На 4 октомври 2016 година (вторник), со почеток во 12:00 часот во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи промоција на македонското издание на бестселерот „Несвети, а свети и други раскази“ на Епископот Тихон Шевкунов, во издание на Кумановско-осоговската епархија. Книгата беше издадена во пресрет на 28. Саем на книгата, во април годинава.
Деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, професор д-р Ѓоко Ѓорѓевски ќе ја промовира книгата, по што ќе се обрати и самиот автор.
Инаку, Епископот Тихон е роден на 2 јули 1958 г. во Москва. Во 1982 година дипломирал на Факултетот за сценарио на Државниот институт за кинематографија, по што станал искушеник во Псково-печерскиот манастир. Монашки потстриг примил во 1991 година во Донскиот манастир, а истата година бил ракоположен и во јероѓаконски и јеромонашки чин. Во игуменски чин бил унапреден во 1995 г, а во архимандритски – 1997г. Во 2010 година бил именуван за одговорен секретар на Патријаршискиот совет за култура, а со одлука на Претседателот на Руската Федерација, г. Димитриј А. Медведев, истата година е вклучен и во состав на Советот за култура и уметност при Претседателот на Руската Федерација. На 22 март 2011 г. станал член на Највисокиот црковен совет на Руската Црква. На 29 февруари 2012 г. Рускиот Патријарх го поставил за игумен на Сретенскиот манастир. Ректор е на Сретенската духовна семинарија, раководител на издавачкото одделение на Сретенскиот манастир и интернет-презентацијата „Pravoslavie.ru“. Од јули 2012г. е член на Општествениот совет при Министерството за култура на Руската Федерација. Член е на Руската Академија на природни науки.
Интервју: Читатели кои не читаат