Собор на сите македонски светители

На денот кога го чествуваме Соборот на сите македонски светители, во црквата “Св. Кирил и Методиј” во Гевгелија се одржа традиционалниот “Семакедонски црковно-народен собор”. Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше на Божествената Литургија во сослужение на надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, Епископот Стобиски г. Јаков, како и бројно свештенство и монаштво на нашата света македонска црква. На Соборот, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, од името на целиот Синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, упати апел за духовно и национално обединување на македонскиот народ.