ШТО Е КАНОНИЗАЦИЈА НА СВЕТИТЕЛ?

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Самиот поим канонизација потекнува од латинскиот збор canonizatio и од грчкиот κavώv – што значи список или каталог. Се сретнува уште еден грчи назив: ἀναϰήρυξις што значи провозгласување на светиот. Тоа значи дека одреден светител од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква се внесува во диптихот, редот на прославени светии. Таа канонизација може да се изврши само од највисоката црковна власт на една помесна, православна Црква. Пред самиот чин на прославување претходи работа на специјално составена црковна комисија, посветена на тие прашања. Таа група работи на:

  • составување на служба за светителот;

  • одредување на датум кога се слави;

  • внесување во црковниот календар;

  • цртање на икона;

  • собирање на материјали, сведоштва за светиот живот на истиот, односно пишување на житие;

  • сведоштва за извршени чуда, односно, сведоштва на услишани молитви од страна на светиот;

  • нетлени мошти.

Кога зборуваме за нетлени мошти, има сведоштва дека телата на упокоените светии не секогаш се целосно зачувани, но сепак, од нив, по Божја милост, излегува благоухание и миро.

Некој одреден светител може да биде почитуван од народот како нивен застапник пред Бога уште по самото негово упокојување, но соборното прославување секогаш треба да го изврши целата Црква. Тоа значи, сé додека не се изврши канонизацијата, прославувањето, за тој упокоен православниот народ се моли, молитвите се упатени кон Бога за него, во црковните помени за него се пее парастос. Сепак, молејќи се за некого кој всушност е во редот на светителите не се прави грешка затоа што истиот светител возвраќа со своите молитви кон Бога за народот. На одредените денови кога се установени задушниците, ние соборно, во Црква се молиме за сите упокоени, со тоа ги спомнуваме и сите светии. Така и тие се молат за нас. Затоа е многу битно да не ги забораваме молитвите за покојните, тие им се потребни и ним и нам. Да се молиме за некого кој е упокоен е повеќе од тоа да се дава милостиња на некој жив, затоа што покојниот за себе не може ништо да направи ако ние не му помогнеме. И, да не заборавиме, со каква мерка мериме, со таква ќе ни се мери.

Има примери кога одреден светител не е канонизиран. Во тој случај има пракса каде што се гради параклис над гробот на светиот, но таму не се служат молебни, туку парастоси.

Прославените светии можат да имаат различни називи. Светител се однесува конкретно на оние кои го носеле чинот на епископство (митрополит, архиепископ, патријарх). Имено и додека ја извршуваат својата служба како епископи, нивниот чин се нарекува светителски. Затоа во обраќањата на патријарсите се вели: „Неговата Светост“.

Пред секоја Божествена Литургија свештеникот прави проскомидија, односно ги спрема даровите кои подоцна на Литургијата треба да се принесат и да се осветат. Тогаш најпрвин ја спомнува Пресвета Богородица која стои оддесно на Бога и по чии молитви свештеникот се моли Бог да ја прими таа бескрвна жртва. Потоа се спомнуваат светите небесни бестелесни сили, ангелите, меѓу кои посебно се спомнуваат светите архангели Михаил и Гавриил. Кога зборуваме за ангелските чинови, тогаш треба да се знае дека за нив не претходи канонизација, прославување. Тие се веќе прославени од Бога како наши чувари, застапници, молитвеници. Следни се спомнуваат светите пророци, и овде се работи исклучиво за старозаветните пророци, заклучно со Претечата и Крстителот Господов Јован, затоа што после св. Јован Крстител повеќе нема пророци. А зошто? Затоа што пророците го предвестувале доаѓањето, раѓањето, воплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос и своја мисија ја завршиле. Потоа се спомнуваат светителите, кои веќе ги спомнавме, мачениците кои ја пролеале својата крв за православната вера, преподобните отци и мајки кои се подвизувале во чинот на монаштвото, светите чудотворци и бесребреници кои лекувале надевајќи се само на плата од Бога при Неговото второ доаѓање, праведните – односно оние кои живееле свет живот во брак, во чиј ред, по Божја милост е прославен и нашиот свет отец Јоаким Крчовски и на крајот се спомнуваат сите светии кои се молат за нас пред Божјиот престол.

Нашиот свет праведен отец Јоаким Крчовски најпрвин бил женет свештеник, а потоа својот праведен живот го завршил во манастир како монах и игумен.

Преподобниот отец Јоаким Крчовски е монах, духовен писател и учител во низата на светите отци во кои е проткаено светото Предание на Црквата. Тој е многуплодна прачка, соединета со Лозата Христос, која дава многу плод. Како што вели и Самиот Спасител: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јн. 15, 5). Така и отец Јоаким, во сé придржувајќи се до Црквата, која е Тело Христово, чувајќи ја чистотата на Православното учење, живеејќи добродетелно, светотаински се надградувал себе си и народот за кој се застапувал пред Бога.

Живеејќи во сиромашна земја, но богата со историја, посведочена и од Светото Писмо, гледал православниот народ во родната Македонија да го претстави пред Бога „како чиста девица“ (2 Кор. 11, 2). Сестрано се грижел да му го воздигне духот и до ден денес таа негова мисија не престанува. А наш долг е споменот да му го направиме светол и вечен, зашто „не може да се сокрие град кој стои на врв планина“ (Матеј 5, 14).

Светиот праведен отец Јоаким Крчовски е продолжител на делото на светите браќа Кирил и Методиј и на нивните свети ученици, светите Климент и Наум, Охридските чудотворци. Остварувајќи го во себе образот Божји, бил пример, силна поткрепа, сестран учител за својот народ, кој му бил доверен од Бога, и во кого се трудел истиот тој Божји образ да го оствари според Првообразот Господ Исус Христос. Св. Јоаким бил столп на кого се крепел нашиот народ, и на кој сé уште се крепи, како црковно, така и народно.

Во време, кога туѓинци се труделе да го уништат духот, моралот, верата, надежта и љубовта на македонскиот народ, по Божја промисла се јавил преродбеникот, силниот по дух, духовно – морално – интелектуално издигнатиот отец Јоаким Крчовски, кој се трудел да ги зачува верата, надежта и љубовта во секое православно срце, за човекот целосно да не пропадне во бездната на очајното време. По таа причина, неговата свеќа (читај светлина) и денес ни го осветлува патот, не само со пишаниот збор, туку и со личниот пример, независно од времето во кое живееме, да го носиме неговиот аманет, да го изодиме патот без во нас да изгасне пламенот на верата, надежта и љубовта, без кои се уподобуваме на бесловесните животни.

Нашиот молитвеник пред Бога, преподобен отец Јоаким Крчовски, е пример на Божји слуга кој во себе ги умножил талантите, бил верен во малку, и Господ го поставил над многу. Ако тогаш негова паства биле неговите современици, сега негова паства сме сите ние и следните поколенија, а наше е да Му благодариме на Бога и во своите молитви да го призиваме преподобен отец наш Јоаким Крчовски да се моли за нашата духовна и народна слобода.

Св. Јоаким Крчовски самиот себе, еден друг и целиот свој живот го предал на Христа Бога, и така постанал Божјо орудие и светилник, молитвеник пред Бога. Во времето во кое живеел, ја осознал потребата од покајание како пат кон духовна и телесна слобода. И ние сме му должни споменот да му го направиме вечен, затоа што тој бил и é еден од нашите застапници пред Бога, кој на секој начин се трудел да биде и é орудие во Божјите раце. Во свое време бил еден од малкуте работници на Божјата нива, но со Божјата помош и благодат, таа нива донела обилен духовен плод. Светиот праведен отец Јоаким е продолжување на светоотечката традиција, достоен следбеник на Добротољубието, смирен монах со богата ризница во срцето.

По неговите молитви, нека Господ, од недрата на нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, изроди уште многу светии. Амин!