Инфодемија „Религија.мк“

Малициозни се намерите (кривична намера) на анонимната група врз нас како митрополит, да нè претстави со наводни факти дека i) работиме спротивно на политиката на архиепископот и ii) стратегијата на Синодот 2017 – 2020 и употребата на деволутивното правно средство (право на жалба до повисок суд) т.н. „апелациско прибегнување“; тврдења vis compulsiva, психолошки притисок да ни ја скрши волјата, да постапиме спротивно на сопствената волја (јуриспрудентност) за канонско – правниот пат на автокефалноста на МПЦ – ОА. Нападите не се од небрежност, правна заблуда или изјаснето лудило.

Архиепископот според овластувањето од Уставот и законските акти на МПЦ – ОА, ниту  de lege lata (закон што е на сила), ниту de lege ferenda (закон што треба да стапи на сила), не може да креира „своја политика“ или во управна постапка да поседува право на самостојност во решавањето, а согласно утврдените овластувања, бидејќи со останатите членови од Синодот е поставен lex sacrata (свет закон) на хоризонтално ниво, а не на вертикално, освен што самостојно управува со епархијата во којашто е надлежен, како и останатите епархиски архијереи. Обврска претставува и за него да презема дејствија врз основа на Устав, закон, подзаконски акт и каноните. Не постојат дискрециони овластувања за архиепископот, односно тој има право дискреционо да избира помеѓу две или повеќе алтернативи кои што законот му ги нуди. Според тоа, тој и кога ја претставува МПЦ – ОА пред другите Помесни цркви, не може самостојно да донесува управни решенија, притоа да не е ополномоштен од Синодот, а согласно со 34-от апостолски канон, како пропис со повисока правна сила од Уставот. Значи, анонимната група се обидела да го нијансира приказот на архиепископот како неприкосновен и со инокосно право и право на првенство без потреба од начелото за соборност. Некомпатибилна е дезинформацијата дека архиепископот имал своја политика и ние сме биле против неговата политика, бидејќи „нема повисок устав од Уставот и нема повисок закон од законот; никој нема повеќе власт од таа што му е дадена со Уставот и законите. За разлика од архиепископот, Синодот, може да донесе законски акт, кога ќе оцени дека е неопходно да се усвои регулатива (без посебно овластување).

Управниот акт за автокефалноста на МПЦ – ОА е од стварно надлежен орган СПЦ (Мајка ‒ Црква), којшто е законит, донесен во канонска постапка, и произведува правни дејства, како во однос на МПЦ – ОА, така и кон сите субјекти (erga omnes) во состав на Сеправославниот Собор (заинтересираните лица, Цариградската патријаршија и Бугарската Православна Црква и сите останати ППЦ). Тој акт има формална и материјална правосилност, што значи дека против него не може да се поведе управен спор (тужба), ниту да се поднесе жалба или вонреден правен лек, но и неможност на органот (СПЦ) што го донел подоцна да го изменува, поништува или да го укинува.

Управниот акт против кој што не може да се изјави жалба, ниту да се поведе управен спор, а со кој се решавало за права, обврски или правни интереси на странката (МПЦ – ОА), е правосилен управен акт. Управниот акт станува правосилен и доколку странката се откажала од правото на жалба.

Во диспозитивот на решението (Томосот) за автокефалност, МПЦ – ОА се стекнала со определени права, при што се наредува да се изврши определено дејствие (автокефалност) и тоа е правосилно решение. Административно извршување се спроведува по службена должност и се однесува на странката – правното лице МПЦ – ОА, кое е должно да ја исполни обврската без одлагање кога решението (Томосот/Одлуката) за автокефалност станало извршно. Извршноста (престација) на управниот акт овозможува  во административно – извршна постапка тој да се стекне со конечност и истиот има својство на непобитност.

Наводите дека сме постапувале противправно на „стратегијата на Синодот 2017 – 2020“ и барањето на Синодот за т.н. „апелација“ од Цариград се измама!

Зошто е измама наводниот факт на анонимната група, дека сме биле против одлуките на Синодот?

Управната работа на Синодот за сите правни дејствија преземени пред донесување на Томосот за автокефалност, односно стапување на неговата правосилност и извршност, се дерогирани и истите не произведуваат правно дејство. Томосот како правосилен и административно извршен управен акт произведува правно дејство, а странката во постапката (МПЦ – ОА) ги исполнува правата и обврските утврдени со него. Подоцнежните закони ги укинуваат претходните, спротивни закони (leges posteriores priores contrarias abrogant).

Дерогираните барања за апелација до Бугарската Православна Црква (БПЦ) и Цариградската патријаршија, односно донесените одлуки, остануваат во сила сè додека не бидат откажани, отповикани, со управно судска пресуда (на Синодот) огласени за ништовни, или кога ќе се исполнат нивните услови, се преклузивни правни предмети на Синодот, колатерален естопел, што спречува доносителот на одлуката да го преформулира или повторно да решава по правното прашање.

Одлуките на Синодот во однос на апелациите се дерогирани, и тоа: изречно се укинати (експлицитно поништени), односно укинати се од страна на Синодот со донесување нов законски акт (Одлука – Барање до Архијерејскиот собор на СПЦ за доделување автокефалност). Со таа управна работа, Синодот, како законодавец, покажал директна и недвосмислена волја да ја прекине правната важност на претходните одлуки за апелациите кон БПЦ и Цариградската патријаршија, така што понатаму тие немаат законска сила. Во конкретниот случај, барањето кон БПЦ е премолчно укинато, кое укинување настанало автоматски, бидејќи таквото барање било во спротивност со законот. Поточно, барањето од Синодот на МПЦ – ОА поднесено до БПЦ е ex injuria jus non oritur, коешто содржи тешка повреда на законитоста и како неправен акт, тоа не може да создаде право и е ништовно. Во случајот со БПЦ, решението е премолчно огласено за ништовно, чие извршување воопшто не е можно; содржи неправилност која, според изречната законска одредба за надлежност (јурисдикција) врз одреден регион е легитимна постапка, само во случај на постоење апостолско преемство, во спротивно, пак, е причина за ништовност. Со укинување на решението, се оневозможува натамошно произведување на правни последици од укинатото решение.

Освен тоа, Цариградската патријаршија на 9 мај 2022 година постапила по барањето на Архиепископот на МПЦ – ОА и ДОНЕЛА утврдувачка (деклараторна) ОДЛУКА, со којашто во став 1 т. 2), ГИ ДОДЕЛИЛА УПРАВНИТЕ ПРАВА (иакон незаконски, бидејќи нема надлежност да доделува права на друга помесна црква) на СПЦ „да ги уреди управните прашања меѓу неа и ‘црквата во Северна Македонија’“. Ние, како член на Синодот, се изземавме од одлучување по правното прашање што се утврдуваше во барањето кон Цариградската патријаршија, заради процесна неспособност на Синодот. Исто така, до денес не сме запознаени со барањето на Синодот за persona ficta/назив на правното лице, дали воопшто е побарано од Цариградската патријаршија да решава и за името на нашата Црква или самоиницијативно за назив, со кондемнаторна пресуда, ни определила за име „црква на Охрид“ (Службен весник, пригоден број, 2022, година LXIV). Тврдиме дека тој акт (одлука) на Цариградската патријаршија е делумно ништовен правен акт, бидејќи само одредени одредби се неважечки, став 1 точките 2 и 3, а точката 1 е важечка заради стварната надлежност, со којашто ја признава МПЦ – ОА. Точката 3 е ништовна согласно начелата actio popularis (недискриминација), sui generis (посебен Македонски род) и Божественото право на самоопределување и sui iuris (право на самостојност во одлучувањето на МПЦ – ОА). Меѓутоа, со таа одлука, Цариградската патријаршија се вбројува во останатите автокефални Православни цркви коишто донесоа позитивни одлуки во „процесот за добивање консензус за автокефалноста на МПЦ – ОА“.

Едноставно кажано, Томосот за автокефалност се смета дека е подоцнежниот закон, кој е во спротивност со сите претходни, и ги укинува претходните закони, кога и двата се однесуваат на истата материја или регулираат ист материјален закон во МПЦ – ОА. Оттука, применето е премолчно укинување (implied repeal), концепт според кој, доколку некој акт на управниот орган што решава е во судир со претходен акт, подоцнежниот акт има предност, а деловите од претходниот акт што се во судир со него стануваат правно ништовни.

Цениме дека обидот на Цариградската патријаршија да ни наметне да спроведеме нејзина одлука е правен имплант, бидејќи е неканонски, неуставен и незаконски.  Така што, каква и да била иницијатива за ратификација на одлуката од Цариградската патријаршија за доделување втор томос, претставува флагрантно кршење на Уставот и законите, бидејќи Томосот за автокефалност (донесен во законска постапка на надлежен орган СПЦ) е составен дел од Преамбулата на Уставот на МПЦ – ОА и во иднина ќе претставува противправно дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, на оној што евентуално би се обидел …

Единствено што преостанува во управната постапка, е Цариградскиот патријарх да го изврши дејствието што е должен да го изврши, Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА да го процесуира до сите Помесни Православни Цркви за добивање консензус. Дејствие што на патријархот му е со закон доверено и бил должен да го изврши, а одбива да го изврши. Дејствие со коешто ќе го обезбеди консензусот за единството на православните цркви во соединувањето на љубовта.

Порталот „Религија.мк“ произведе инфодемија. Сензационалистичкото известување со погрешни и злонамерно неточни информации и дезинформации е предмет на медиумски циркус. Медиумската „гозба“ е поттикната од анонимна група на високиот црковен клир на МПЦ – ОА, која е поттикната од мотивите за дестабилизација на МПЦ – ОА. Порталот „Религија.мк“ создаде прекумерна количина неточни информации, гласини и невистини. Порталот е вектор за радикализација и шири екстремистичка пропаганда. Дезинформациите брзо ги прошири, создавајќи криза помеѓу верниците. Ним, како целна група, им отежнува да најдат веродостојни  насоки и на верниците им импутира дилема, дали МПЦ – ОА е автокефална или треба да примени деволутивно правно средство. Верниците се во неизвесност. Кризата што ја создава пораталот е долготрајна и ги интензивна, а веродостојните факти за автокефалноста се потиснати од дезинформациите. Продолжените незадоволства кај верниците имаат за цел создавање внатрешни психолошки вектори, доведувајќи ги верниците во заблуда и поттикнувајќи ги на отпор/нетрпение кон МПЦ – ОА. Не е изолиран политички процес, туку пропаганда што ќе ги насочи верниците кон екстремистички пат и антагонизам против Синодот на МПЦ – ОА.

Синодот треба да биде загрижен за бесрамното злосторство што го извршуваат оние што сакаат да го загрозат интегритетот и автокефалноста (сувереноста) на МПЦ – ОА. Затоа, тој треба да отвори истрага за учество на повеќе лица во извршувањето на незаконското дело „субверзија на автокефалноста на МПЦ – ОА“. Постои умислен придонес и основи на сомневање дека делото е извршувано со поттикнување од повисокиот црковен клир, преку дејствијата на понискиот клир, со особен придонес кон извршувањето и преку соизвршителство, соучесништво и помагање за остварувањето. Синодот треба да поведе истрага за основите на сомневање, дали мотивот за сторување на незаконското дело е правна заблуда или стекнување противправна имотна корист (привилегија за имплементација на т.н. „вселенски примат“), друг политички, надворешно–политички или надворешно–црковен фактор со умисла го (ги) поттикнува на извршување казниво дело.

Со оглед на тоа дека на порталот „Религија.мк“ се прикажани содржини кои што можат да создадат насилство, „предизвикување и распалување на омраза“ меѓу нас како митрополит, Архиепископот и Синодот, јавно го повикувам Основното јавно обвинителство (ОЈО) по службена должност да го примени членот 394-г од Кривичниот законик (КЗ), за предвиденоста во КЗ и противправноста на конкретното дејствие и законскиот опис на казненото дело – „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, како и повреда на правата од член 10 став 2 за „одговорноста при слободата на изразување“, односно член 17 „забрана за злоупотреба на правата за слобода на говор“ и „рестриктивна употреба на ограничувањето на правата на слобода на говор“ од Европската Конвенција за човекови права. Неодмерениот и тежок јавно изговорен збор може да има особено тешки последици, па дури и да биде безбедносно опасен за определени лица, токму поради злоупотребата на слободата на изразувањето, односно на слободата на информирањето.

Митрополит Кумановско–осоговски г. Григориј