Пасхално послание 2023 година

"Пасхално послание 2023 година"

 ГРИГОРИЈ,

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКИ,

ИСПРАЌА ПАСХАЛНО ПОСЛАНИЕ

ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО БЕЗГРАНИЧНО ВООДУШЕВУВАЧКИОТ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

 

Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол;

(Мт 28, 5‒6).

Христољубиви чеда,

Уништувањето на пеколот и смртта имаат онтолошко значење преку Воскресението Христово.

Изразувајќи се фигуративно, Христос се симнал во Адот (пеколот) богодолично, борбено, самоволно. Состојбата во Адот не можела да Го задржи Христос заради онтолошката надмоќ на безгрешноста на Неговата Личност во однос на огревовената состојба на мноштвото агресивни индивидуи ‒ водачи на Адот, бидејќи изобилието на добра кумулирано во еден човек е помоќно од севкупното зло насобрано во пеколот, и „не беше можно распадливоста да Го задржи[1]“.

Поради оваа причина, во православното предание, пеколот не е само место, туку владеење на смртта и ѓаволот и во светот. За душите на оние луѓе кои се во власта на ѓаволот и смртта, велиме дека се во пеколот. Токму во таа смисла треба да го разгледаме учењето на Црквата за Христовото слегување во пеколот. Кога Христос прифати да умре и на тој начин ја совлада моќта на смртта, а потоа со силата на Своето Божество ја победи смртта, на ѓаволот му го спротивстави Законот за спасение на секој кој ќе го исполни, притоа и двете ги направи целосно немоќни и лишени од силата, давајќи му ја можноста на секој човек, преку Својата сила, да избега од владеењето, моќта на смртта и ѓаволот. Сведоштво за Христовото слегување во пеколот наоѓаме во Посланието на апостол Петар, во коешто се вели: „Затоа и Христос, за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом, со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина“[2].

Христос Воскресна за да изгрее Сонцето на правдата за оние што живеат на земјата да имаат даден Закон, та и земјата да има Божја светлина, којашто може да свети за оние што живеат во темнина и во сенката на смртта.

Воскресението Христово е обновување на човечката природа, пресоздавање на човечкиот род, за човекот да има можност да пројави копнеж за време на животот кон есхатолошката реалност во вечните векови. Есхатолошката состојба на вечните векови ја создаваме во текот на животот, а преку промена на структурата на свеста, прекинот на објективизирањето, вбројувајќи се себеси во светоста на слободните личности. Кога зборуваме за Воскресението, ние не го одделуваме од Крстот, бидејќи и Крстот и Воскресението се две страни на искуството за ослободување од ропството на објективизацијата.

Воскресението Христово не треба да го славиме како историски или општествен настан, туку како онтолошки настан, што значи дека треба да станеме соучесници на благодатта на Воскресението, односно внатре во нас треба да создадеме копнеж за вечна близина со Христос.

Целта на духовниот живот на човекот е да се соедини со воскреснатиот Христос, да Го созерцува во длабочините на своето срце. Христос воскреснува во срцето, умртвувајќи ги насилните мисли, победувајќи ги страсните слики, искушенијата и реалните напади на гревот, како што некогаш ги победил силите на запечатениот гроб, коишто, фигуративно, претставуваат објекти на поробувачкиот материјализам и хедонистичкиот консумеризам на сетилата. Човекот може да остане вечно заробен од технолошките објекти, посебно од крајните цели на вештачката интелигенција, бидејќи во светот на објектите материјата, доколку човекот духовно не ја преобрази, таа е „посилна“ од Бога. Според тоа, не се работи за надворешно, обично славење, туку за внатрешно и онтолошко славење на Воскресението Христово. Од таа гледна точка, Свети Григориј Богослов нè советува да не славиме во занес, во опиеност и световно, туку на натприроден начин. Соединувањето со тајната на Воскресението е опит на обожение. Оној што е посветен на незамисливата сила на Воскресението знае од искуство со каква цел Христос го создал светот[2]. И навистина, човекот е создаден за да го достигне обожението и светот („космосот“) да се освети преку човекот. Затоа, тој што се посветил на оваа неискажлива сила на тајната на Воскресението, го достигнува обожението и ја исполнува целта за своето постоење, тој го стекнува најголемото познание, вечно блажено да се насладува од изобилието на добра во Царството Небесно, каде што вечно царува Христос.

Плашете се, беззаконски тирани. Христос се појави и предизвика голем страв, збунетост и ужас кај противниците на Заповедите Божји. После Воскресението Христово, кнезовите од пеколот гласно плачеле и тираните земни трепереле, и до ден денес плачат и треперат,  бидејќи оличноснувањето во Христа ја соборува секоја објективизација продуцирана од вештачката интелигенција и таа се покажува немоќна во поробувањето и совладувањето на охристовената личност.

Создавачот на суперинтелигенцијата и натчовекот е само друга  форма на ропство, е технолошка утопија наспроти Воскресението Христово и Царството Божјо. Звучи многу примамливо дека технологијата ќе го ослободи  човекот. Најслободниот Човек, Христос, не сакаше никому да му господари. Напротив, да не звучиме анархо‒примитивистички, вештачката интелигенција го создава ропството на човекот, му ја автоматизира когнитивноста; когнитивноста, пак, којашто спознава рационално, не стреми кон познание на духовното. Господарот на објективизираниот свет има крајна цел да загосподари со човекот. Волјата за моќ, за доминација и господарење, тенденцијата кон деспотизмот, жедта за власт, се страсти, тоа не е волја за слобода.

Затоа луѓето, и покрај здравиот разум, којшто е образот Божји во човекот, ризикуваат да се оддалечат од Христа, бидејќи често користат насилство, поттикнуваат војни меѓу народите и во своите раце земаат оружје за убивање, наместо главно оружје да им биде кротоста и смиреноста против коишто својства не може да владее законот на господарењето и империјализмот. Затоа, „повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“[3].

 

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,

По промисла и волја Божја, Македонската Православна Црква лани во јуни, долгоочекувано и радосно, го стекна своето воскресение, добивајќи автокефалност (сувереност) од (правен аспект од) својата Мајка Црква, Српската Православна Црква, а согласно правното и канонското начело на конвалидација ‒ исполнување на правните пречки за валидност на прогласената автокефалност од 1967 год. од страна на нашите „татковци основачи“. Меѓутоа, додека од српска страна добивме бранови на живот, од грчка страна добивме бранови на смрт. Набргу после добивањето автокефалност, Македонската Црква ја преплави бран на смртта испратен од оној што треба да „првенствува во љубовта помеѓу Помесните Православни Цркви“ и кој има обврска својата сила да ја искажува преку својата немоќ, зашто се вели: „Законот за првосвештеници поставува луѓе, што се немоќни“[4], напротив тој го изли бранот на омразата. Омразата секогаш сака некого да лиши од слобода. На Македонската Црква од омраза ѝ беше наложено да го избрише својот македонски идентитет, својот назив на областната Црква, притоа и да нè потчини под себе (да нè автономизира). А, знаеме дека идентитетот е лично својство на секој човек, е манифестација на слободата на човекот, е природно право за самоопределување и народно групирање околу еден идентитет. Притоа, наложувачот за бришење на македонскиот идентитет нема некаков извор на право да донесува такви одлуки за друга помесна црква, во случајот за Македонската. Волјата за моќ или супремација во Православната Црква, е спротивна на немоќта[6] за којашто ни е заповедано, и претставува империјалистичка волја ‒ непозната за Православната Еклисиологија.

 

Браќа и сестри совоскреснати со Христа,

Еве, и денес повторно, пред нашите очи стои гробната пештера со отстранетиот камен, којшто, при Воскресението Христово, се покажал несразмерно послаб за да можел да ја задржи силата на Воскреснатиот, Кој сè исполнува и Кој Е над силата на секоја твар, затоа и денес одекнуваат зборовите на Ангелот: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите! Он не е овде, а воскресна!“[7].

Да се поклониме на Неговото тридневно Воскресение!

Служете Му на Господ Христос со сета понизност на умот!

Повнатрешно од нашата најдлабока внатрешност сме исполнети со радост во Христос, Коj воскресна од мртвите и Коj со Себе го воскресна човечкиот род, и заради тоа избликнуваме и така се обраќаме кон Вас со радосните зборови на благовеста коjа повеќе од две илјади години се изрекува

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

 

Велигден, 2023.

 

[1] Од Василиевата Литургија.

[2] 1 Пт 3, 18‒19.

[3] Свети Максим Исповедник.

[4] Дела 5, 29.

[5] Ев 7, 26‒28.

[6] види: Дела 5, 29 и Мт 20, 26‒28.

[7] Лк 24, 5‒6.