На 07.12.2021 год., во навечерието на празникот на св. Климент Охридски Чудотворец, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј служеше празнична Вечерна богослужба во митрополитскиот соборен храм Св. Никола, во Куманово.
⁜ ⁜ ⁜
Името и делата на нашиот македонски Светител Климент Охридски е запишан во старите „книги“ на нашите гени, во генетската информација на македонскиот организам. Многу народи сè би дале да имаат во својата историја еден ваков: Божји човек, мудрец, учител, прв просветител, писател, дипломат, државник, обликувач, трасирач на патот на национално битие на македонскиот народ. Пред сè, Свети Климент Охридски нè повел на патот кон Христос.
Треба да зборуваме за корените, за Свети Климент? Кој го интересира тоа денес? Кој знае нешто да каже за тоа? Своевидна асимболија – заборавеност или губење способност да се разберат претходно познатите симболи и знаци. Постои реминисценција (слаба меморија), бидејќи заборавените, но никогаш избришани траги на нашите предци, стојат тивко, но упорно спроти морето на модернизмот, којшто со силни бранови на информации нè принудуваат да се удавиме… да ги избришеме нашите сеќавања, да ги потонеме трагите од солзите на светителите и непознатата маченичка крв на погубените за македонската Црква. И дали ќе успеат .. брановите? … Па, нели веќе…
Свети Климент Охридски мора да се црта на часовите по ликовна уметност. Антагонистите ќе речат, па ако ме интересира Свети Климент, ќе прочитам на Интернет. Да, има на Интернет. Неколку историски прегледи, пред сè лажни, секако бугарски, а македонскиот преглед добил инверзија (дозволено мешање на друга држава – State interference – диархија/дуумвират). Освен монументалниот храм на Плаошник, има и неколку икони, песни, приказни и секако имињата на училиштата и универзитетот, што го носат тоа име, како и незначителни извештаи од прославата во богословијата. Иако, ако ги прашате децата по плоштадите, кој е Свети Климент Охридски, мислат дека е лик од Втората светска војна. Денес, на младите луѓе, можеби им е непотребен овој поим, но тој поим за Македонската Црква и за Македонија, значи независност (сувереност, автокефалност), барем толку – колку што Томас Џеферсон значи за Американската сувереност, кој вели: „Подобро ќе престанам да постојам, пред да се откажам од поврзаност под такви услови што ги предлага Британскиот парламент“.
Денес, за младите, единствено важно е забележливоста во огромно модерно море од информации. Извинете – онлајн забележливоста (инфлуенсот) во глобалната мрежа! Непрепознатливоста на потеклото е продуцирано од опасностите од морето информации, од сите оние комплицирани (неразбирливи) супранационални – заеднички интереси на меѓународните организации, коишто создаваат слободно пливачки индивидуи, демнети од чудовиштата на нашето непознавање на самите себе. Сепак, многу е побезбедно каде што сè се решава со кликнување, или се брише неподобното, или се уредува, односно се врши ревизија на најмалку подобното. Минатото се пакува во лесно конзумирачка форма, којашто, пак, не ги тера младите да размислуваат за своето потекло. Младите имаат свои – новоизмислени херои, секако различни од вистинските, сепак се популарни ликови, кои виртуелно постојат, отколку оние кои навистина (со дела) постоеле.
Наспроти основачките дела на Свети Климент Охридски, отпочнат е патот на дезинтеграцијата и расплетувањето на сите вредности, духовни, културни, материјални, правни.
Внимавајте! Сепак, „има само еден знак (omen), да се бориш за својата татковина“, тоа е правото на потеклото, правото на сопственоста (dominium, proprietas). Во борбата меѓу оние (во светската историја) кои поседуваат сопственост (историска, културна, јазична, државна), против оние кои не поседуваат ништо – sine qua non е потеклото, наследство (legacy), или аргументот на правен/историски следбеник. А, што е народот без јазик, вера и свест за потеклото? Ништо. Можеби супра… Дојдоа нови мисли, нови занеси, нови закони, нови морали! O tempora, o mores! (чудни времиња, чудни обичаи!).
Свети Климент Охридски е најголемиот македонски просветител, затоа што е најголемиот македонски светител. А просветувањето е само проекција на светоста. Светителот Свети и со тоа ги просветлува другите. Образованието е условено од светоста, без светост нема образование.
Свети Климент Охридски најнапред се роди, се прероди и се преобрази со Светиот Дух, се освети, а потоа ги просвети и ги просветли неговите духовни чеда Македонците. Просветлувањето без Бог е неможно, тоа е хуманистичко просветување, и го дегенерира човекот во дискриминатор на Црквата, којашто учи за очистување од гревот. Хуманизмот создаде получовек сведен само на сетилата, само на разумот или само на волјата.
Европското хуманистичко образование создаде во нас и вештачки наметна конфликт помеѓу Црквата и училиштето, Црквата и науката, што значи катастрофа за нашиот народ.
Пазете и чувајте ги своите души. Семето на Христовото Евангелие, коешто Свети Климент го посеја во македонскиот род, никнува и денес. Тој сее и денес, сее од небото преку своите молитви, сее заедно со сите Светители.
Сепак, Свети Климент вечно ќе бдее над нас!
Митрополит Кумановско-осоговски г.Григориј








