Тодорова сабота во с. Конопница

На 22 март 2024 година (првата сабота од Великиот пост), кога Црквата го прославува споменот со чудото на свети Теодор Тирон, Неговото високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, во храмот на свети Теодор Тирон во с.Конопница – Крива Паланка служеше Света Златоустова Литургија. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Возљубени, ете навлеговме уште еднаш во спасителните денови на Великиот и Чесен пост. Денови на радосна тага, кога преку себенабљудување и покајание треба да тежнееме кон наше духовно растење и близина со Бога. Постот во тој подвиг отсекогаш бил и ќе остане најјдобрата поткрепа и учител.

Во своите богослуженија во текот на седмицата зад нас, Црквата целосно ни го разоткрива големото и спасителното значење на постот за нас. Така, во една од утринските стихири во петокот ги наоѓаме следниве зборови: „Со радост да го примиме заветот за постот, бидејќи, ако нашиот праотец го запазеше, немаше да бидеме изгонети од Едем (рајот).1

Во овие зборови на стихирата е содржана мислата, изложена на почетокот од Библијата, во Првата книга Мојсеева, каде што се вели, оти Бог, после создавањето на човекот, склучил со него завет, давајќи му ја заповедта за постот. Таа се состоела во тоа што Господ му разрешил да може да вкуси од сите плодови од дрвјата во рајот, освен од плодот за познавање на доброто и злото. Нашите прародители Адам и Ева, го нарушиле тој завет и не ја исполниле Божјата заповед за постот и токму поради тој грев, тие, заедно со целото потомство, биле лишени од рајското блаженство.

Пред да започне да проповеда, Господ Исус Христос, постел четриесет денови во пустината. Преку тоа, Он ни дал заповед и ние подобно Нему, постот да го поставиме како основа на нашата лична борба против ѓаволот и сите бесовски интриги, кои дејствуваат на нас преку нашите страсти. Токму затоа и рекол: Овој род со ништо не се истерува, освен со пост и молитва“ (Матеј 17,21). Заради тоа светите отци гледале на постот како показател за степенот на преуспевањето во моралниот раст и совршенството во животот на вистинските христијани. Карактеристично за сите велики чудотворци е тоа што биле големи испосници. Поради тоа и нивната молитва била чудотворна, затоа што за свои сопатници ги имала постот и воздржанието.

За да не потикне поревностно да го спазиме постот и да издржиме го издржиме до крај, Светата православна црква, како пример ни го предлага чудото на светиот великомаченик Теодор Тирон, патрон на оваа село и овој храм, кое се случило за време на владеењето на императорот отстапник Јулијан. Имено, овој злобен император знаејќи дека со посебна ревност христијаните ја спазуваат првата недела од Великиот пост, му заповедал на својот управник храната која се продава на пазарите да биде тргната од истите и да биде заменета со храна од незнабожечките храмови, попрскана со крв од идолските жртви. Но Бог ја осуетил намерата на овој злочестив имератор, со тоа што својот маченик Теодор го испратил при патријархот Евдоксиј, заповедајќи му да им порача на христијаните да не купуваат храна од пазарите, поради намерата на Јулијан, но да јадат коливо, односно варена пченица. Патријархот веднаш им раскажал на мнозина за своето видение, и откако тоа послушание го пренел на своето стадо, истото го запазил неоштетено од подмолната завера на Отстапникот Јулијан. Кога тој приметил оти неговата измама е откриена, повторно наредил на пазарите да се изнесе вообичаената храна.

Етосот на православниот христијанин е секогаш маченички и никако поинаку. Без него неможеме да се наречеме православни христијани и невозможно е да живееме богоугодно во Црквата. Ете, седумнаесет века после злобниот император Јулијан, ние ги немаме искушенијата кои нашите предци ги поднесувале за верата. Ниту сме гонети и принудувани да се откажеме од истата, а ниту пак храната која ја јадеме е осквернета од крв од идолските жртви, подобно на храната во времето на Јулијан. И со право можеме да се запрашаме, зошто тогаш велиме дека етосот на православниот христијанин е маченички, кога од нас денеска никој не бара да пострадаме за Христа? Тоа е така затоа што мачеништвото кон кое денеска е повикан современиот христијанин е да го љубиш оној кој те мрази, да се избориш со искушенијата кои доаѓаат од ближните и од духот на времето. Да се избориш со помислите и да не дозволиш истите да завладеат со тебе. Да не вратиш на злобата со зло, но да се молиш за оние кои сакаат да ти напакостат. Да започнеш да постиш онака како што благословила Црквата, оставајќи ја мрсната храна, прејадувањето и препивањето на страна, иако истите се секогаш попримамливи и нудат привидна безгрижност и веселба. Да ја запазиш светоста на бракот неповредена и да бегаш од демонот на блудот како од оган. Но пред се, да се избориш самиот со себеси и да простиш на својот ближен, иако според тебе, тој не ја заслужува твојата прошка. Еве само неколку аспекти од маченичкиот етос на христијанинот, кон кои треба да се стремиме сите ние, бодрејќи се еден со друг и сведочејќи ја љубовта на Оној кој прв не возљуби.

Ако исповедаме дека го љубиме Христа Бога, тогаш тие зборови би останале како празни пароли испишани на изветеан лист, доколку не бидат посведочени на дело, односно преку сострадање со ближните и жртвување на себе си, секогаш принесувајќи се за жртва за ближните.

Ете возљубени, иако трнлив, тој е патот кон спасението кој го врвеа сите кои му угодија на Бога и се здобија со победнички венци. Секој кој врви по него оди во светлина, оти пред себе си го има Христос.

Изговорено на „Прва сабота од Великиот пост – Тодорова сабота“ (23.03.2024 година) во храм „Св. вмч. Теодор Тирон“ во село Конопница

јереј Дејан Апостоловски