На 05.12.2021 год., Недела дваесет и четврта по Педесетница (св. апостоли Филимон и Архип; св. маченичка рамноапостолна Апфија; св. маченичка Кикилија; св. Калист, патријарх Цариградски; св. маченик Менигнос), Неговото Високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј служеше Света Литургија во митрополитскиот соборен храм Св. Никола, во Куманово. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
⁜ ⁜ ⁜
БЕСЕДА на Дваесет и четврта Недела по Педесетница,
од Митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј
Денешното Евангелие нè поттикнува да расудуваме за нималку пријатното чувство — ненадејната смрт.
Денешниот опис на човекот од Евангелието е еден трагичен лик на човек кој бил себичен и користољубив, слуга на телото и каприцот (на претераната желба); тој потполно заборавајќи на бесмртноста на душата, на смртта и на Бога, умот и срцето ги прилепил за земните добра и телесни задоволства, притоа тој умрел — не како човек кој верува во Бога, туку како безбожник и отпадник од верата.
Овој човек е опишан — не како таков кој е обдарен со очистен разум, туку како користољубив човек кој живеел во беззаконие, затоа Бог му одредил насилна и ненадејна смрт.
Зошто во денешното Евангелие е потенцирано покосувањето со неочекуваната смрт? За да им биде јасно на сите дека тој не се упокоил природно од длабока старост, туку по Божја Заповед поради користољубивоста и беззаконијата што ги вршел. Господ Исус Христос во параболата ни ја покажува трагичноста од неприродната смрт, односно во Евангелието ни е прикажан Самиот Бог, Кој го РАЗОБЛИЧУВА овој несреќен грешник и му ја објавува страшната казна на ненадејната смрт: „Но, Бог му рече: ʼБезумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?‘ (Лк 12, 20). А тоа што си го стекнал, кој ќе го наследи? И тоа што си подготвил, на кого ќе остане?
Страшен факт за човекот е ненадејната смрт, бидејќи во каква состојба ќе се најдеме во часот на смртта, во таква состојба ќе бидеме во бесконечните векови. По смртта, ниту добродетелниот може да се смени од добродетелен во злобен, ниту грешникот од злобен во добродетелен, затоа што во каква состојба човекот ќе се најде во моментот на смртта, во таква останува бесконечно.
Во почетокот, Бог го врзува грешникот со малтерот на неговото Божествено човекољубие. Бог на богатиот од денешното Евангелие му дал богатство: „на човек“, вели, „на некој богат“. Овој, пак, без да го подели изобилното богатство со никого, си ги наполнил житниците и во нив ги собирал вишоците од своето богатство.
Бог, за да ја задоволи неговата желба и да го промени неговиот себичен и користољубив дух во општокорисен, пред сè, ја натерал земјата да дава изобилен плод: „На некој богат човек нивата му беше родила многу.“ (Лк 12, 16). И покрај тоа, алчниот богат човек ја отфрлил спасителната намера на Бога, и (размислувајќи) си помислил да ги уништи поранешните житници и да изгради нови, кои ќе можат да ги складираат и претходните и новите плодови.
Зошто алчниот и богат човек решил да ги руши и да гради нови житници со зголемен капацитет? — за да може само неговата душа да се исполни со уживање, да јаде, да пие и да се весели.
Меѓутоа, Бог гледајќи дека алчниот богат човек не само што не се поправа во злоупотребата, туку и греши повеќе од порано, го казнува со предвремена смрт.
Смртта во светот е неизбежна. Но, не само што не знаеме кога ќе умреме, туку не знаеме на кој начин тоа ќе се случи… Од нас самите зависи, дали ќе оставиме барем малку време да ги оплакуваме своите гревови или смртта изненадно ќе нè фати непокајани?
Зарем би сакале да ризикуваме со себеси, односно, дали би сакале да знаеме кога ќе умреме за да тргуваме со спасението, односно да грешиме со секакви грозоморни гревови до последниот час, а потоа, приближувајќи се кон покајанието, да станеме наследници на царството небесно?
Значи, моментот на смртта е неизвесен, непознат; смртта често доаѓа ненадејно.
Ненадејната смрт несомнено се случува, но на кого? Ненадејната смрт им се случува на оние што се невнимателни кон Заповедите Божји, и таквите се неподготвени и непокајани.
Часот на смртта е неизвесен, смртта ќе дојде како крадец. Ова е точно и праведно. Стражарете со умот и пазете ги Заповедите Божји; бидете подготвени.
Бидете верни и мудри слуги на Господа, како што биле Авраам и Исак, тогаш ќе умрете исполнувајќи ги своите денови, во добра старост (1 Мојс 25, 8) и нема да умрете насилно и ненадејно, туку со радост и надеж, а после смртта ќе бидете вброени во соборот на праведниците.
Бидете верни и мудри слуги Господови. Како верни, чувајте ја православната вера до последниот здив, како што ја чувате зеницата во окото; како мудри, оттргнувајте се од секаков грев и извршувајте ја секоја правда, и тогаш веќе нема да се плашите од ненадејна смрт, нема да се плашите од вечното мачење.
Како што видовме, Бог ни ги дава сите фактори што ни се потребни за постоењето, особено ни дава сè што ни е потребно за спасение, оти ако кога Бог ни даде и малку повеќе од што ни е потребно, секако ни создава и спасителна аналогија за да бидеме слични на Него, и кога споделуваме од нашето на оние на кои им треба, во себе создаваме богоподобни својства на личноста и нема да бидеме предвремено повикани кон смртта како ликот од денешното Евангелие. Тоа значи, дека зависи од изборот на нашето дело, во случајот, да споделиме со другите или да кумулираме вишоци само за себе.
Оттука, не постојат зли ствари, туку само злоупотреба на стварите. До злоупотреба, пак, доаѓа поради неправилно и неприродно движење или насочување на човечките природни сили на предметите и појавите од неговото најтесно окружување.
Свети Максим Исповедник вели: „Не се зло јадењата, туку стомакоугодувањето; не е зло ниту раѓањето деца, туку блудот и половите изопачености; не се зло парите, туку богатењето односно користољубието и среброљубието; не е зло заслужената слава, туку празнославието или суетата.“ Ако е така, како што вели Свети Максим Исповедник, тогаш ништо во човекот не е зло, освен злоупотребата, којашто се манифестира во немарност на умот за молитва и исполнување на Божјите Заповеди. Кога човекот не ги исполнува Божјите Заповеди, тогаш, со помош на огревовениот разум, врши злоупотреба на природната во неприродна употреба на стварите.
Ѓаволот владее со светот преку шест главни злоупотреби: злоупотреба на богатството, злоупотреба на телесната убавина, злоупотреба на уметноста којашто во комбинација со технологијата материјално го поробува човекот, злоупотреба на јадењето и пиењето или хедонизмот.
Слично, и нам ни е Заповедано: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.“ (Лк 12, 15)








