ПОМЕСНИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ (ППЦ) СЕ ДОЛЖНИ ДА ПОСТАПУВААТ СПОРЕД ОПШТАТА УПРАВНА ПОСТАПКА УТВРДЕНА ВО ПРЕТСОБОРСКИТЕ КОМИСИИ, КАКО ОПШТ ПРОЦЕСЕН ЗАКОН ЗА ДОБИВАЊЕ АВТОКЕФАЛНОСТ, ИМПЛИЦИТНО И ЦАРИГРАДСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА

Постапката за доделување томос за автокефалност е регулирана со правен акт и правните правила што се донесуваат на Претсоборските конференции и тие стануваат дел од црковното право на Православната Црква. Во претсоборскиот процес е утврдена постапка за доделување томос (одлука) за автокефалност на црковно автономен регион, во подготвителниот период за одржувањето на сеправославниот собор во Крит, во 2016 год. Претсоборскиот процес е иницијатива за донесување закони потребни за одржување на Сеправославен собор во Крит (веќе одржан, но е ништовен), од закононодавно–правни комисии (Сеправославни комисии – Комисии). Од петте Претсоборски комисии, Четвртата и Петтата комисија се однесуваат за доделување автокефалност и автономија, а коишто се оддржани во 1993 и 2015 год., одржани во Шамбези (Швајцарија, во седиштето на Светскиот Совет на Цркви, каде што Православната Црква има Постојана делегација [канцеларија] на Вселенскиот Собор [Сеправославен Собор; n.b. Вселенски собор е легитимна институција, а Вселенска патријаршија е нелегитимно само–доделување прерогативи]). На овие Комисии утвредено е дека канонска надлежност за прогласување автокефалност има Сеправославниот Собор (носител на законодавната/канонската власт во Православната Црква). Правото за доделување статус на автокефалност е формално‒правен закон, донесен во 1993 год. и истата постапка е потврдена на Петтата претсоборска комисија, во којшто е утврдена постапката за доделување автокефалност. Законот одредува исклучива и ексклузивна канонска надлежност на Сеправославниот Собор за доделување автокефалност, општо‒православен процес во кој учествуваат сите Помесни Православни Цркви (ППЦ). Значи, и во Православната Црква управните постапки ги водат органите на црковна управа согласно надлежноста утврдена во формалните закони, а со примена на материјалните закони. Материјален закон за утврдена надележност за доделување автокефалност е опишана во постапката од Одлуката од Четвртата претсоборска комисија. Формално‒правно, односно според управно процесно право, надлежност (право) за доделување автокефалност има Сеправославниот Собор.

Управната постапка за доделување томос за автокефалност уредува надлежност, дејствија и акти што ги преземаат и ги донесуваат органите на црковната управа. Овластен орган за донесување одлука (томос) за автокефалност е Мајката–Црква, која добива барање за автокефалност од одреден нејзин (автономен) црковен регион, којшто е под нејзина јурисдикција. Во управната работа, Мајката–Црква има право самостојно да решава и во самата управна постапка да донесе управен акт (одлука или томос).

Управен орган кој постапува во управна работа е Архијерејскиот Собор на Мајката Црква, како нејзин врховен црковен орган, во рамките од овластувањата на Петтата претсоборска комисија, самостојно ги утврдува фактите и околностите, притоа оценува дали се задоволени црковните (еклисиолошките), канонските и пастирските услови за доделување автокефалност на некој нејзин автономен регион. Донесувајќи одлука за автокефалност на автономен регион, управниот орган во диспозитивот дава и формално правен предлог за сеправославно прифаќање на автокефалноста и одлуката (томосот) за автокефалност ја доставува до Цариградската Патријаршија.

Постапка е утврдена на Петтата претсоборска комисија и формулирана е на следниов начин. Мајката Црква која добива барање за автокефалност од одреден (автономен) црковен регион, којшто е под нејзина јурисдикција, оценува дали се задоволени црковните (еклисиолошките), канонските и пастирските услови за доделување автокефалност. Во случај кога Архијерејскиот Собор на Мајката Црква, како нејзин врховен црковен орган, дава согласност за барањето, тој Одлуката за автокефалност, којашто содржи и формално правен предлог за сеправославно прифаќање на автокефалноста, го доставува до Цариградската Патријаршија, како ПРВА ПО ЧЕСТ катедра (патријаршија којашто има чест, но нема законодавна власт во Православната Црква), за таа да отпочне ПРОЦЕС ЗА ДОБИВАЊЕ СЕПРАВОСЛАВЕН КОНСЕНЗУС за добиениот томос, на оној автономен црковен регион, којшто со томосот добива автокефален статус во Православната Црква [n.b. сеправославен консензус сè уште не добиле православните цркви: Полската, Чешката и Словачка, Финската и на САД, бидејќи за нив постои унилатерализам при доделувањето томос за автокефалност, наместо примена на стварна и месна надележност на Мајката Црква]. Значи, право за доделување Томос за автокефалност (Одлука на Архијерејскиот Собор) има Мајката Црква, потоа таа за својата одлука ја известува Цариградската Патријаршија, но ги известува и другите помесни автокефални Цркви. Цариградската Патријаршија, пак, ја има честа да го проследи (процесуира) Томосот за согласност до Сеправославниот Собор (до сите ППЦ). Откако Мајката Црква ќе прогласи дека некој нејзин регион ги исполнил условите за автокефалност, таа поднесува барање до Цариградската Патријаршија да го обезбеди консензусот за автокефалност на новата ППЦ. Потоа, таа, според сеправославната пракса, со патријаршиско писмо ги соопштува сите детали во врска со споменатото барање и бара изразување на сеправославен консензус.

Со сите официјални документи (одлуки, комуникеа и сл.), надлежноста на Цариградската Патријаршија во врска со ова прашање беше ограничена на нејзината ПОЧЕСНА ДОЛЖНОСТ ‒ таа да испрати соодветно Патријаршиско писмо до сите помесни цркви и да „бара“ изразување на сеправославен консензус

Во постапката е утврдено, кој орган дава автокефалност, што значи, важи начелото „nemo dat quod non habet“ (никој не го дава она што го нема). Оттука, согласно Одлуката од Претсоборската комисија, и за Цариградската Патријаршија важи начелото „Nemo plus iuris ad alium transferre potest quam ipse habet“, што значи таа „не може да пренесе на друг повеќе права, отколку што самата Патријаршија има права (определени на Четвртата претсоборска комисија како права дадени за решавање на автокефалност на Сеправославниот Собор)“. Ниту, пак, Претседателот на Цариградската Патријаршија може да изврши делегирање на надлежноста за донесување решенија.

Врз основа на формално‒правен аспект (управно процесно право), логично е да се претпостави дека откако Мајката‒Црква ќе одлучи да додели автокефалност на нејзиниот одреден дел, оваа одлука треба да биде поднесена на разгледување од страна на поглаварите или овластените претставници на сите ППЦ и, во случај на нивна согласност за одлуката, да биде завршена со издавање на Сеправославно‒соборен Томос за автокефалност.

Управниот акт – Томосот или Одлуката донесен/а од Архијерејскиот Собор на СПЦ, како акт донесен од стварно и месно надлежен орган (овластен орган) за решавање на предметната ствар – доделување автокефалност на МПЦ – ОА, го содржи неопходниот канонски (законски/правен) основ. 

Управниот акт на овластениот доносител на Одлуката за доделување автокефалност на МПЦ – ОА содржи диспозитив за управна ствар. СПЦ во диспозитивот од Одлуката (Томосот) на МПЦ – ОА ѝ признава право да биде автокефална црква (fully-fledged member, со сите права – pleno iure) – со јурисдикција на територијата на државните граници на Република Македонија. Како последица на каноничност (законитост) и правно дејство, управниот акт стекнува правосилност.

Управниот акт, којшто е донесен во канонска постапка од стварно надлежен орган СПЦ (Мајка ‒ Црква), е законит и произведува одредени правни дејства, како во однос на странката на која се однесува (МПЦ – ОА), така и на трети лица (Цариградската патријаршија и сите останати ППЦ). Во конкретниот случај, вака донесениот Управен акт – Одлука/Томос, произведува правно дејство кон сите субјекти во состав на Сеправославниот Собор (erga omnes). 

Правосилност е својство на управниот акт којшто означува негова правна непроменливост. Постојат два вида правосилности:

1. Формална правосилност – означува процесна неможност на која било странка со правни средства да побива некој управен акт (не може да употреби ниту тужба, ниту жалба).

2. Материјална правосилност – неможност на органот подоцна да го изменува, поништува или да го укинува претходно донесениот управен акт.

Управниот акт против кој што не може да се изјави жалба, ниту да се поведе управен спор, а со кој се решавало за права, обврски или правни интереси на странката, е правосилен управен акт. Управниот акт станува правосилен и доколку странката се откажала од правото на жалба. Во конкртениот случај, странката за чии права се решава со управниот акт, МПЦ – ОА нема правен интерес за поднесување ниту жалба, ниту да поведе управен спор, така што во секој случај настапила правосилност.

Овој Управен акт – Томосот/Одлуката донесен/а од Архијерејскиот Собор на СПЦ, којшто е врховен законодавно – судски орган има правни својства на:

1) ИЗВРШНОСТ (ПРЕСТАЦИЈА) – УПРАВЕН АКТ што овозможува принудно да се изврши во судска извршна постапка (во случај да биде поведена постапка по тужба против која било автокефална Православна Црква, вклучително и против Цариградската Патријаршија, пред Судот на Сеправославниот Собор), односно во административно – управна извршна постапка;

2) КОНЕЧНОСТ НА УПРАВНИОТ АКТ (на Томосот/Одлуката од СПЦ од 2022 год.) е својство на управниот акт којшто ОНЕВОЗМОЖУВА ПОБИВАЊЕ на истиот со редовен правен лек (правосилност на управен акт [својство на актот издаден од надлежниот управен орган коешто оневозможува побивање на истиот со правен лек] СПЦ поради конечност на управниот акт од 2022 год., повеќе не е мериторен управен орган/црковен суд, туку тоа е органот/црковниот суд ‒ Сеправославниот Собор).

Конечниот управен акт (Одлука/Томос за автокефалност на МПЦ ‒ ОА) може да се побива само со тужба во управен спор, но во конкретниот случај во управна постапка, во која странка пред Судот на Сеправославниот Собор би била МПЦ – ОА, против овластениот управен орган за донесување на управниот акт Одлуката/Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА, а тоа е СПЦ, така што единствено МПЦ – ОА може да поднесе тужба со која ќе заведе управен спор против донесениот управен акт, Одлука/Томос, но МПЦ – ОА нема правен интерес за поднесување тужба, бидејќи со добивањето на Томос за автокефалност, таа го остварила својот правен интерес, така што управниот акт станува и правосилен и извршен.

Против Решението (Одлуката/Томосот) од Архијерејскиот Собор на СПЦ, како управен орган, не може да се изјави жалба, ниту да се поведе управен спор, бидејќи странката (МПЦ ‒ ОА) стекнала определени права, односно со коешто (Решение) на странката ѝ се определиле обврски, е правосилно решение. Решението станува правосилно и кога странката (МПЦ ‒ ОА) се откажала од правото на жалба.

Доколку и Цариградската Патријаршија се обиде да доделува „нов“ Томос на МПЦ – ОА во областа на управното право (contra legem), тогаш ќе настане судир на надлежности, бидејќи два органа (СПЦ, којашто е стварно наделжна и Цариградската Патријаршија, којашто не е надлежна) се прогласиле за надлежни за постапување (позитивен судир) да постапуваат по една иста управна работа. Тогаш кога доаѓа до судир на надлежноста, и при таков случај, надлежен орган за решавање е Управниот суд на Сеправославниот Собор. При настанување на еден таков спор меѓу СПЦ и Цариградската Патријашија, која од двете има право да ѝ додели томос на МПЦ, во тој случај и двете ППЦ ќе бидат странки пред Судот на Сеправославниот Собор. Притоа, ако органот во судирот на надлежноста смета дека со решението со кое се одлучува за судирот на надлежноста му е повредено некое право, тој може да изјави жалба, до Судот на Сеправославниот Собор. Меѓутоа, орган којшто е стварно надлежен да решава во управна работа не може да преземе определена управна работа од надлежност на друг орган. Во случајот Цариградската Патријаршија не е стварно надлежен орган да решава за управна работа во којашто надлежност има СПЦ.

Значи, Решение против коешто не е изјавена жалба во управната постапка, или, пак, жалбата е искористена, а со кое странката се стекнала со некое право, односно со коешто на странката ѝ е определена некоја обврска, е конечно во управната постапка. Цариградската Патријаршија не изјавила жалба против Решението на СПЦ за доделување автокефалност на МПЦ ‒ ОА, односно за правата и обврските што СПЦ ѝ ги определува во Одлуката/Томосот. Доколку, пак, против правата и обврските (Решението) што СПЦ со Одлуката/Томосот ѝ ги нормирала на МПЦ ‒ ОА (задоволна странка во постапката), притоа МПЦ ‒ ОА не изјавила жалба против Решението (Одлуката/Томосот), истото станува извршно и конечно.

Дури и во случај Цариградската Патријаршија да поднесе барање за поведување постапка за оспорување на Решението донесено од согласно закон надлежен орган за донесување, со тужба до Судот на Сеправославниот Собор, секако таквиот поднесок содржи формален недостаток што го спречува постапувањето по поднесокот, и само поради тоа може да биде отфрлен. И самиот орган што ќе го прими такчвиот поднесок, не може да направи ништо за да ги отстрани недостатоците, бидејќи е спротивно на Одлуките од Четвртата претсоборска комисија каде што е опишана постапката за доделување автокефалност; во таа формално‒правна постапка не е предвиден видот на жалба до управен орган заради називот/титуларот/идентитетот на правното лице коешто добива автокефален статус, ниту е донесен материјално‒правен закон за тоа прашање.

Исто така, Цариградската Патријаршија не може да бара примена на вонредни правни лекови (пр. Повторување на постапката или Барање за заштита на законитоста) во управна постапка пред Судот на Сеправославниот Собор. Значи, иако постапката за добивање автокефалност на правното лице МПЦ ‒ ОА е окончана со решение против кое нема редовно правно средство во управната постапка (конечно решение во управна постапка) може да се повтори, според услови како што се: дознавање за нови факти, или ако се најде или се стекне можост да се употребат нови докази. Како што рековме, Цариградската патријаршија не може да обезбеди факти и докази против Одлуката/Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА, стекнат од надлежниот орган Архијерејскиот Собор на СПЦ. Притоа, под конечно решение се подразбира она решение против кое што не е можно да се изјави жалба, односно против Решението од СПЦ за доделување автокефалност на правното лице МПЦ ‒ ОА, бидејќи е правосилно и извршно.

Исто така, управен спор би можела да поведе Бугарската Православна Црква (БПЦ) и тоа со тужба до Судот на Сеправославниот Собор. Доколку БПЦ се „надева“ на факти и дека се стекнала со можост да употреби докази за јурисдикцијата на Бугарската егзархија во периодот на Втората светска војна, таа може со тужба да поведе управен спор пред Управниот суд на Сеправославниот Собор. Сепак, БПЦ треба да ја конципира тужбата преку презумпција ex lege, односно правниот интерес за поднесување деклараторната (утврдувачка) и конститутивната тужба мора да го претпостави по сила на законот (ex lege). БПЦ би побарала утврдување на јурисдикција во Македонија (утврдување право) за периодот на Втората светска војна, но таа не може да ги прикаже актите на воена анексија од страна на бугарската држава во Македонија како легитимни јавни исправи, бидејќи таквите акти што се донесуваат во услови на воена агресија се недопустливи за црковните судови. Ниту, пак, БПЦ може да приложи докази дека конституирала канонско–правна власт со хиротонија на епископи во Македонија за периодот на нејзина окупација. Принудата на македонското православно население да се договори со Бугарската Егзархија за извршување Свети Тајни се ништовни и не произведуваат правни дејства, бидејќи не постои доказ за воспоставена епископска јурисдикција.

За да се добие целосна јасност, потребно е уште еднаш да се потцрта положбата на Цариградската Патријаршија; таа не е стварно надлежен орган за доделување автокефалност; таа е само Патријаршија прва по чест, но и таа е aequalitas ante legem (канонски/законски еднаква/рамна по власт во однос на останатите автокефални ППЦ).

Под претпоставка, Цариградската патријаршија да издаде томос на некој црковно автономен регион, како што таа постапи во случајот со автономниот црковен регион на Украина, тој поединечен управен акт мора да биде во согласност со општиот акт од кој произлегува, односно со одлуките од Четвртата и Петтата претсоборска конференција. Во случај на противречност односно незаконитост со тие акти, како што е во конкретниот случај, каде што Цариградската патријаршија издала томос, таквиот поединечен акт (томос) се поништува.

Томосите што Цариградската патријаршија ги има доделено на Полската Православна Црква, Православната Црква на Чешка и Словачка и Финската Православна Црква се акти со унилатерално дејство и тие акти за да станат легитимни, тие цркви треба дополнително да поднесат деклараторни и конститутивни тужби до Управниот суд на Сеправославниот Собор.

Томосот за автокефалност од МПЦ – ОА е правосилен и извршен правен акт. Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА го имаат прифатено со одлуки Синодите на: Руската Православна Црква, Бугарската Православна Црква, Романската Православна Црква. Томосот de facto го имаат прифатено Православната Црква на Чешка и Словачка и Полската Православна Црква, а преку сослужувања со нивни епископи и со меѓусебни средби. Синодот на МПЦ – ОА треба да поднесе барање до СПЦ, таа да го процесуира Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА до Грузиската Православна Црква и Албанската Православна Црква.

Доделувањето томос на МПЦ – ОА и од страна на Цариградската патријаршија би било actus non legitimus (законски нелегитимно [бесправно] дејство). Доколку, пак, да претпоставиме, таа додели томос, тој најверојатно би бил со непознат назив, притоа тој единствено што ќе регулира ќе биде забраната за употреба на називот „македонска црква“, преименување на древниот назив Охридска архиепископија, бидејќи нејзиното место во диптихот (рангирањето по старост на ППЦ) е повисоко од повеќето соседни ППЦ и на крај, ограничување на јурисдикцијата според начелото на меѓународното право uti possidetis juris, во границите на новооснованата суверена држава Македонија, без разлика на ново-доделениот назив црква на Охрид.

ЕВИДЕНТНО Е НЕЗАКОНИТОТО ОДБИВАЊЕ НА ЦАРИГРАДСКИОТ ПАТРИЈАРХ ДА ПРЕЗЕМЕ СООДВЕТНО ДЕЈСТВИЕ – ТОМОСОТ ЗА АВТОКЕФАЛНОСТ НА МПЦ – ОА ДА ГО ПРОЦЕСУИРА ДО СИТЕ ППЦ ЗА ДОБИВАЊЕ КОНСЕНЗУС, ДЕЈСТВИЕ ШТО ПАТРИЈАРХОТ БИЛ ДОЛЖЕН ДА ГО ИЗВРШИ, А ОДБИВА ДА ГО ИЗВРШИ

Оној што решава за права и обврски треба да биде одговорен за носењето на решенијата. Одговорноста ја опфаќа штетата предизвикана со преземање на незаконити дејствија или со незаконито одбивање да се преземе соодветно дејствие. In concreto, Цариградскиот патријарх не презема дејствие за обезбедување консензус за одлуката од СПЦ, на МПЦ – ОА да ѝ додели Томос за автокефалност. Цариградскиот патријарх делото го извршува со несторување (delicta ommisiva), тој го пропуштил сторувањето што е правно должен да го изврши. Непреземајќи го дејствието што е должен да го изврши, Цариградскиот патријарх применува „судски активизам“, што имплицира дека тој донесува одлуки врз основа на сопствените ставови и контроверзни политички прашања, а не врз основа на материјален закон (каноните и одлуките од Четвртата и Петтата претсоборска комисија). Тој нема дискреционо право за решавање на спорови и треба да одлучува врз основа на правни, а не вонправни аргументи.

Прво, Цариградскиот патријарх применува т.н. Судски активизам, филозофија што тврди дека може да одлучува дискреционо, притоа не во алтернативите за дискреција што ги нудат одлуките од Четвртата и Петтата предсоборска комисија (закон), туку има за цел да примени пошироки општествени и политички импликации на Пан-елинизмот. Затоа, групата елинистички цркви одбиваат да донесат одлука за прифаќање на Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА, којшто преставува правнорелевантен факт во Православната Црква. Напротив, Цариградската патријаршија, Александриската патријаршија и Ерусалимската патријаршија, како и Грчката Православна Црква – Атинска архиепископија ја уценуваат МПЦ – ОА да иницира постапка за бришење на називот (persona ficta/правно лице) „Македонска Православна Црква“. Цариградската патријаршија и елинските цркви вршат суштествени повреди на одредбите на постапката за доделување автокефалност и погрешна примена на материјалното право во каноните. Цариградскиот патријарх спроведува политичка агенда, односно неговиот политички став за бришење на поимите Македонска црква и Охридска Архиепископија, го одредуваат исходот на предметот што правно е обврзан да го изврши, да обезбеди консензус за Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА.

Второ, доколку Цариградската патријаршија ја реализира амбицијата унилатерално да доделува автокефалност, тоа на перфиден начин може да служи единствено на крајната цел, а тоа е, претпоставувам, поништување на осветениот канонски поредок на Едната света соборна и апостолска црква и вововедување „над–јурисдикција“ на еден „универзален престол“. Целта е Цариградската патријаршија да обезбеди исклучива привилегија за давање автокефалност и автономија воопшто на сите Православни Цркви во светот, на сегашните и идните, давајќи им притоа и онаков поредок и ранг каков таа ќе одреди (бидејќи тоа и е прашање на Диптих, којшто не значи само „поредок за спомнувања на литургиите“, туку и поредок на Црквите при одржување на Соборите). Цариградската патријашија ќе воспостави и права за: централизирање на мироварението, канонизирање на светителите, судење на епископите и интронизирање на патријарсите на сите ППЦ, односно право за Поглавар на Источната Црква. Постои значи, опасност врз основа на оваа титула обид за воведување православен папа, кој би имал врховна власт на судија и управител и претставник на целокупното Православие.

Ништо не претставува право, сè додека не биде прогласено од страна на службено лице, било да е тоа судија или законодавно тело, а Цариградскиот патријарх самиот по себе не е службено лице или орган којшто е стварно надлежен да решава во управна работа за доделување томос за автокефалност, надвор од границите на јурисдикцијата на Цариградската патријаршија и не може да преземе определена управна работа од надлежност на друг орган или јурсдикција.  

Употребата на придавката „вселенска патријаршија“ и барањето за примена на ексклузивната титула „вселенски патријарх“ е ништовна. Бидејќи, ако само Цариградската црква е „вселенска“, а останатите  не се, тогаш се придодава несреќниот заклучок, дека само таа црква е тој „центар“ и „божествен темел“, којшто самиот по себе управува со сите Православни Цркве во светот – како неправославно и непобожно се учи во посланието од 1950 година. Евидентна е координирана кампања на Цариградската патријаршија во соработка со западните дипломати за реформирање на актуелниот поредок во Православието. Преодна фаза до конечната реформација за воведување Источен поглавар е времена управа на четирите древни патријаршии, Цариградската, Александриската, Ерусалимската и Антиохиската, Цркви од прв степен, а сите нови автокефални цркви, руска, српска, романска, бугарска, грузиска, македонска и останатите се Цркви од втор степен. 

Митрополит Кумановско–осоговски г. Григориј

Оние што сакаат подетално проучување за начинот на добивање автокефалност, прочитајте го образложениот „Став“ на Митрополитот Кумановско–осоговски г. Григориј, на следниот линк

https://koe.mk/wp-content/uploads/%D0%A1-%D0%A2-%D0%90-%D0%92-2.pdf