На 05.11.2023 година, 22 недела по Педесетница, кога се прославува споменот на Светиот апостол Јаков братот Господов, во храмот Св. Константин и Елена во општина Илинден беше отслужена Света архиерејска литургија. Литургијата беше возглавена од Неговото Преосвештенство епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким.
После литургијата беше извршена интронизацијата на новоизбраниот Епископ. Водворувањето на богоизбраниот Епископ г. Јоаким, во тронот на Дељадровско-илинденската епархија го изврши Неговото Високипреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј. Митрополитот Григориј на новиот епархиски архиереј му го честита востоличувањето и му посака плодна долгогодишна архипастирска дејност.
На епископот г. Јоаким му сослужуваа Нивните Високипреосвештенства Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј и Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован и нивните Преосвештенства епископот Рашко-призренски г. Теодосиј, епископот Бихаќко-петровачки г. Сергеј и епископот Делчевско-Каменички г. Марко.








Епископската служба е неиздвоива од христологијата. Епископот е на местото Божјо, εις τόπον του Θεού.
Службата на епископот е да го изврши делото на спасението, коешто го започнал Господ Исус Христос, и тоа точно се извршува во Литургијата, каде што е потребно активно учество на верниците, односно на народот.
Главен белег што е потенциран во беседата е, дека со примањето на здрав орган во нашиот организам, треба заеднички да постигнеме хомеостаза. Ги поминавме профилактичките фази на предакутност и акутност на имунолошкот систем, благодарение на мудрата клиничка имуносупресивна терапија и не смееме, во понатамошната коегзистенција, да дозволиме повредување на македонското идентитетско обележје, коешто во организмот ќе предизвика хронично отфрлање на здравиот трансплант. Хомеостатскиот успех ќе биде добробит на пресадувањето, нивната валидност, на трансплантот, ќе биде наша општа делотворност — како едно тело во автокефалниот организам на Македонската Православна Црква со полнотата на Едната Света Соборна и Апостолската Црква.
Сѐ со единствена цел, да се зачува мирот во Црквата, а тоа се остварува преку зачувувањето на репутацијата на дарителот, Неговата светост патријархот српски Порфириј, кој се покажа како деонтолошки пацифист, човекољубив миротворец; и не помалку е важен и примателот на трансплантот, Архиепископот Македонски Стефан, кој треба да коегзистира со имплантот.
Исполнувајќи ги двата неразделиви фактори на светотаинското битисување: благодатта Божја и љубовта на човекот, Тајната на Црквата се остварува и по благодатта и по љубавта. Сепак, човекот се спасува во слобода, а не по принуда, и заради тоа, благодатта надвор од соборноста и љубовта не се разгорува со животворен оган.
Овој народ има свој македонски идентитет, што е негово природно право, но и божествено право на самоопределување, и сака во слобода, а не под принуда да ги живее и во црквата.
Епископската служба не смее да се поврзува со индивидуалноста и самодоволноста, која може да егзистира надвор од Телото на Црквата. Епископот единствено постои во рамките на заедницата на Телото на Црквата. Епископската служба е служење на Бога, но и служење на верниот народ.
Службата на епископот е незамислива надвор од контекстот на евхаристиското собрание на коешто е присутен народот. Доколку на евхаристиското собрание не постои барем еден човек од народот, тоа е валидно, но е неделотворно. Оттука, службата на трансплантот (епископите и клирот, дарителите), не смеат да го повредат самоопределувачкиот идентитет на народот.
Најуспешниот начин за пренесување на христијанската порака, на народот кој е предмет на мисионарењето, е со употреба на методот на инкултурација, којашто најдобро може да ја спроведат оние епископи што му припаѓаат на народот, на неговите: култура и идентитет. Токму затоа, големите Помесни Православни цркви бргу сфатиле дека методот на акултурација и асимилација е неуспешен, затоа ја изменија стандардната мисионерска реторика, не се маладаптивни при мисионирањето, туку се адаптираат на културата на луѓето за да им ги пренесат својствата на Црквата и Христос.
Токму затоа, се чини дека и Свети апостол Павле имал ваков став, бидејќи му придавал доволно значење на фактот, дека им пишувал на живи луѓе од одредена географска област. Затоа, апостолот ѝ пишува на „Божјата црква“ – на собирот на живи луѓе, а не на географската област. Тој им се обраќа на Божјата Црква на Коринтјаните, на Ефесјаните, на Галатјаните… напротив, не се обраќал на изолирана географска локација, без идентитетско именување на луѓето кои живеат во неа, бидејќи апостолот знаел дека тоа е од второстепено значење за еклисилогијата. Идентитетски конкретниот народ ја сочинува Црквата Божја. Затоа, демографскиот момент има предност пред географската локација.

