ЗАПОЧНА СВЕШТЕНИОТ ЧИН НА МИРОВАРЕНИЕ

На 18.4.2022 година, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан служеше молебен за почеток на Мироварение. Овој чин, кој што е главна одлика на автокефалноста на нашата Света помесна Црква, се извршува по четврт пат од нејзиното возобновување.

Мироварението започна со Водосвет, по што во садот беа излиени елејот и виното. Потоа, започна читањето на Евангелието коешто ќе се чита во следните три дена. Првото зачело го прочита Архиепископот г. г. Стефан, а следните две ги прочитаа Митрополитите г. Иларион и г. Јосиф, по што со читањето продолжија свештениците од Скопската епархија. По тродневното Мироварение, мирото ќе биде осветено од Неговото Блаженство на Велики Четврток на Архијерејска Литургија.