божјото слово за спасение преку творење милостиња и секакви други христијански добродетели од нас побарува практично исполнување на ТИЕ добродетели во секојдневниот живот. Токму на ова нè опоменува и самогласната стихира на Хвалите:

Откако ја слушна осудата на оној што го скри талантот,
о душо, не сокривај Словото Божјо;
објавувај ги чудата Негови,
и умножувајќи ги даровите,
да влезеш во радоста на твојот Господ.

Чтенија од Светото Писмо

Кликнете на одделот што сакате да го прочитате

Информативна служба на Кумановско-осоговска епархија