† ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКИ,
ИСПРАЌА ПАСХАЛНО ПОСЛАНИЕ
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО БЕЗГРАНИЧНО ВООДУШЕВУВАЧКИОТ ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
„Со Твоите болки, Човекољубив, си ги смирил нашите болки, и сега си нè привел кон безболниот живот – нас, кои набожно се поклонуваме на Твоите чесни страдања…“[1]
Христољубиви чеда,
Светот никогаш не бил толку деперсонализиран. Човечките општества се наоѓаат во порочен круг на користољубивост и бараат излез од него и не наоѓаат; тој круг ќе досигне фетишизам, којшто ќе злотвори. Човекот е сосем механизиран и технологизиран. Човештвото е во колективна хипноза. Под власта на оваа хипноза се и оние што ја мразат болката и теоретски се расположени да страдаат; ниту тие не можат да се откорнат од порочното окружување. Карактерот на современата цивилизација го обезличува и објективизира човекот и тој создава технолошки предмети, коишто неодбранливо водат кон меѓусебно искористување, а на сметка на страдањето и чувствувањето болка за другиот.
Прашањето на користољубивоста, пред сѐ, е прашање на критериумот на вредностите. Хедонистичкото сметање на човек со човека е собирање на индивидуалните задоволства. Современоста го стави човештвото под управување на двајца суверени господари, болката и задоволството. Калкулусот во човекот му посочува какви користољубиви дејства треба да преземе, како и да утврди што ќе прави. Синџирот на причини и ефекти се прицврстени на престолот од човековиот разум и управуваат со него, во сè што ќе каже, во сè што мисли. Човекот го минимизира страдањето и затоа тој е духовно деградиран и објективизиран; совладан е од лицемерство и од итрината на борбата за превласт и искористувањето на трудот на другиот. Користољубивото богатење го измачува човекот, кој другиот го гледа како средство, како потчинет дел на нечовечна целина. Цивилизациската моќ креирана од централното чудовиште се извршува како вредност поголема од човека. Духовната војна веќе му е објавена на човекот, за неа веќе материјалните предуслови се подготвени и таа може да се појави во секој момент.
Во рацете на луѓето, обземени од волјата за моќ и користољубивост, кои меѓусебно војуваат за да стекнат моќ, соблазнети од лажните вредности, се наоѓа оружјето на неизгасливата жед за технолошки развој, неспоредливо пострашно од поранешното, кое што сега изгледа како коњска кочија.
Човекот го поробуваат лажните критериуми, дека технолошката предност во однос на другиот, а не личноста на човекот е највисоката цел на создадениот човек и дека страдањето му е фатум за да оствари најдостојна категорија за спасението од гревовната пропаст. При создавањето предности, човекот формира класи засновани врз неправедно стекната сопственост, насочена против луѓето исклучиво претворени во непријатели. Предностите неповратно водат кон изопачување на моралното чувство кон секој човек, кој е негов ближен.
Во царството на парите што човекот го создава преку користољубието, исчезнува боголиката суштина на човекот, тој е обезличен во него и тоа има страшна власт над човековиот живот. Под владение на тоа царство, човекот е човечка маса, доведена до најирационална состојба, до безумство на рационално користољубие. Техницизирајќи се, тој врши демонско обединување на крајниот ирационализам со крајниот рационализам. Тенденцијата кон лична корисност, формирајќи се преку хедонистичкиот калкулус на човекот, во него создава колективно потсвесно, притоа му ги парализира и личноста, и личната свест и личната совест. Интересот и сè што е поврзано со него, не е само гранична форма на насилството, туку и гранична форма на антиперсонализам, на негација на личноста.
Возљубени чеда,
Човекот е консеквенцијалист и предвид ја зема калкулацијата на она што ќе произведе добар личен исход или последица. Луѓето се водат од нивните интереси и интересите се спроведуваат во согласност со тоа како тие ги гледаат последиците што можат да бидат поврзани со нивните интереси. Во тој порочен круг, тие го максимизираат задоволството и ја минимизираат болката за другиот човек. Минимизирајќи ја вкупната количина агрегатно страдање, зголемувајќи го вкупниот износ задоволство, човечкиот образ се претвора во нечовечна реалност, дури и ѕверска доколку му се наруши волјата за насладување и моќ.
Човекот мора да го отфрли цивилизациското барање за користољубив натпревар и експлоатацијата на човек над човек. Волјата за моќ и болното самољубие во човекот се причина за најстрашната тиранија. Согласувајќи се на вооружен натпревар за зголемување на личната, државната и националната корисност, човекот во себе го брише Божјиот образ, а од него исчезнува способноста да стане личност и престанува и себеси и другите да ги смета за личности.
Минимизирањето на страдањето поднесено за секој човек тежнее кон глобално достигнување. Глобалниот господар има несовладлива склоност да го занемарува намалувањето на страдањата за обесправените, а за него е повредно зголемувањето на задоволство за богатиот и луксузот на буржујот. Лажна е и состојбата на оној светски господар, кој обезбедува доживотна благосостојба на многу луѓе, без разлика колку, ако го оправдува доживотното мачење на еден човек.
Браќа и сестри совоскреснати со Христа,
Создавањето лик на „не-пријател“ е нечовечно и безлично, тоа е злодело. Примената на евангелската Заповед за страдање е персонализам, поставување на човековата личност во центарот, признавање на нејзината врвна вредност. Затоа нема ништо почудовишно од одмерувањето на последиците за количеството задоволство што го постигнуваме од другиот човек. Чувството на одговорност за потенцирање за страдање и трпење болка од секого и за секого е особено нагласено денес, поради општата криза во светот и фактот дека беснее стремежот за господарење, за моќ, за успех, за слава, за насладување од животот. Копнеењето по волјата за моќ секогаш е ропство, ропски однос спрема себе и ропски однос спрема светот којшто станал предмет на копнеж, на алчност. Гладта за власт е ропски инстинкт.
„Бог ја избра крстната смрт за спасоносна Тајна. Таа е Тајна на човекољубието. Единствено Сатаната не сака Бог да пострада. Фактот го открива Христос, укорувајќи го апостол Петар за одвраќањето да не пострада, дека е недолично и недостојно за Него“[2].
Страдањето и болката за другиот е искачување на планината Голгота и преку нив сведочиме за живиот Бог, Кој дојде во светот како Образец на страдање, страдање на „на Нестрадалниот“[3]. „Целиот живот на Христос на земјата претставува еден непрекинат подвиг на страдање за спасението на човекот, победувајќи ги сите човекови маки заради гревот“[4]. Секој човек кој во себе ќе ги утврди категориите страдање и болка воспоставени од Образецот, тој зема учество во спасението на секое Божјо создание.
Страдањето е човекољубива – холистичка ствар, заедништво. Ако се повреди ноктот, тогаш целото тело ја чувствува болката, бидејќи сочувството проникнува во цело тело, така и Господ, соединувајќи се со нашата природа, ги усвоил човековите страдања, по зборовите на пророк Исаиј: „Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите.”[5].
Нема поголема љубов од тоа да се положи животот за ближниот. Оваа Заповед прво ја исполни Господ Христос, а потоа ни ја остави како завет, токму на денот на неговото страдање, неговото распнување и неговата смрт. Од својата бесконечна љубов, тој сè издржа заради нас, но и воскресна со својата бесконечна божествена сила.
Возљубени во Христа,
Служете Му на Господ Христос со сета понизност на умот! – отфрлете ги аристрократските теории за исклучителен човек. Тој човек ќе го најават како голем и генијален, но ќе го препознаете по тоа што ќе му биде потребно средство – човечка маса, којашто ќе ја користи за ѓубрење на технолошката почва, којашто ќе го прави „натчовек“.
Господи, подај ни благодат да се стремиме кон посовршеното, како што ни заповеда да не се уподобуваме на незнабошците“[6].
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
Велигден, 2026.
[1] Осмогласник, глас 3, Канон на чесниот и животворен Крст, во среда на утрена, песна 7.
[2] Догматика православне цркве, књига друга, Београд 1980, стр. 369–370.
[3] Исто, 381.
[4] Исто, 375 и 377.
[5] Мт 8, 17.
[6] Утрена, Велики Понеделник, на стиховни, самогласен, глас 5.


