Благовештение на Пресвета Богородица

На 7 април 2025 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј служеше Света Златоустова Литургија во митрополитскиот соборен храм на свети Никола во Куманово, каде беше прославен празникот кој го јавува предвечното таинство и кој е почеток на нашето спасение – Благовештението на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, кој е епархиска слава на Свештената Кумановско-осоговска епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. На Светата Литургија прислужуваа протојереј ставрофор Александар Смиљков, протојереј ставрофор Драган Алексовски, протојереј ставрофор Блаже Цековски, протојереј ставрофор Антониј Петрушевски, протојереј ставрофор Драги Стојановски, и протојереј ставрофор Јорданчо Митевски. По заамвоната молитва беше осветен славскиот колач. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.